А кога веќе зборуваме за „прекинот на врските“ меѓу Скопје и Приштина, наспроти сите декларативни заложби за непречена комуникација во интерес на двете страни, треба ли да потсетуваме на оглушувањето на косовските власти за испорачување на осомничените за масакрот кај Смилковско Езеро, на пример. Токму затоа, треба сериозно пристапување кон работите и од двете страни, од северната страна, малку повеќе. Ако претендираме да бидеме современи држави што сакаат да си ги уредат работите, пред сѐ со соседите, тогаш мора да се изнајде начин за решавање на проблемите. За почеток, да се размисли понекогаш и за последователен реципроцитет, како една од основните алатки на дипломатијата
Македонско-косовската граница повторно се наоѓа во фокусот на медиумите, а јавноста, особено инволвираните во засегнатите стопански гранки, со нетрпение го очекуваат расплетот. Имено, вчера беше официјално соопштено дека Стопанската комора, по дојава од членки извозници за задржување македонски камиони што транспортираат прехранбени производи на територијата на Косово, бара итно преземање на неопходните мерки и нормализирање на протокот. Како што се дознава, изговорот од косовска страна бил дека задржувањето од страна на надлежните косовски институции е поради чекање резултати од лабораториски анализи.
Во соопштението од Стопанската комора беше посочено дека, според информациите што ги добиле од домашните извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од Македонија, без соодветно образложение, што предизвикува економски штети и нарушување на трговската размена. Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносните стандарди, како што нагласуваат од комората, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации. По ваквата алармантна вест, беше објаснето дека ќе дојде до итна средба на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, со претседателот на Косовската комора, Лулзим Рафуна, со цел да се изнајде решение и да се одблокира застојот.
Ваквата информација на прво читање изненадува, пред сѐ поради фактот дека наспроти сите залагања за градење добрососедски односи, се прават непотребни застои на границата, од кои штетни последици трпат и извозниците и транспортерите. Но ако се навратиме само малку наназад во минатото, ќе се сетиме дека ова не е првпат да се преземат вакви чекори од косовска страна. И порано се наоѓале разни изговори за да се спречи влез на македонска стока на косовска територија. Интересно е дека и тогаш се наведуваа некакви слични толкувања, за по кусо натегање да се крене рампата и стоката да помине како ништо да не било. Ако добро нѐ служи сеќавањето, пред 12 години, блокадата траеше цела недела, па камионџиите во знак на револт ја беа блокирале границата на двата премина Јажинце и Блаце. Откако политичарите од двете страни некако ја „испеглаа“ работата, камионџиите се повлекоа, ја ослободија границата, а бизнисмените со денови ја пресметуваа штетата поради блокадата.
Барем тоа беше сликата што ја виде јавноста. Доколку имало нешто друго, веројатно нема никогаш да се дознае, но во секој случај, тоа беше непријатна епизода, за која мислевме дека нема да се повтори и дека ќе ја заборавиме.
Но, еве, историјата се повторува и сега претседателите на коморите ќе се обидат да најдат заеднички јазик за да се крене рампата.
Сепак, дури и експресно да се реши проблемот, останува да лебди прашањето – каде се тука заложбите за добрососедство? Каде се најавите за побрз проток на луѓе и стоки, за што досега повеќепати се дискутирало на официјални средби на највисоките функционери од двете земји?
Во тие рамки, треба ли да се потсетуваме дека во 2018 година од високи претставници на двете земји беше потпишан меморандум за соработка во областа на интегрирано управување на границите меѓу двете земји, кој требаше да овозможи побрза размена на информации, кои ќе овозможат побрзо движење на патниците и стоките на граничните премини, а ќе помага и во борбата против корупцијата и тероризмот. Тогаш беа давани изјави дека спроведувањето на овој договор се очекува да ги олесни тешкотиите со кои се соочуваат граѓаните на двете земји за време на преминување на границата, особено на бизнисмените за време на транспортот на стоките во двете насоки.
Но тоа се протоколарни изјави со кои се одбележуваат токму такви настани, кои потоа во стварноста се демантираат на најнеубав начин. Ако, пак, од друга страна, ги прашате камионџиите што пред 12 години „дремеа“ една недела на блокадата чекајќи да се крене рампата или, пак, овие актуелниве што се соочуваат со некакви нови забрани за влез, тие имаат свој коментар, кој не е најсоодветен за во весник.
А кога веќе зборуваме за „прекинот на врските“ меѓу Скопје и Приштина, наспроти сите декларативни заложби за непречена комуникација во интерес на двете страни, треба ли да потсетуваме на оглушувањето на косовските власти за испорачување на осомничените за масакрот кај Смилковско Езеро, на пример.
Токму затоа, треба засукување ракави и сериозно пристапување кон работите и од двете страни. Ако претендираме да бидеме современи држави што сакаат да си ги уредат работите, пред сѐ со соседите, тогаш мора да се изнајде начин за решавање на проблемите. За почеток, да се размисли понекогаш и за реципроцитет, како една од основните алатки на дипломатијата.