Умот е сè, што мислиш, тоа и стануваш!

Повеќе од три децении македонското општество не може да најде една резултанта, еден пат, воден од рамнотежа и мудрост, трасиран од најдобрите идеи и практики (на властите и опозицијата), што води во насока на општа благосостојба, избегнување на замките на лукративноста и самопонижувањата. Низ годините одевме од една крајност во друга, поради што постојано се наоѓавме и сѐ уште се наоѓаме во апсурдни ситуации, како што беше бришењето на плочите од спомениците или преименувањата на автопатиштата, патиштата, улиците и сѐ така до бесконечност. Овие денови можевме да слушнеме и славопојки за политиките што доведоа до денешните апсурди, како и дека македонските граѓани може да учат од Зоран Заев!? Повторно апсурд до апсурд!

Денес во светот има околу 490 милиони будисти, што преставува околу 7 отсто од светското население. Најголемиот дел од нив, околу 99 отсто, живее во Азиско-Пацифичкиот Регион, притоа Народна Република Кина има најголем број на следбеници на Буда (мудрец што живеел во текот на 6 век пред нашата ера), по што следуваат државите како што се Јапонија или Тајланд. Не случајно будизмот длабоко го обликуваше современото кинеско и јапонско општество, оставајќи трајно влијание врз кинеската и јапонската култура, филозофија, секојдневен живот итн. Затоа кинеското и јапонското општество споделуваат некои фасцинантни сличности, како што е внимателноста во опстојувањето, а учењето на Буда и понатаму е инспирација за кинеската и јапонската уметност, етика, духовни практики итн., но и за политичкото суштествување. Доколку се земе предвид дека Кина и Јапонија во изминативе сто години се оформија во едни од најнапредните општества во светот, може да се заклучи дека постои одредена нишка од будистичкото учење на која се должи овој извонреден успех.
Но која е тајната на будизмот? Буда ја нагласувал негативната страна на непостојаноста, како и меѓусебната поврзаност на сите нешта и важноста на негувањето на мудроста, етичкото однесување и менталната дисциплина. Неговото основно учење е познато како среден пат, односно балансиран пристап кон животот и духовната пракса, како и избегнување крајности на самозадоволување и самопонижување. Суштината на ова учење произлегува од сопствените искуства на Буда, кој најпрво живеел како принц опкружен со раскош, а потоа како аскет, кој се откажал од световните задоволства. На крајот, Буда разбрал дека ниту една крајност не води до вистинското просветлување, оттука советувал на директен поглед на нештата, но и напор и внимателност.

Со други зборови, овој мудрец велел дека животот треба да биде исполнет со рамнотежа, мудрост и сочувство, но и живеење со внимателност и етичка дисциплина, како и личен раст и разбирање. Особено се интересни неговите видувања за умереноста и намерите, односно дека треба да се стремиме кон умереност, а не кон крајности, затоа што претераноста доведува до нерамнотежа, како и дека треба постојано да ја проценуваме нашата мотивација стремејќи се таа да произлезе од мудроста, а не од алчноста, омразата или незнаењето. Во учењето на Буда има и една одредена прагматичност, бидејќи велел дека треба да се приспособиме на околностите. Според него, бидејќи животот постојано се менува, потребна ни е една флексибилност, но не и флексибилност што може да доведе до крајно самопонижување.
Каде сме ние како држава и општество во овој наратив? Повеќе од три децении македонското општество не може да најде една резултанта, еден пат, воден од рамнотежа и мудрост, трасиран од најдобрите идеи и практики (на властите и опозицијата), што води во насока на општа благосостојба, избегнување на замките на лукративноста и самопонижувањата.
Низ годините одевме од една крајност во друга, поради што постојано се наоѓавме и сѐ уште се наоѓаме во апсурдни ситуации, како што беше бришењето на плочите од спомениците или преименувањата на автопатиштата, патиштата улиците и сѐ така до бесконечност. Овие денови можевме да слушнеме и славопојки за политиките што доведоа до денешните апсурди, како и дека македонските граѓани може да учат од Зоран Заев! Повторно апсурд до апсурд! Доколку се обидеме да го споредиме политичкиот хабитус на Заев, тогаш можеме да заклучиме дека тој потсетува на изгледот и држењето на Атанас Лозанчев (македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација), кој велеше: „Кога некој ми должи 100 гроша и ми дава 10, јас ги прифаќам тие 10 гроша и останувам негов кредитор со 90 гроша“. Лозанчев исто така велеше и дека „језуитската формула – целта ги оправдува средствата“ е наполно прифатлива за него. Но залогот да бидат идентитетот, името, историјата, инсигниите?!
Скраја да е, тоа нешто не доаѓа предвид! А токму тоа го направија гарнитурата на Заев и тој самиот. Вистина е дека понекогаш е потреба одредена флексибилност, особено во политичкото опстојување, но ова што тие го направија е класично велепредавство. Не е флексибилност, туку распродажба на идентитетот и сторено дело и поведение што историјата ќе го смета за страшно предавничко и неверно кон сопствената земја.

Невнимателноста и немудроста (да не земаме предвид основи на сомневања во јавноста за коруптивност и слични поведенија на Заев и компанија што би требало натаму да биде предмет на истрага) доведоа до прифаќање на сите апсурдни барања на соседите, нешта што го нарушуваат националниот, етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ.
Денес Македонија како држава и нација и натаму чека влез во Европската Унија, а тоа се должи пред сѐ на недостиг од рамнотежа и проценување на мотивацијата, односно недостиг од мудрост при поставувањето одредени граници до каде може да се прават отстапки. Не случајно македонските граѓани на последните политички избори одлучија дека политиките што беа лишени од здраворазумност и мудрост, како и политиките што водат кон самопонижување, им припаѓаат на минатото и историјата. На крајот, нашиот текст ќе го завршиме со Буда, кој велеше: „Умот е сè. Што мислиш, тоа и стануваш“.