„Киднапирањето“ на Влатко Стефановски во Вашингтон

Зборувавме за Тито и Југославија, а мислевме на Македонија

Омаж по повод 50 години творештво

Во 1982 година, во Вашингтон, го запознав Влатко Стефановски. Во тоа време бев советник за наука и технологија во југословенската амбасада. Влатко беше дојден во рамките на Југословенската недела на културата. Беше изведена и претставата „Ослободување на Скопје“, на „Казалиште, позориште, гледалишче, театар“ (КПГТ), во режија на Љубиша Ристиќ.
Таа прва средба со Влатко ја запаметив по две работи.
– Ќе сакав брат ми Горан да беше сега тука. Ќе сакав да го запознаете – рече Влатко.
Влатко ме изненади. Само што се бевме запознале, а од некаде доби желба да го запознаам и брат му.
Влатко го имав викнато на пијачка. Двајца Македонци, далеку од дома – беше добар повод за средба и запознавање. Сакав тоа да биде во домашна атмосфера, а не во канцеларија, во амбасадата.
– Навечер не сум слободен. Настапувам во неколку клуба во Вашингтон – рече Влатко, прифаќајќи ја поканата
Така, испадна дневнa пијачка. Бев сам. Калиопи со децата беше на одмор во Македонија. Јас се имав вратено порано во Вашингтон, заради обврски во амбасадата.
– Влатко, да ти откријам нешто. Знаеш, како дете, во средината на 1950-тите, ги запознав мајка ти и татко ти. Беа дома кај нас. Татко ми ги имаше покането на вечера – му реков.
Сега беше ред на Влатко да се изненади.
Му беше мило кога го слушна тоа. Моите сеќавања од педесеттите години за неговите родители му послужија како неочекувана врска со сегашноста. Скопје од моето рано детство во 1950-тите години и Вашингтон во раните 1980-ти години наеднаш сентиментално се поврзаа. Двајцата почувствуваме дека тоа и нас нѐ поврза. И нè зближи на начин што, еве, ми останал во сеќавање.
– Знаеш, на таа епизода добро се сеќавам. Во тоа време, мајка ти Нада работеше во Радио Скопје, како и татко ми Боро. Колку што се сеќавам, со татко ти Мирко се знаеја преку соработката во Работнички дом или Домот на градежните работници, така некако. Гледаш, се сеќавам дури и на имињата на твоите родители! – додадов.
Влатко остана без текст.
За време на таа прва неколкучасовна средба ни тргна муабетот. Беше очигледно дека обајцата сме поттикнати – колку од самата тема, толку и од сличноста во резонирањето.
Разговаравме за тоа дека треба да се биде поригорозен и поодговорен во сето она што го правиме во животот.
– Секој од нас, како граѓанин, како поединец, но и како заедница. Сите ние, како учесници и чинители во општествените збиднувања, особено сега, по смртта на Тито – спонтано се согласивме двајцата.
Се согласивме дека – „и после Тито, Тито“ – е погубно размислување. Дека е лекомислено да се помисли дека и по смртта на Тито сè ќе биде исто – „само него го нема“. Напротив, бидејќи го нема, тоа треба да се надомести со промена во однесувањето на секој и на сите. Дека не може повеќе да биде – „business as usual“!
Се чинеше дека, во тие мигови, со Влатко споделуваме ист ентузијазам. Ист младешки порив да бидеме подобри во сè што правиме. Искреноста на нашето верување дека тоа може да има придонес кон општото добро не оставаше простор за патетика.
Зборувавме за Тито и за Југославија, а мислевме на Македонија. За тоа како ќе се одвиваат натаму работите во земјата. Каде ни е нам местото? Што правиме и што треба да правиме ние во Македонија? Каде оди Југославија? Како во другите републики гледаат на Македонија, на нас, Македонците?
Денес ми е јасно дека такви муабети, особено во тоа време, можеа да се водат само меѓу луѓе што сакаат да гледаат подалеку од секојдневните случувања. Веќе две години како Тито беше починат. Перспективата на земјата не беше сосема јасна.
– Размислувате слично како Горан. Штета, велам, штета што тој не е сега тука со нас. Ќе најдевте многу сличности во размислувањето и во пристапите. Би било добро вие двајцата да се сретнете штом ќе се вратите назад во Македонија! – повторно коментираше Влатко.
По силата на околностите, до средба со Горан Стефановски никогаш не дојде. Животот и дипломатијата повторно ме однесоа, на повеќе години, надвор од Македонија. Во Картум, Судан и во Пекинг, останав скоро осум години плус, уште една година, повторно во Вашингтон, но овој пат како визитинг-професор на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Во меѓувреме, Горан се беше отселил во Англија.

За „киднапирањето“

Втората работа по која ги запомнив средбата и запознавањето со Влатко имаше врска со киднапирањето. Ни имаше тргнато муабетот и набрзо некаква хемија проструи меѓу нас. Во таква атмосфера, збор по збор, чашка по чашка, стигнавме до точка кога двајца луѓе што првпат се среќаваат во животот почнуваат да зборуваат и да се однесуваат меѓу себе како да се познаваат уште од одамна.
Влатко во тие мигови ми кажа нешто што ми прозвучи како желба да сподели нешто лично со мене. Ми зборуваше за настапите во клубовите тие денови во Вашингтон. За средбите и дружењата со младата публика по концертот. Без намера да звучи важно пред мене, но и без намера да се исповеда, ми рече:
„Знаете, имав неверојатна средба и размена со една девојка после настапот во еден клуб. Се случи јас и еден помлад глумец од КПГТ да бидеме ’киднапирани‘ од две девојки. Нѐ одведоа во непознат правец, на непозната локација. Но она што остана познато и запаметено од таа средба беше дека четворицата имавме луда забава во стил што сакаа да го наметнат младите Американки, но сепак, беше изведена на балкански начин, за што ние се потрудивме“.
Во ниеден момент не помислив дека Влатко со оваа исповед сака да си придаде себеси значење. Во тоа време тој градеше музичка кариера, која брзо и уверливо одеше кон врвот. Беше висок и привлечен. Вистински урбан аџамија. Сѐ си беше природно во она што го рече, се вклопуваше, без остаток, во возраста и во интимноста на моментот во дадените околности.
Уште од првиот момент ми беше јасно дека Влатко не го рече тоа што го рече за да се пофали. Дури, не беше некакво доверување – „man to man“ – произлезено од моменталната атмосферата во муабетот и некоја од чашките скоч, кој очигледно беше отповеќе. Го доживеав како спонтан исчекор во муабетот.
Во годините што следуваа имаше мигови кога се прашував дали Влатко воопшто се сеќава на овие детали од нашата вашингтонска епизода од младоста. Измина многу време од тогаш. Протече многу вода низ Вардар и низ Потомак. Тогаш бевме неколку децении помлади. Што е најважно, и за неколку дози адреналин понабиени!

„Вашингтон пост“ од 22 август 1982 година

Со Влатко се имавме видено и сретнато во неколку пригоди по средбата во Вашингтон. Во 2001 година, по моето враќање од Пекинг, го имав викнато дома на вечера. Дојде со сопругата и со синчето.
– Професоре, ќе биде ли проблем ако на вечерата дојдеме со синчето – запраша Влатко, јавувајќи се на телефон.
– Не ни помислувај да доаѓаш ако не го понесете и малечкиот – експресно му одговорив. Малиот немаше уште годинка.
Пред некоја година, во екот на завршните подготовки околу текстот, му се јавив на Влатко. Му навестив дека пишувам книга со наслов „Детството е повеќе од Амаркорд“ (која подоцна излезе во издание на „Матица“), која вклучува епизоди од дипломатскиот живот, како и од нашата дамнешна средба во Вашингтон. Посакав да се видиме кај мене дома, во Пржино. Лесно договоривме средба, но со многу стриктно барање од негова страна – не можам повеќе од еден саат! Влатко имаше напрегнат распоред за тој ден поради порано прифатени обврски. Имав среќа што Влатко тие денови беше во Скопје и во Македонија. Дојде со својот џип „хјундаи“ како средновековен принц од модерно време. Бевме повторно сами. Во таа пригода не ме изненади што не ја прифати мојата понуда макар за „една“ чашка виски, колку со нешто друго. Донесе копија од напис од „Вашингтон пост“ од 22 август 1982 година, со наслов „Џез, леб и сол“ („Jazz, Bread & Salt“), потпишана од Ричард Харингтон.
– Случајните минувачи покрај зградата на Апекс на аголот на Седмата улица и булеварот Пенсилванија, можеби со чудење ќе се запрашаат од каде, за време на пладневната пауза за ручек, доаѓа џез обоена музика. Нема ни малку да им биде лесно да погодат дека доаѓа од „Леб и сол“, југословенско музичко трио, кое обезбедува музичка придружба за загрепската театарска компанија што гостува овде, во театарот „Сорс“, и ќе остане до 29 август – информира весникот во првиот параграф од текстот.
– Обично продуцираме материјал инспириран од фолклорот, од македонскиот фолклор. Но во последно време сме повеќе џез-рок – ни вели Влатко Стефановски.
Ми беше мило што со Влатко имав втора средба во Пржино. На начин што не ми е несвојствен, средбата повторно ми пробуди сентиментални потсетувања на младоста и детството.
Маестро, да си жив и здрав! Уште многу музички дострели кога веќе си на врвот!

Владимир Петковски, универзитетски професор и амбасадор