Зошто некои луѓе не ги прифаќаат дури ни најразумните аргументи на спротивната страна? Како е можно политичките дебати честопати да дегенерираат во рововска војна без компромис?
Најновото истражување во невронауката фрла светлина врз овој феномен и открива дека коренот на политичкиот екстремизам можеби не е само во идеологијата туку и во начинот на кој функционира нашиот мозок.
Со комбинирање на повеќе скенирања на мозокот и психолошки тестови за самосвест, научниците дојдоа до зачудувачко откритие: луѓето што се помалку способни да препознаат кога грешат имаат поголема веројатност да ги сметаат политичките позиции за морално свети и се посклони кон поголем степен на ригидност, па дури и екстремизам.
Нова студија објавена во списанието „Когнитивна, афективна и бихевиорална невронаука“ покажува дека моралните верувања и „метакогнитивните способности“ – свеста за точноста на сопствените одлуки – играат клучна улога во обликувањето на политичките ставови.
Луѓето со пониско ниво на самосвест имаат посилни мозочни реакции на политички теми што ги сметаат за морално значајни.
Со други зборови, кога некој не е во можност да процени дали е во право или не, поголема е веројатноста политичките прашања да ги перцепира како црно-бели морални вистини наместо како сложени теми за кои би можело да се води дијалог, пишува „Сајентифик американ“.
Во студија предводена од професорот Џин Десети од Универзитетот во Чикаго, 80 возрасни учесници прво пополниле прашалници за нивните ставови кон актуелните политички прашања, како што се климатските промени и контролата на оружјето, и ја оцениле моралната важност на секоја позиција.
Потоа беа измерени нивните нивоа на метакогнитивна чувствителност – способноста да се процени колку се сигурни во исправноста на своите одлуки, односно до кој степен мислат дека се во право.
Во втората фаза, 49 одбрани учесници беа подложени на функционална магнетна резонанца (фМРИ) додека гледаа фотографии од протестни групи со спротивставени политички убедувања и избираа која група ја поддржуваат повеќе.
Резултатите покажаа дека оние со пониска самосвест донесувале побрзи одлуки кога темите се совпаѓале со нивните морални верувања. Нивните мозоци покажаа зголемена активација во регионите одговорни за емоционална обработка, следење конфликти и когнитивна контрола – вклучувајќи ги предниот инсуларен кортекс, предниот цингуларен кортекс и латералниот префронтален кортекс.
Едно од клучните откритија беше дека луѓето со ниска метакогнитивна свест покажаа посилни мозочни реакции кога беа морално убедени во исправноста на своите политички ставови. Латералниот префронтален кортекс – делот од мозокот поврзан со поставувањето цели и општествените норми – особено се издвојува, што укажува дека за нив политичките ставови се многу повеќе од само мислења – тие стануваат морални императиви.
Покрај тоа, истите лица покажаа зголемена активност во деловите од мозокот одговорни за евалуација и награда, што дополнително потврдува колку се лично значајни овие морални верувања.
Истражувачите веруваат дека послабата самосвест може да биде директен пат кон догматизам и политички екстремизам. Луѓето што не можат јасно да разграничат кога грешат, имаат поголема веројатност да ги перципираат своите верувања како апсолутни вистини и се помалку отворени за други мислења.
Оваа студија, иако ограничена од експериментални услови, нуди вредни сознанија за психолошката и невролошката основа на поларизацијата во општеството. Исто така, се поставува прашањето дали образованието и обуката би можеле да придонесат за поголема толеранција и флексибилност во политичките дијалози.
Научниците, исто така, забележуваат дека моралните верувања се преклопуваат со концепти како што се силата на ставот, нивото на познавање на ситуацијата и емоционалната возбуда, што го отежнува изолирањето специфичен ефект, заклучува американскиот портал.
(политика.рс)