Таравари – Софииниот избор

  • Професорот невролог Арбен Таравари и суперетнопартиец беше во тешка ситуација да вибрира од една во друга партија, па и уште поголема мака да вибрира во сопствената партија. Леле, каков проблем искрсна. Сега е во трилема – дали да остане во коалицијата Влен како главен или да се издвои како засебен кандидат на изборите или да влезе во партијата ДУИ, која веројатно му нуди подобри позиции и парички или, пак, да биде градоначалник на Гостивар или, пак, перспективно да стане член на ДУИ, која може (и е) најсилна партија по ВМРО-ДПМНЕ
  • Јас искрено би му советувал да остане министер, да направи екипа, да го поправи здравството и така да стекне добро реноме. Но паричките и политичката моќ се „моми танчарки“, му го мелат умот. Меџити и Касами ќе се позиционираат и ќе се офајдат

„Софиин избор“ е трагично шокантен филм со Мерил Стрип, која во Аушвиц мора да одбере кое дете ќе им го даде на нацистите, а кое ќе го зачува за себе. На крајот и двете деца ги изгуби. Колебањата на професорот Арбен Таравари за позиционирањето пред есенските избори се како кај Мерил Стрип – тешка дилема. „Да се биде или да не се биде“. Шекспировата дилема е царство или држава, а овде е во прашање фотелја или поубава фотелја. Професорот Таравари е ценет стручњак и професор, така што секој би сакал да го има во своја болница. Не дај боже да се разболиш од невролошки синдром, дечкото е тука. Што се однесува до идеологија, јас како искусен старец, би рекол дека таа е потчинета на други интереси. Во наше време (Југославија) или си комунист или не си комунист, потоа или си федералист или си антифедералист. Шовинист – никако. Репресалиите беа сериозни.
Во „демократијава“ работата е подмачкана, па теренот е многу лизгав и човек се лизга од едно ќоше во друго. Дечкото се лизга во боцлив терен, од кол на кол. Тежи и етничкиот мегатовар. Во други земји „етното“ не би било воопшто товар, но во македонскиот фолкпарадизам тој е поважен од самата држава, економија и морал. Тежи, мачи, влече, пумпа. И сега кога имаме варијанти – класичен национализам, етнорадикализам, етноимперијализам, етноетатизам, етношовинизам, етнофашизам, етнотероризам и етноџихадизам – навистина е дилема или мултилема кој правец да се заземе.
Има уште една гравитациона сила на дејствување – парите! Во комунистичкиот или протокомунистичкиот период на Југославија нѐ воспитуваа дека факторот пари не е битен, туку посветеноста, стручноста, ентузијазмот и љубовта. По Маркс, профитот, односно вишокот на вредноста беше „буржоаски“ феномен и „антиморал“ и секој мораше доброволно да се откаже од овој „застарен“ тип експлоатација и нечовечност.. Фуј, бајки и балалајки. Некои живееја со овој концепт (на пример моите родители) и никако не ми дозволуваа да се ориентирам кон профитабилна економија. „Зар ти ќе ќаруваш, а други да немаат“? Така ми велеа. Си останав „ентузијастоманичен“. Страшна болест денес. Сега во „капитализмот“ дефинитивно сфативме дека луѓето не се еднакви, дури е и срамно да си еднаков и секако треба да се „избоксираш“ и „гладијатираш“ за ти да бидеш високо, а другите ниско. Тоа го нарекуваат „способност“ и „морал“. Треба да ги користиш благодатите што ти се пружаат од нееднаквоста, инаку си глупав „идиот“. Таа нееднаквост е материјална (пари) и општествено-статусна – ниво во општеството. Се сеќавам еден колега дури на мајка си ѝ велеше: „Мамо, доста ми велиш синко, сега јас сум професор со статус и ти треба да ми се обраќаш со господин професоре…, што ви треба господин професоре и сл.“. Навистина „етички напредок“ на општеството. Исто, порано се обраќавме со „другар“ или другарке“, а сега со „господин“ и „господине“, вистински квалитативен скок во односите на слоевите. Што би рекол народот порано – „кад се опинак покундури“. Копито на фотелја е личност. Арно ама опинците станаа и натпокундурени. Тука се фантастичните слоеви – етникуми, нации, супернации, па етнички партии како натпартии на граѓанските партии. Демек, ако си во етничка партија, ти си пред сѐ над другите луѓе како етнопартиец. Етнец е супермен. Како етнопартиец ти заслужуваш поголеми позициони привилегии од олигопартиецот. А ако не си партиец – иш надвор од општеството, ѓубре едно!

Е па, професорот невролог Арбен Таравари и суперетнопартиец беше во тешка ситуација да вибрира од една во друга партија, па и уште поголема мака да вибрира во сопствената партија. Леле, каков проблем искрсна. Сега е во трилема – дали да остане во коалицијата Влен како главен или да се издвои како засебен кандидат на изборите или да влезе во партијата ДУИ, која веројатно му нуди подобри позиции и парички или, пак, да биде градоначалник на Гостивар или, пак, перспективно да стане член на ДУИ, која може (и е) најсилна партија по ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ДУИ е силна формација, комбинирана од неколку исламски елементи (Албанци, Роми, Турци, Македонци муслимани, Бошњаци итн., ама самиот ислам не им е важен). Лидерот Али Ахмети е славен војвода што водеше балистичка (УЧК) војна против Македонија и Србија. Страв и трепет и за големите сили. Потоа создаде моќни бизнисмени, вклучително и во меѓународниот наркобизнис, популарно наречен наркомафија, потоа коцкарска мафија, контрола на земјоделството (непроизводство на македонски, туку косовски и албански и авганистански продукти), плус шверцови на цигари, оружје, луѓе и градежништво, со што се создаде добра материјална база за затворен круг на економија.
Софиината дилема на Таравари е во кој сегмент да се приклучи. Ако влезе во ДУИ, во неговата глава постои опција и еден ден да биде претседател на ДУИ, што би значело меѓународен кмет на економијата и командант. ДУИ е неформално поврзана со Албанија (и други земји – Италија, Дубаи, Марсеј, Америка, Колумбија….), а Влен со Косово, односно Албин Курти, кој сега даде оставка. Зошто? Досега беше поддржуван од германските служби, но може сега таму да се придружат американските и други служби. Ми мириса на „Трамп коректор“, а може и Ватикан да фрлил аманет. Како Косово ќе го прифати Таравари? Дури и во Косово има можности поради инсуфициенција на кадри. Има јасни индикатори за работење на Косово и Албанија со американски, израелски, италијански, турски, руски, германски, ирански и други служби. Во превод тоа значи циркулација на големи пари. Интересите за напредок на Македонија се во ендек. Целиот бизнис на земјоделството од Македонија (производство) е префрлено во Албанија и Косово (за радиоактивност, загадување и квалитет да не зборуваме сега).

Бизнисот со цигари, алкохол, дроги, оружје, луѓе, органи – си тече низ оваа дијагонала (Авганистан-Турција-Бугарија-Македонија-Албанија и Косово-Италија-Франција-Холандија-САД). Има убава литература за оваа дејност. Дури и дел од македонските политичари се подготвени да рипнат во ендекот за да лапнат убави парички (тоа и порано се случуваше – ај да не кажувам имиња). Црните листи на САД и други земји се „срамежливи“, поради соучества во овие игри. СДСМ срамежливо влегува во зоната на „македонски интереси“, кои претходно фундаментално ги заборави, можеби внесувајќи вигорозен и способен влашки елемент, „како за запршка“. Не може да фати импетус за изборите, па ќе мора да се врати кон старата љубов ДУИ, а можеби и некаков џез-оркестар со ВМРО. Таравари ако оди во некое „гнездо“ ќе мора да го напушти Министерството за здравство, кое создава многу главоболки – лекови, набавки, нови терапии, тендери за паркинзи, апарати, терапии, постојана критика во медиумите, смртност, кадри, едукација, постбалансерски етнички симфонии, хигиена, интрахоспитални инфекции, канализацијата што се истура врз Детската клиника, плати, вработувања, центри во внатрешноста, одлив на младите… не баш поетична состојба. Тендерот за паркинг му го „цимнаа“ (срам да им е), па з`ш да останит? Јас искрено би му советувал да остане министер, да направи екипа, да го поправи здравството и така да стекне добро реноме. Но паричките и политичката моќ се „моми танчарки“, му го мелат умот. Меџити и Касами ќе се позиционираат и ќе се офајдат. Роди ме мамо во банана-држава, тендерчиња да виреит, шмрка да позлатует. Ајкула да бидам да не ме апсат, а не сардинче за поткусуруење. Со среќа нека е – за него и нашето здравство. Можни се „прошетки“ во Бугарија, Турција и другде. А светот и медицината – нема да бидат како што беа.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио