Имаме експанзија на интернационализми во секојдневната комуникација, особено кај младите, како резултат на дигиталните технологии. Зборовите твитање, гуглање, шопинг, фаст фуд, принтање, кастинг, кул, тренд, лајк, френд… веќе се одомаќени во секојдневната комуникација. Јазикот е отворен на влијанија во глобалниот свет, особено со многубројните начини на масовна комуникација, но и во тоа треба
да се има вистинска мера. Масовната употреба на преведувачот на Гугл, во преводните текстови во медиумите, па дури и во книжевните преводи, само придонесува за уште поголемо искривоколчување на јазикот. Хиперпродукцијата му штети на квалитетот, па во морето објавени книги има многу импровизации, грешки и отстапки од македонскиот книжевен јазик, пропусти на цели реченици, погрешна
транскрипција…
Во понеделникот во земјава со повеќе манифестации се одбележаа 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Овој значаен јубилеј беше повод за интервју со професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е и претседателка на Советот за македонски јазик (објавено во денешниов број во прилогот за култура ЛИК). Во интервјуто професорката, меѓу другото, зборува и за еден од најголемите проблеми денес, а тоа е непочитувањето на стандарднојазичната норма.
И вистина, откако официјално 5 мај беше прогласен за Ден на македонскиот јазик, датумот редовно е повод да се укаже на некои од најголемите предизвици со кои се соочуваме секојдневно во употребата на јазикот, почнувајќи од неговиот статус во образованието, каде што е сведен, безмалку на изборен предмет на кој не му се придава особено значење, со наставен кадар без строги критериуми, дури и со слабо познавање на нормите и правилата. Во медиумите, пак, кои би требало да бидат еден од главните извори на описменувањето, правилната употреба на стандардниот јазик е исклучок, а не правило. Сè помалку студенти го изучуваат македонскиот јазик како специјалност на факултетите затоа што не постојат доволно работни места (лекторски) во приватните и во јавните институции и организации.. Државните и јавните институции пишуваат соопштенија, текстови, говори без тие да поминат на лектура. Законот за употребата на македонскиот јазик никако да профункционира. Македонистиката како научна дисциплина не се развива најмногу поради отсуството на подмладување со нов научен кадар. Лекторатите во странство, кои на времето беа гордост на македонистиката, сега работат без доволно кадар и без основни средства за работа, а лекторите одвај составуваат крај со крај извршувајќи ја оваа благородна мисија…
Посебна тема е експанзијата на интернационализми во секојдневната комуникација, особено кај младите, а како резултат на дигиталните технологии. Зборовите твитање, гуглање, шопинг, фаст фуд, принтање, кастинг, кул, тренд, лајк, френд… веќе се одомаќени во секојдневната комуникација, но голем број туѓи зборови што се употребуваат не ги разбираат ни постарите ни младите, или погрешно ги разбираат (на пример, транспарентна – бил разбран како актуелна или компетитивна – како одговорна). Очигледно дека македонскиот граѓанин, кај не го знае ни сопствениот јазик, тешко се справува и со прогресивната глобализација. Јазикот е отворен на влијанија во глобалниот свет, особено со многубројните начини на масовна комуникација, но и во тоа треба да се има вистинска мера.
Масовната употреба на преведувачот на Гугл, во медиумите, па дури и во книжевните преводи, само придонесува за уште поголемо искривоколчување на јазикот. Прашањето за лошите книжевни преводи е едно од вечните прашања во оваа професија, а за да се даде одговор, прво мора да се разјасни што е превод, каква е задачата на преведувачот и колкава слобода има тој при преведувањето на текстот. Не секогаш добиваме лоши и неупотребливи преводи од непрофесионални луѓе. Издавачите често само се обидуваат да преживеат на пазарот, па не водат грижа за тоа да обезбедат квалитетни преводи од докажани преведувачи, кои би чинеле поскапо, туку ангажираат непрофесионалци, кои се случува и да рециклираат стари преводи, па дури и да се потпишуваат со имагинарни имиња. Хиперпродукцијата му штети на квалитетот, па во морето објавени книги има многу импровизации, грешки и отстапки од македонскиот книжевен јазик, пропусти на цели реченици, погрешна транскрипција…
Затоа, во право е професорката кога вели дека поголемо прашање од неговото опстојување е каков ќе биде македонскиот јазик во иднина со оглед на непочитувањето на нормата, опаѓањето на нивото на неговата употреба во јавната комуникација и влијанието на англискиот јазик. И затоа грижата за јазикот треба да биде државна стратегија, да се обрне поголемо внимание на неговата употреба дома, но и на негова поголема афирмација во странство.