„Репортери без граници“… мелодрамска антропоцентрична сапуница

Медиумите се процес условен од дневна ажурност, но и од општествено-историскиот контекст и од глобалниот технолошки и економски развој

Глобалната слобода продолжи да се влошува и во 2023/2024 година, што е тренд што трае триесетина години по ред, се вели меѓу другото во штотуку објавениот годишен извештај на „Репортери без граници“.
„Глобалните медиумски слободи направија голем чекор наназад во 2023 година. Светот се соочи со уште еден клучен тест во 2024 година, бидејќи милијарди луѓе беа упатени на гласање, како и поради повеќето оружени конфликти, вклучително и во Источна Европа, Јужен Кавказ и Блискиот Исток. Изборните манипулации, војните и нападите врз плурализмот се клучните двигатели на глобалниот пад, според евалуациите на аналитичкиот дискурс…“. На поголем дел од глобалното население му беа ускратени основните слободи во годината што измина, но и во годините што следуваат, што на крајот ќе влијае на мирот, просперитетот и безбедноста, според предвидувањата.
И како што се појавува редовниот годишен извештај за слободата и неслободата на медиумите, тема што во рамките на дејноста и професионалноста ја следам и објавувам од крајот на деведесеттите години во минатиот век (колумна – писание првпат објавено во магазинот „Форум“), секоја година како по правило се отвора (ко божемна) дебата за состојбите, во нашиот случај површна и млака, што се вели – да се пројде на редот. Се некакви исчудувања, вџашеност, вчудовиденост од падот на рејтингот, овој пат за шест места, и од степенот на доверба што го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода. Сето заедно води до површен, млак и аматерски пристап и апсолутно непознавање на темата и материјата.
Според неколку последователни извештаи на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“ за државите во транзиција – во кои се анализира состојбата во медиумите, ќе нотираат состојби на „слабеење на демократијата до авторитарна агресија“. Фамозните „Репортери без граници“ и во својот годинашен извештај – откако ги измерија и премерија медиумските слободи и неслободи, со „кренат показалец“ – ја рангира Република Македонија за шест места подолу, со слична генерална оцена како лани на скалата од еден до седум, каде што еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко.
Некогашното верување дека нештата се вистинити затоа што се појавиле на телевизија, во весниците, во поново време на социјалните мрежи и алатки, денес е стопроцентен анахронизам, или само романтично поглавје сместено некаде во воведот на кусата неверојатна и бездушна историја на медиумите. Онаа силна димензија и оправдано нараснатата надеж што низ времето ни ја наметнаа тие и ја всадија во нашите кревки информациски тела, со жанровски разновидни кампањи на силните визии и ветувања. Сето тоа сѐ повеќе низ годиниве се претвора и наликува на мелодрамска антропоцентрична сапуница.
Минатото е лага, сегашноста изобилство од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, сѐ во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што со силата на интензивната медиумска сугестија нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот, која немо и без поговор ја следиме како дневни активни протагонисти. Медијализираната стварност, која ни се наметнува и која секојдневно атакува врз нашите сетила, низ интензивните секојдневни информациски виртуелни сеанси, на изглед жанровски разновидни, имаат и една скриена „возвишена“ цел. Најнапред да го скрши отпорот, а потоа да го стесни и задуши просторот на слободна волја и да нѐ претвори во небитие, па да нѐ сместат на маргините некаде во меѓупросторот, каде што се пресметуваат идеологиите, политиките, бизнис-интересите.
Денес кога постојано сѐ се менува и ништо не е стабилно, ниту статично, нашиот видик сѐ повеќе наликува на немапирани ментални територии, создадени како резултат на дивиот либерализам и лошото практикување на медиумите, постулира теоретскиот дискурс. Од друга страна, пак, одвреме-навреме, на мигови се наѕираат симптоми во кои се чувствува зреењето на јавноста, која е претворена во зона каде што малку е видлива стварноста и се возможни кибер-митови и лажни пророци. Во таквиот виртуелен хаос сѐ е во постојано движење и забрзување кон некоја нулта точка на постчовечност.
Па така, со сигурност може да констатираме дека денес медиумите повеќе не пренесуваат информации и вистини. Во најголем дел тие се употребуваат како моќно орудие за ментална навигација и манипулација со кое низ етерот се пласираат фрактални форми на стоглави семантички чудовишта, составени еднакво од информации, забава, идеологија, политика, културни предрасуди, интереси на поединци и сл.
Според имагинативните глобални сценарија, ВИ (вештачката интелигенција), интернетот и новите напредни технологии ќе создадат услови за формирање и подем на виртуелни интересни групи и лобија, кои ќе вршат силен притисок врз политиката и владите до тој степен и во обем при што може да се претпостави дека тие ќе владеат наместо актуелната реална политика, во атмосфера во која е доминантно чувството на т.н. кафкијански синдром, каде што последиците на некој имагинативен начин им претходат на причините, при што ја парализираат јавноста до степен на автоцензура во напорите на осознавање и вистинска процена.
Клучното прашање е како да се демистифицира медиумскиот привид во кој сме вовлечени, со оглед на ноторниот факт дека светот сепак постои. Како да се ослободиме од политичко-медиумската коалиција, која се обидува да воспостави еден вид империја, хелиоцентричен онтолошки систем, според кој смислата не се врти повеќе околу нас гледалиштето, читателите – граѓанинот, туку ние сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да им се доближиме.
А што се однесува до редовниот извештај на „Репортери без граници“, за оние што од скоро го читаат, ништо ново. Тоа не е некоја нова епифанија ниту чудо, туку е само годинашен препис, пресек, заклучок на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, духовен и ментален степен на развиток, што во услови на глобална информациска поврзаност и оваа година е едноставно и лесно изведен.

Аљоша Симјановски