Христос воскресе, навистина воскресе. Вака во следниот период сѐ до вознесението Христово, Спасовден, ќе се отпоздравуваат православните христијани, ширејќи ја насекаде најрадосната вест дека човекот што ги презеде сите земни гревови воскресна и се вознесе на небото.
Велигден е најголемиот христијански празник, секогаш е во пролет, симболизирајќи го повторното раѓање и означувајќи го вечниот циклус на животот, но и обновувајќи ја надежта кај луѓето дека само со вистинска вера може да се остваруваат и работите што во прв момент се чинат невозможни.
Така било и така е и со македонскиот народ, кој низ сите премрежиња низ историјата поминал држејќи се до верата во Бога и со Божја промисла продолжил да битисува на овие македонски простори.
И сега, векови подоцна откако Павле за првпат ја напуштил Азија и почнал да ја шири Божјата реч низ мисиите и во Македонија, некои други „мисионери“ очигледно не ја завршиле својата „мисија“ да избришат сѐ што е македонско. Името ни беше големо, посегнаа по него, го осквернавија со некакви географски одредници, идентитетот и јазикот сега им бодат очи, па удрија и по нив, да се сотре секаква трага на еден народ што влече корени многу наназад низ историјата, многу повеќе и пред да им ги создадат државите и нациите на сегашните негатори.
Македонскиот народ покажал дека секогаш живее во духот на вистинската христијанска вера, никому да не му мисли и да не му прави лошо, да не посегнува по туѓото, да помага секогаш кога може, да живее во мир и хармонија со сите околу себе и пошироко.
Дури и кога сака да стане дел од европското семејство обединето во Европската Унија, за Македонија се креираа уникатни критериуми, различни од сите други, билатерални, во кои промената на името на државата, идентитетот, јазикот и историјата се клучни за членство. Другите критериуми се само второстепени, не толку важни како овие првиве. Затоа е сега целата јагма околу уставните измени. И тие сами по себе не се никаков проблем, Македонија покажала дека сите малцинства ги уживаат највисоките можни права, впрочем, тие имаат исти права со мнозинскиот народ без никакви исклучоци. Проблемот настанува кога некој од Софија ќе порача дека тоа не е последниот услов за земјава, туку дека на патот кон ЕУ ќе ги има уште многу. Затоа за бугарската потпретседателка Јотова е проблем тоа што идниот германски канцелар Фридрих Мерц најавува укинување на едногласноста при гласањето во рамките на ЕУ бидејќи е свесна оти на тој начин паѓаат во вода бугарските планови земјава да се блокира во континуитет. За неа „нормалните барања“ од Бугарија не биле каприц, а ако барањата за промена на историјата, за поинакво именување на јазикот и непризнавањето на македонскиот идентитет не се билатерални прашања, тогаш не знам што е. Не слушнавме дека Холандија, Италија, Данска, Словенија, Чешка, Германија или друга европска земја имаат проблем со македонската историја, со идентитетот на Гоце Делчев, со македонскиот јазик и слично. Да беше така, тогаш да, проблемот не е билатерален, но очигледно само на официјална Софија ѝ пречат овие работи.
Од друга страна, еврокомесарката за проширување Марта Кос потврдува дека е можно да има нови барања и тие не можат да дадат никакви гаранции. И зошто тогаш некој би правел уставни измени кога утре ќе има ново барање, задутре ново, потоа и друго барање и така во недоглед, сѐ додека на патот кон ЕУ не заборавиме кои сме и што сме. Тоа е крајната цел на оние што сега блокираат.
Пред некој ден американскиот потпретседател Џеј Ди Венс уште еднаш порача дека Европа не треба да ѝ биде вазал на САД, туку да почне да си ги зема работите во свои раце, без да смета на американска помош. Тоа е пораката што новото американско водство го испраќа до сите земји, секој да се грижи за интересите на својата земја, да преговара, да наоѓа партнери и на тој начин да се избори за подобра позиција.
Тоа важи и за Македонија. Членството во ЕУ е наша стратегиска цел и фокусот останува кон нејзино остварување, но новите времиња бараат многу поголем ангажман на дипломатијата, на создавање алтернативи за секоја пречка што ќе се појави пред земјава. Времето на појаснувања од типот „немаме друга алтернатива“ помина, оти оној што нема алтернатива, нема ниту визија за сопствената земја, нема капацитет да излезе надвор од рамката и ја води државата во ќор-сокак. Но со вешти маневри автомобилот може да се сврти од ќор-сокакот и да се упати таму каде што тргнал. До зацртаната дестинација обично има неколку маршрути, така што задача на оние што „ја возат македонската кола“ е да ја најдат најдобрата маршрута и да нѐ однесат таму каде што сме тргнале.
Клучно е конечно да сфатиме дека повеќето работи зависат од нас, а најважните, исклучиво од нас. Од нас зависи како ќе си ги средиме работите дома, дали ќе воспоставиме вистинско владеење на правото, дали ќе удриме енергично по корупцијата, дали ќе ги заживееме економијата, здравството, образованието, дали ќе креираме здрава и чиста животна средина, дали ќе имаме безбедни патишта, сигурни објекти, дали пироманите и дрвокрадците нема да ни ги пустошат шумите, дали трговците ќе продаваат безбедна храна и нема да печалат енормно врз грбот на граѓаните, дали ќе прекине етнизацијата на сите општествени процеси, дали ќе завладее меритократијата наспроти партиското полтронство, дигитализацијата наспроти енормно големата и неефикасна администрација… Тоа се обични работи, кои ако имаме волја и верба во себе може да ги направиме.
Ако Исус Христос се жртвувал себеси за да го спаси човештвото, можеби е крајно време сите ние да понесеме некаква минимална жртва за да изградиме едно поубаво и пофункционално општество за генерациите што доаѓаат по нас. Барем толку можеме да направиме.