Денот кога Јосип Броз Тито се поклони пред гробот на македонскиот великан Гоце Делчев

Во 1947 година, Тито и бугарскиот лидер Георги Димитров го потпишаа Бледскиот договор, кој имаше цел да ги зајакне врските меѓу Југославија и Бугарија, па дури и да се формира идна балканска федерација. Во еден дел од овој договор,
Бугарија официјално ги признала македонската етничка припадност и јазик за првпат

Јосип Броз Тито, водачот на Југославија, на 31 март 1975 година се поклони пред гробот на македонскиот великан Гоце Делчев во Скопје. Оваа постапка не беше случајна и во суштина беше симболичен гест на почит кон Делчев, личност што е вечно врежана во македонската национална меморија како апостолот и срцето на револуционерна Македонија. Поклонувањето пред гробот беше признание на наследството на Делчев, односно признание на Гоцевиот идеал – Македонија на Македонците. Тито како лидер на Југославија во одредена мера ја исполни визијата на македонските револуционери и Делчев преку воспоставувањето на Социјалистичка Република Македонија во рамките на југословенската федерација. Но, рака на срце, во историските архиви е забележано дека оформувањето на Македонија како одделна државноправна единица во рамките на една поширока федерација не беше концепт осмислен од Тито. Уште кон крајот на 19 век, балканските социјалисти ја поддржуваа идејата за македонска политичка автономија и афирмирање на македонските национални интереси. Меѓу балканските социјалисти што ја поддржувале идејата за македонската држава може да се вброи и Георги Бакалов (бугарски деец и публицист, припадник на бугарското социјалдемократско и комунистичко движење). Бакалов го поддржуваше македонското револуционерно движење, а ова е особено видливо во неговото дело „Претендентите за Македонија“, во кое меѓу другото вели дека „најразумно решение за македонското прашање е согласност меѓу заинтересираните балкански држави за неутралност, Македонија за Македонците – ете каква треба да биде девизата на таа политика“.
Тито можеби не беше првиот визионер за оформување на македонската држава, но како водач на југословенската федерација беше ревносен заштитник на општите универзални перемпторни права, а со тоа и на македонските национални интереси. Уште на почетокот на 1943 година даде докази дека е правилно и неопходно да ѝ се овозможи на Македонија форма на самоуправа во рамките на Југославија. Ова е видливо во неговото писмо од 16 јануари 1943 година во кое ветил „слобода и независност за сите народи, а подеднакво и за македонскиот народ“.
Мора да се нагласи дека неговите ставови во врска со Македонија беа длабоко испреплетени со неговата поширока визија за Југославија. Неговиот пристап имаше цел да ја зацврсти Македонија како посебен ентитет во рамките на југословенската федерација, истовремено спротивставувајќи се на надворешните влијанија, особено бугарските и грчките претензии врз регионот.

Тито беше заслужен затоа што овозможи во рамките на југословенската идеја да се остварат највисоките перемпторни права на меѓународното право (јус когенс) за етничките ентитети, во рамките на државниот југословенски ентитет и со таквите политики да се стимулира реализацијата на една демократска историска вистина за Македонците: остварување на правото на самоопределување и интегритет, остварување на правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка назависност, правото на недискриминација од страна на другите држави, правото на заштита на основните
човекови поединечни и колективни права… Со тоа се овозможија и
кодификацијата на македонскиот јазик и промоцијата на македонското културно наследство

За време на Втората светска војна, Тито го поддржа формирањето на Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт (СНОФ), кој афирмираше македонска национална свест меѓу Македонците во Грција. Ова беше дел од поголем напор за интегрирање на Македонија во Југославија, истовремено промовирајќи ја идејата за одделен македонски идентитет. Тито се стремеше за обединување на етничка Македонија и нејзино приклучување во рамките на Југославија. Ова доведе до југословенската интервенција во Граѓанската војна во Грција и напорите за зајакнување на врските со Бугарија. Неговиот пристап, исто така, вклучуваше охрабрување на соработката меѓу Македонците во Грција и Југославија, нешто што е видливо во директивите издадени во 1944 година, кои нагласуваа заедничка борба меѓу двете македонски движења. За настаните поврзани со Граѓанската војна во Грција и Македонците, Тито го вели следното: „Јас лично добив впечаток дека грчките другари имаат погрешен став за прашањето на Македонците во Грција и настојувам да влијаат да го поправат тоа без штета за грчкото ослободително движење“.
Мора да се нагласи дека Тито одигра значајна улога во признавањето на Македонците како посебен народ во рамките на Југославија. Во 1944 година се основа Народна Република Македонија како дел од Југословенската Федерација.

Овој потег официјално ги потврди македонскиот идентитет и јазик, разликувајќи ги од српските и бугарските влијанија. Таквите политики на демократски процут и исчекор (од дотогашната фашистичка окупација, а и претходно од стегите на монархијата во која македонскиот народ не беше признаен), исто така, придонесоа за развојот на македонските институции, вклучително и кодификацијата на македонскиот јазик и промоцијата на македонското културно наследство. Во 1947 година, Тито и бугарскиот лидер Георги Димитров го потпишаа Бледскиот договор, кој имаше цел да ги зајакне врските меѓу Југославија и Бугарија, па дури и да се формира идна балканска федерација. Како дел од овој договор, Бугарија официјално ги признала македонската етничка припадност и јазик за првпат.
На крајот, нашиот текст ќе го завршиме со прес-конференцијата во Јајце, 1968 година, кога Тито изјави: „Не може да се оправда и одобри грчката политика на раселување на Македонците“.