Деветти мај, Ден на Европа или темниот нагон на европскиот фашизам (2)

За да дојдеме до модерниот европски фашизам, како што гледаш, драг читателу, почнавме од темпларите и крстоносците во 12 век, кога како контраст се јавуваат и трубадурите, далечни претходници на европскиот романтизам. Но, за жал, и европскиот фашизам со својот темен авантуризам и ариевизам има нешто од романтичарскиот елан витал. Тој се реализира во едно континуално темпо посебно по Колумбовото откривање на Америка во 1492 г. на планетарно ниво, од Јужна и Северна Америка, преку Африка, сѐ до азискиот Пацифик, до Индија, па дури и до Кина. Да. И тој темен ахасверовски западен романтизам на пљачкосување на туѓи народи низ неколку столетија стасува и во дваесеттиот, а сега продолжува и во дваесет и првиот милениум. Сега европскиот фашизам шокантно и неочекувано се одвива со погроми меѓу самите европски колонијалистички нации, и пак со мотивот на лакомоста за распределба на пљачките и капиталот. За тоа сведочат двете светски војни креирани од колонијалистичка Европа. Во нив имаше вкупно околу 100 милиони жртви на Стариот Континент.
Првата светска војна започна во 1914-та, по Балканските војни како нејзина увертира, чиј фитиљ пак беше запален од Европа. Черчил зборуваше дека Балканот произведува повеќе војни отколку што може да консумира, но, перверзен англосаксонски лисец, не кажа дека тоа производство и таа канибалистичка трпеза се секогаш, без исклучок, европска заслуга. Така. И само две децении по завршувањето на Првата, Европа, која не може без канибализам (сега и автоканибализам), во стилот блицкриг ја започна и Втората светска војна со планетарен радиус на опфат. Може пак ариевска Европа реши да заведува низ светот, како што велеше Черчил (за нас Македонците поголем фашист од Хитлер) кај нестабилните и недоволно според англосаксонски терк нецивилизирани или полуцивилизирани народи „стабилни системи“. Ама испадна, парадоксално, и внатре за канибалистичка Европа, која во две големи војни повте и самата да се изеде и проголта. Митскиот уроборос сосе опашката се проголта целиот себеси. Двете светски војни мотивирани од западната материјална лакомост го фрлија светот во агонија и невидени страдања. Но основното прашање сега е, драг читателу, дали по сиот тој пекол колонијалистичка Европа, поучена од тоа искуство, стана помудра и се искрена, како што би рекол нашиот Климент Охридски, од анималното кон ангелското или не. А по сѐ изгледа дека одговорот на ова травматично прашање е НЕ, оти брзо се оствари пророштвото на германскиот писател и хуманист Томас Ман веднаш по завршувањето на Втората светска војна: „Хитлер е победен, но фашизмот не е“. И не требаше долго време за тоа пророштво да се покаже како точно. Кусо време по планетарниот пекол се оствари тоа. А, парадоксално, пак, се оствари и пред да го изусти него германскиот гениј. Тоа беше спепелувањето за само една секунда на Хирошима со американската атомска бомба во август 1945-та, кога веќе беше добиена војната против „оската на злото“. И тоа сега не беше агресија, туку деструкција, темна страст да се понижи и спепели докрај победениот противник. Тука немаше ништо од формулата на Христос: „Сакај го и својот непријател“, посебно и во ситуација во која тој е уништен, а ти го доуништуваш докрај. Хирошима воленс/ноленс, драг читателу, го покажа мефистофелското (ѓаволско) лице на западната цивилизација, која посебно веќе и не е фаустовска, како што ја нарекуваа Шпенглер и Гете.

Со Хирошима стапи на сцена американскиот хегемон како нов систем на западниот фашизам. Тој се оствари со американските бомбардери полни со смрт првин во Виетнам, а потоа на Блискиот Исток во Либија, Ирак, Сирија, Либан, а потоа и во Авганистан. А тој постфашистички систем на (пак неизбежниот Черчил) создавање „стабилни системи“ и со бомби и смрт како западен „демократски“ изум го почувствуваа и Србите во 1999-та, 78 дена бомбардирани од авионите на НАТО, а го почувствувавме и ние во помал обем во терористичката 2001. Како компензација од Западот (Вашингтон и Брисел) по ироничниот од нив донесен мир ни беа тупосани терористите, преименувани перверзно во борци за човекови права, во владата на кревката нова македонска република.
Туку она што е тука и сега по Втората војна парадоксално тоа е, и во фројдовска смисла на несвесното/потсвесното, борба за доминација на виталистичката енергија на фашизмот меѓу Америка и Европа. Тоа во улога на маестрален психоаналитичар од јунговски тип на колективно несвесното извонредно го детектира (сум пишувал за тоа) американскиот писател Норман Мајлер прeку зборовите на генерал Камингс, еден од ликовите на неговиот култен роман „Голи и мртви“, кој децидно вели дека Германците не се способни за фашизам, туку тоа се Американците, новата дарвинистичка енергија на планетата. Така. Тоа е точно, но сепак Мајлер премногу ја потцени Европа чиј изум е фашизмот, а од неа го позајми за да му даде нова димензија неговата вонбрачна ќерка Америка. Ја потцени, но иако заостана зад американската Хирошима, таа сепак побрза да земе чекор, и само три години по падот на фашистичка Германија го обнови фашизмот во 1948-та со геноцидот на Македонците во Егејска Македонија со англосаксонските бомбардери полни со напалм-бомби и смрт. Со тоа се оствари дистопичното пророштво на Томас Ман на европски терен: „Хитлер е победен, но не и фашизмот!“
Да. И тука, фројдовски речено, пак е на дело еден типичен комплекс на европската колонијалистичка психа, нејзиниот темен амбивалентен однос кон злото, кое ем би сакала да го победи, ем откако божем ќе го стори тоа ѝ е жал и повторно му се враќа нему како на љубовница, го обновува и чува како тајно алхемиско злато исклучиво за себе. Не му ги дава на друг ни победата над фашизмот ни него. Евидентен парадокс, комплекс залегнат во ариевската психа на европскиот колонијалистички Запад низ долгите столетија на колонизаторска доминација со светот. Тоа е амбиваленцијата, агонијата и рашомонијадата на западната психа за која нешто повеќе од Фројд може да каже Јунг, кој го откри, и се занимаваше со посебна фасцинација со него, колективно несвесното. Добро. Но како и да е, тука доаѓаме, драг читателу, како илустрација на тој темен европски комплекс до односот на Европа со Русија и нејзиниот патолошки анимозитет кон неа. Имено, ариевски (самоволно) бриселска ЕУ со надувано евроетноцентрично его 9 Мај, именуван како Ден на победа над фашизмот, го преименува во Ден на Европа.

И тоа говори сѐ во прилог на нашата куса психоанализа на комплексот на европската ариевска психа, драг читателу. Можеме да им бидеме тука јас и ти асистенти на Фројд и Јунг. Заслужуваме. Европа, егоистична, сака победата над фашизмот да си ја задржи исклучиво за себе, а притоа (не може ја сокрие темната потсвест) сака да го задржи за себе и него, за што има цела серија на примери за тоа по Втората светска војна. Крунски пример за нејзиниот божем „хуманистички“ егоизам тука, драг читателу, веќе погодуваш, е нејзиниот болен „руски комплекс“. Всушност со новото именување на Денот на победата над фашизмот, затворено во европска шифра, е анулирана Големата Матушка од тој величествен чин за чие остварување таа даде 27 милиони жртви. Оти без неа, Советска, којзнае и дали ќе беше победен Хитлер. Немаше. Оти таа и го заби советското знаме прва на Рајхстагот во Берлин, за што никогаш евроамериканскиот суетен Запад не може да си прости. Затоа како глупава компензација, премногу провидна и перверзна, тој ги обнови макартизмот и новата русофобија, без никаква причина, која, за жал, беше наметната и на нашата западополтронска евроамериканска политика. Оти Русија уште од времето на Петар Велики копнеела за Европа, за братска цивилизациска прегратка со неа, но таа ја одбивала и неа ја буткала кон Азија, која ја сметала за варварска и чија мистика до денес не ја сфатила.
Да. По сѐ ова, драг читателу, пак неминовно се враќаме на континуитетот на фашизмот на колонијалистичка Европа (постојано ја употребувам присвојната придавка колонијалистичка за да ги одбранам од фашизмот некои неколонијалистички европски нации), кој е неуништливо западно ариевско семе. Неговите знаци денес се повеќе од видливи. И пак се тука, драг читателу, знак на европскиот постфашизам по 1945-та Македонците и нивниот идентитетски геноцид Преспа 2018. Фашизам без крај. Од тука до вечноста. А сега Вавилонската Блудница со седиште во Брисел на Белгија, која ги опљачка дијамантите на Јужноафриканската Унија. Нејзиниот крвожеден крал Леополд им ги сечеше прстите на нејзините црни жители да не дојдат до нив. Европа се фали дека го победила фашизмот, криејќи го истовремено постфашизмот по Втората војна што го обнови како своја темна страст. Рилке во една песна говори за „темната страст на предметите“, но тоа е нешто друго од европската фашистичка страст, евентуално ако тоа интуитивно, аналошки не ја става таа Европа (поетот ја доживеал Првата светска војна) во тие предмети како предмет. Којзнае. Да се читаат шифрите на поезијата понекогаш е екстремно тешка работа.
Тоа. Но дека веќе јасно се слушаат, драг читателу, чекорите на постфашизмот во Европа е повеќе од јасно. Него сега, по македонскиот идентитетски, го гледаме во физичкиот геноцид во Палестина во која е вклучена целата западна цивилизација според истиот тоталитарен модел карактеристичен и за нашиот македонски идентитетски геноцид. Денес има знаци на повампирување на европскиот фашизам, негова обнова. Изговор за тоа сега се страшните Руси, кои никогаш не ни помислиле, ниту сега помислуваат да ја нападнат Европа, но тоа е изговор за бриселска ЕУ да програмира 800 милијарди евра од вишокот на вредност на работничката класа за брза милитаризација, во што најревносна за тој милитаристички проект и сега, како и во триесеттите години на минатиот век, во времето на Хитлер, е Германија. Не мириса на арно работата. Покрај Русија, тука е новопроизведениот страв, што го форсира Америка, од Кина. А наместо тоа, професорот Џефри Сакс од универзитетот „Колумбија“ им порача на Европејците да се угледаат, имено, на Кина и да ја прифатат нивната мирољубива филозофија на Лао Це и Конфуциј. Притоа, како илустрација на тоа, тој ги потсети нив на фактот дека Кина не војувала со никого од 1368 до 1839 година и дека имала пред шестотини години само една војна со Виетнам, и толку, додека Европа не може да замисли да живее катадневно без војни од кои страдаат и многу народи надвор од неа.

Но она што е посебно страшно во модерниот западен фашизам тоа е употребата на науката, посебно физиката, биологијата и хемијата, за уништување на човештвото. Така, на пример, тоа и се случи со најрадосното откритие на физиката во 20 век атомот и неговата структура, што доведе до производство на атомската бомба, која за само една секунда направи пепел од Хирошима, за што жалеше посебно и го јадеше јанѕата Ајнштајн. Нагасаки, пак, ден потоа беше пеплосан со плутониумска бомба. Тоа. Плутониумот е елементот, надвор од природната Менделеева таблица на елементите, што го произведе во својот графитен реактор генијалниот италијански физичар Енрико Ферми. Тој беше смртоносниот полнеж на бомбата фрлена на Нагасаки, кога за секунда беа убиени 40 илјади негови жители. Така беше иронично награден ингениозниот физичар за својот пронајдок од американскиот претседател Труман, кој ја тестираше американската деструктивна моќ на двата јапонски града како најрадикален експеримент на западниот фашизам. Но не се застанува на тоа, туку се оди на уште повисоко ниво на деструкција. Новите смртоносни тестови за тоа денес се прават во геноцидот од страна на Израел во содејство со колонијалистичките сили на Европа и Америка над голоракиот народ на Палестина, одбран како и Македонците за апсолутна ликвидација. Имено, сега во новиот западен фашизам е вклучена со висок интензитет и вештачката интелигенција, која веќе и со тоа однапред ја опцртува тотално дистопичната слика на човештвото. Во својот есеј „За вештачката интелигенција“ („Нова Македонија“ 22-23 март 2025) академик Љупчо Коцарев како илустрација за тоа се повикува на израелското списание „+ 972“ со неговиот „застрашувачки извештај за системот ’Лаванда‘ што користи вештачка интелигенција за да идентификува и погоди хипотетички непријателски цели: невини минувачи, деца што се враќаат од училиште, жени што одат да налеат вода од фонтана. Во текот на првите недели од војната, според списанието, 37.000 Палестинци означени како осомничени милитанти од системот „Лаванда“ се збришани од израелските воени напади.“
Ништо од утопија. Светот во континуитет е во дистопија, особено од Колумбо наваму, со почетокот на лакомиот незапирлив европски колонијализам. И Фројд, таткото на психоанализата, беше песимист по однос на сликата на цивилизацијата во која живееше. Во својот есеј „Нелагодноста на културата“, пишуван во триесеттите пред Втората светска војна, пишува дека светот располага со средства за свое целосно истребување. Последната реченица од тој есеј гласи: „И сега треба да очекуваме дека онаа првата од двете ’небесни сили’, вечниот Ерос, ќе направи напор за да се одржи во борбата со својот исто така бесмртен противник“ (односно со нагонот за агресија и самоуништување). Така, а во тој дистописки контекст ќе го спомнеме и пророчкиот сон на К.Г. Јунг за кој тој зборува во својата „Автобиографија“. Имено тој раскажува тука за страшниот апокалиптичен сон, како излезен од книгата на „Откровението“ во Новиот завет, во кој ја видел Европа од неговата родна Швајцарија па до Скандинавија потопена во крв. Тој таквиот сон како страшна откровенска визија го сонувал пред Првата светска војна. Но како што се гледа неговата пророчка шифра ја опфаќа и сликата на Втората светска војна. А којзнае дали овој крвав потоп се повлекол целосно и по неа од лицето на Европа и нејзините „мајстори на смртта“, како што би рекол Пол Целан.