Спомениците и историско-идеолошкиот ретуш

Историјата ја пишуваат победниците, преданијата ги ткаат пајаците, извесна е само смртта… Историјата како содржина и структура е ментално врзивно ткиво и психолошки ексклузивитет на заедниците, подвлекуваат историчарите, а историската втемеленост е важен предуслов и основа при создавање, градење и зацврстување на националната свест и историското паметење.
Но, очигледно е дека и христијанската заповед за љубовта станува безначајна кај дел од христијаните кога се работи за љубовта кон почвата и крвта, кон историските територии, кон сопствената славна историја и кон сопствениот народ.
Нешто слично, и потврда и како вовед во ова писание, се случувањата и војната во Украина. Во филмот „Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски (1966), кој на времето се прикажуваше во киното „Дом на градежните работници“ во нашиот град, има една сцена на сурова братоубиствена војна за превласт меѓу двајца браќа, руски кнезови, во 15 век. Едниот, со помош на Татарите, ја уништува престолнината на брата си, прочуениот град Владимир. Безмилосно се убиваат сите што побарале заштита во црквата, притоа пустошејќи го и храмот. Татарите потсмешливо набљудуваат како христијанскиот кнез, од желба за моќ, ги убива своите христијански браќа и ја пали црквата. На вџашениот Рубљов, кој стои среде црквата преполна со убиени, му се јавува во видение неговиот починат учител, прочуениот иконописец Теофан Грек. На прашањето на Рубљов како може христијани, браќа, да се убиваат едни со други, учителот одговара дека така било и во негово време, во Новгород. До кога ќе биде така, го прашува очајниот Рубљов. Засекогаш, одговара Теофан Грек. Тарковски со тоа го прикажува многу силно т.н. „вечно враќање на војните“ кај словенските народи, кои често се пресметки и битки, блокади, непризнавања, омаловажувања и меѓу недобронамерни современи ревносни православни христијани. Така беше во филмот „Рубљов“ синеастичко и филозофско – историско ремек-дело.
Понатаму – историјата, колку и да се пишува трезвено и со волја за објективност, во некои аспекти бидува и останува само книжевна, понекогаш и синеастичка измислица и ја претставува третата димензијата на фикцијата, според мудрите филозофи.
Деновиве кога се слават битки и победи, еве еден „светол“ пример на историска објективност. Во времето кога се славеше 50 години од десантот во Нормандија, француските историчари објавуваа текстови за големата бројност на француски војници што учествувале во десантот. И тогаш педантните Англичани ја објавија до еден „големата“ бројност. Таа да ти била помеѓу 650-700 Французи…
Секое време си има и своја историја. На нашиве простори беа многу владетели и секој си пишувал и запишувал историја и историски беневоленции по свој терк… Така, и македонската историја во долгогодишната, дозирана употреба во не толку далечното минато, често биваше и беше редуцирана и приспособена според идеолошко-политичките и геостратегиски потреби на „поранешниот југословенски концепт“. Во неа освен за Гоце, Јане, Даме, НОБ, АСНОМ и неколку локални „случки од собитиен карактер“ и ретуширани епизодисти, кои беа подигнати на степен на историско паметење, немаше место за многу личности и дела што не собразуваа со историско-политичките потреби.
Во таквиот невротичен амбиент на идеолошко-политичка постмодерна историја, често извесни просечни историски збиднувања и личности беа подигани на степен на славење и опевање и, со методологијата на историскиот ретуш и селективност, претворани и втемелени како апсолутна вистина, која понатаму со текот на времето и со „добро“ осмислена педагошка методологија се вградуваше во паметењето на генерациите и прераснуваше до димензија на историски факт, што често се ползуваше за егоистични, дневнополитички и демагошки цели.
Идеолошко-политичко постмодерно толкување на историјата можеби е една од причините што нашата држава и народ често во минатото, па и денес, од некои места и кругови, се нарекувани вештачка, коминтерновска творба, измислена нација со ограничен и оспоруван идентитет.
Во последниве децении независност се подотворија вратите на светлосивите, но и мрачни депоа на „долгата и неверојатна историја на Македонија и нејзината многу често бездушна употреба за најразлични цели интереси“. Од малкуте зачувани правливи фасцикли изминативе триесетина плурални лета, некако срамежливо и скромно започнува да извира една малку поинаква и тивка историја со протагонисти за чие постење малку знаевме до пред независноста и нивните имиња беа изговарани со шепот, со обѕрнување, претпазливост.
Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Емануел Чучков, Љупчо Арсов, Ване Полежиновски-Кичевчанецот, тоа е првата петорка на АСНОМ, на која освен визија и идеалот за независна и слободна Македонија ѝ е заедничка и трагичната судбина. Сите, како по некое непишано судбинско правило, окончаа во матните и докрај неразјаснети околности и лавиринти и беа заборавени и избришани од историското паметење. Чакаларов, Тодор Александров, Шатев, Татарчев, гемиџиите. Се наѕира, заокружува и потврдува старата општоприфатена вистина дека и историската, како и секоја правда, е бавна, но дофатна. Со текот на времето пополека бледнее идеолошко-историскиот ретуш, и денес слободно и со полно име и презиме можеме да ги изговараме имињата, да се поклонуваме пред спомениците на протагонистите на праведната и вистинската историја и да нурнеме во длабочините на сопственото историското минато.
По 120 години од Илинденското востание и повеќе од осумдесет години од АСНОМ и пред сите идни јубилеи и историски премерувања, за автентична, поширока и поопсежна историска интерпретација, се надевам извлековме доволно поука, дека е упатно историјата да се ослободи од идеолошко- политичките хипотеки и во неа секогаш да се има и да се негува доволно простор за личности и дела што допрва треба да ги откриваме и верифицираме во историските четива и како споменици на плоштадите и кружните текови, сведоштво за една малку позната историја. Само така ќе ги надминеме поделбите, ќе одговориме на историските предизвици и ќе ги јакнеме кревката македонска кохезија и националната свест.

Аљоша Симјановски