Татковците имаат поголема веројатност да го изгубат контактот со возрасните деца по разделбата
Зголемениот број на „сиви разводи“, или разводи меѓу парови над 50 години, стана глобален феномен што ја обликува семејната динамика на неочекувани начини.
Истражувањата покажуваат дека татковците имаат поголема веројатност да го изгубат контактот со своите деца по разводот, оставајќи долгорочни последици за семејните односи и емоционалното здравје.
Трендот наречен „сив развод“ е во пораст во последните децении, особено во западните земји, САД, Канада и Велика Британија. Студија објавена во март 2024 година анализирала податоци за 9.000 лица, следејќи ги фреквенцијата на контактот меѓу родителите и децата, емоционалната поврзаност и меѓусебната поддршка по разводот.
Резултатите јасно покажаа дека татковците честопати емоционално и физички се оддалечуваат од своите деца, а експертите велат дека главната причина за овој феномен лежи во социјалната и емоционалната улога на мајките:
„Мајките често се главните старатели и одржуваат контакт со своите деца. Кога бракот ќе заврши, на мајките им е полесно да одржуваат врски, додека татковците се повлекуваат поради чувство на вина или социјална стигма“, изјави за „Дејли мејл“ Зафер Бујукчечи од институтот за демографски истражувања „Макс Планк“ во Германија, кој ја водеше студијата. „Татковците имаат тенденција да доживуваат поголем притисок по разводот во односите родител-дете во споредба со мајките“, додава тој.
Татковците, особено во подоцнежните години, се соочуваат со емоционални предизвици како што се чувство на неуспех или страв од отфрлање.
„Мажите честопати не се учат како да изразуваат емоции или да градат односи надвор од традиционалната улога на хранител. По разводот, тие ја губат структурата што ја имале претходно, што ги оддалечува од семејството“, објаснува д-р Џудит Валерштајн, позната американска психотерапевтка и авторка на студија за влијанието на разводот врз децата.
„Сивиот развод“ не е само крај на бракот туку и почеток на сложени промени што влијаат на целото семејство и може да бидат особено финансиски катастрофални за жените. Студиите покажуваат дека приходите на жените генерално се намалуваат до 40 проценти во годината по разводот, додека нивниот животен стандард се намалува за 45 проценти. Финансискиот пад кај мажите е обично помалку сериозен и изнесува околу 21 процент.
Иако многумина веруваат дека возрасните деца подобро се справуваат со разводот на своите родители, реалноста често е поинаква. Губењето на блискиот контакт со таткото често може да предизвика чувства на тага, загуба и отуѓеност.
Британскиот терапевт д-р Стивен М. Џонсон, автор на книга за семејна психологија, забележува: „Децата, дури и кога се возрасни, сакаат родителска поддршка и присуство. Отуѓувањето од таткото по ’сив развод’ може да предизвика чувство на емоционална празнина што трае со години, без разлика колку години има ’детето’“.
Еден од учесниците во студијата, 34-годишниот Џејмс од Лондон, го сподели своето искуство: „Откако моите родители се разведоа, татко ми престана да ми се јавува. Претпоставував дека е засрамен, но за мене тоа беше како отфрлање. Нашата врска никогаш не се врати во нормала“.
„Мажите на оваа возраст често чувствуваат срам или неуспех поради разводот, што може дополнително да го зголеми јазот меѓу нив и нивните деца“, вели д-р Џонсон.
За да се ублажат последиците од „сивиот развод“, експертите ја нагласуваат важноста на емоционалната отвореност и терапевтската поддршка.
Д-р Џон Готман, познат американски психолог и основач на Институтот за брачна терапија „Готман“, честопати нагласувал дека по разводот, родителите мора активно да инвестираат во своите односи со своите деца.
„Важно е да се признаат грешките и да се покаже желба за повторно поврзување. Возрасните деца сакаат автентичност, а не совршенство. Тоа е особено точно за татковците. Постарите татковци можат да го обноват односот со своите деца ако покажат иницијатива и подготвеност за промена“, рече тој.
Терапевтите исто така предлагаат заедничка работа преку семејна терапија за да се врати комуникацијата. Д-р Тери Рил, семеен психотерапевт во Бостон, наведува: „Постарите татковци треба да ги надминат традиционалните бариери на машкоста и отворено да разговараат со своите возрасни деца. Тоа не е знак на слабост, туку на сила“.