Темната личност на политичарите и афективната поларизација

Политичарите што имаат високи резултати на таканаречената мрачна тријада – нарцизам (прекумерен самофокус), психопатија (емоционално студенило и недостиг од емпатија) и макијавелизам (тенденција кон манипулација и измама) – меѓу нивните следбеници се поврзани со поголемо непријателство кон политичките противници. Покажано е дека темните особини имаат ефект кога гласачите се чувствуваат идеолошки блиски со односниот политичар. Колку е посилна идентификацијата, толку е поголема веројатноста поддржувачите да усвојат непријателски ставови. Особено макијавелистичките политичари – стратегиски, манипулативни, насочени кон сопствените цели – се чини дека се катализатори за афективна поларизација: тие ги продлабочуваат емоционалните поделби меѓу нивните поддржувачи и другите, кои не мислат како нив

Живееме во време на тензии, војни, природни катастрофи, големи непознаници и неизвесности… Науката, која секојдневно напредува, не успева да овозможи хармонија меѓу луѓето, спокојство и некаква оптимистичка иднина. Напротив, луѓето сѐ повеќе стануваат затворени, отуѓени, недоверливи…
Од друга страна, политиката навлегла во сите пори на општествениот живот, па нема ден нешто да не се дискутира на оваа тема. Иако лично не се занимавам со политика, како психолог ме привлекувале токму карактеристиките на личноста на оние што го водат народот. Во тој контекст, уште големиот Ерих Фром ги има проучувано и има пишувано за карактеристиките на личноста на некои од големите политичари/лидери што го одредувале патот на социјалните менувања во минатото. Затоа, малку ќе се осврнам на оваа тема.
Во најновото истражување во „Невронаука“ се разгледуваат токму карактеристиките на личноста на политичарите што денес го водат светот, а каде го водат – тоа е големото прашање.
Истражувањето открива дека политичарите со нарцисоидни, психопатски или макијавелистички особини значително ја зголемуваат афективната поларизација кај гласачите. Кога граѓаните идеолошки се идентификуваат со такви лидери, тогаш тие стануваат понепријателски настроени кон политичките противници.
Оваа поларизација не е поттикната од спротивставените политичари, туку токму од постапките и реториката на оние што ги поддржуваат. Наодите сугерираат дека емоционално манипулативното лидерство претставува закана за демократските норми и социјалната кохезија.
Со други зборови, политичарите што покажуваат „мрачни“ карактеристики на личноста како нарцизам, психопатија или макијавелизам придонесуваат за зголемување на поларизацијата кај граѓаните. Така, дотогашните пријатели започнуваат да се мразат, дури стануваат вистински непријатели. Неверојатно но вистинито е дека карактеристиките на личноста на политичките противници имаат мало или речиси никакво влијание врз степенот на ваквата поларизација.

Токму тоа е заклучокот од новата студија спроведена од Универзитетот во Амстердам (УвА), Универзитетот во Лозана и Универзитетот „Врај“ од Амстердам, објавена во „Јуропиан џрнал оф политикал рисрч“ минатиот месец.
Истражувачите ги поврзаа профилите на личноста на над 90 истакнати политичари низ светот со ставовите на гласачите на 40 национални избори. Резултатите откриваат навистина впечатливи модели.
Политичарите што имаат високи резултати на таканаречената мрачна тријада – нарцизам (прекумерен самофокус), психопатија (емоционална студенило и недостиг од емпатија) и макијавелизам (тенденција кон манипулација и измама) – меѓу нивните следбеници се поврзани со поголемо непријателство кон политичките противници.
Покажано е дека темните особини имаат ефект кога гласачите се чувствуваат идеолошки блиски со односниот политичар. Колку е посилна идентификацијата, толку е поголема веројатноста поддржувачите да усвојат непријателски ставови.
Особено макијавелистичките политичари – стратегиски, манипулативни, насочени кон сопствените цели – се чини дека се катализатори за афективна поларизација: тие ги продлабочуваат емоционалните поделби меѓу нивните поддржувачи и другите, кои не мислат како нив.
Имено, познато е дека гласачите имаат тенденција да ги прифаќаат карактеристиките на личноста токму од политичарите со кои се чувствуваат блиски и многу е поверојатно да ги игнорираат пораките од политичарите со кои не се согласуваат. Така, нашите политичари се тие што нè прават полути, го поттикнуваат непријателското размислување кон другите и придонесуваат за афективна поларизација. Но токму тука е опасноста зашто ова може да има драматични последици.
Студијата опфатила лидерите како Доналд Трамп, Жаир Болсонаро, Емануел Макрон, Марин Ле Пен, Ангела Меркел, Тереза Меј, Џереми Корбин, Борис Џонсон, Виктор Орбан, Нарендра Моди, Силвио Берлускони, Шинзо Абе, Реџеп Таип Ердоган и многу други. Дел од анализата биле и холандските политичари како Марк Руте и Герт Вилдерс.

Иако не се обелоденети поединечните резултати, истражувачите нагласуваат еден поширок тренд: за време на политички тензии, гласачите имаат тенденција да претпочитаат доминантни тврдокорни лидери, дури и кога тие покажуваат однесување придружено со кршење норми или конфронтирачко однесување.
Сепак, наодите фрлаат критичка светлина врз глобалниот пораст на „мрачните“ лидери во современиот живот. Според истражувачите, токму конфронтирачките и бескомпромисни особини на личноста на таквите лидери претставуваат јасни ризици за демократските процеси.
Кога личните особини на лидерите го трујат јавниот дискурс, подготвеноста на јавноста за соработка слабее, социјалната кохезија страда и на крајот се намалуваат демократските и моралните норми.
Истражувачите повикуваат на поголема свесност за улогата што (мрачната) личност ја игра во политичкото лидерство, особено кога овие особини се појавуваат кај влијателните и „силните луѓе“.
Во претходните истражувања на сличнава тема е покажано дека темните особини на личноста се особено чести кај авторитарните лидери, но и кај популистите. Така, доказите се натрупуваат дека токму нарцизмот, психопатијата и макијавелизмот се важни феномени ако сакаме да разбереме зошто политиката денес изгледа толку конфронтирачка.
Клучни факти:
Влијание на темната тријада: политичарите со нарцизам, психопатија или макијавелизам го интензивираат непријателството меѓу нивните поддржувачи.
Идентификација на поддржувачи: колку повеќе гласачите се идентификуваат со овие лидери, толку нивните ставови стануваат поларизирани и понепријателски.
Демократијата е на ризик: овие карактеристики можат да ја намалат довербата, да ја намалат соработката и да ги ослабат демократските институции.
Ако се вратиме на искуствата од домашната сцена, самите треба да процениме какви карактеристики имаат нашите лидери и кому треба да му се верува.