Најпрвин една информација за подобро разбирање и за одговорноста при овој и секој обид да се биде дел од наредниот програмски совет и да се раководи и менаџира сложениот и скап радиодифузен систем Македонска радио-телевизија. Како што стивнува т.н. див либерализам во македонската медиумска сфера, созрева и се зацврснува фактот за етерот како ресурс и суверена зона, пред сѐ на сопственото севкупно општествено, политичко, мултикултурно, мултиконфесионално, духовно и економско битие на нашата држава, што подразбира континуирана и квалитетна медиумска креативна презентација на сите сфери на живеење и дејствување според високи продукциски и информациско-технолошки стандарди.
Прво и важно во таа насока е што поскоро запирање на трендот на разбивање на продукциското, кадровското и техничкото јадро на оваа куќа – столбот на македонскиот медиумски суверенитет. Според процената на меѓународниот експертски мониторинг, МРТВ е проценета како систем вреден 1,5 милијарда долари. Да се раководи, да се управува и да се работи во сложениот и скап систем МРТВ подразбира голема одговорност, ажурност, искуство и знаење. Лошото и несоодветно управувањето со ваков имот најпрвин претставува голема дневна материјална загуба, што пошироко подразбира континуирано заостанување и слабеење на продукциската кондиција и нарушување на концептот за медиумска сувереност, како столб на државноста. Во ерата на апсолутна медијализација, МРТВ, освен како сервис на граѓаните, неопходно е да се сфати, да се одржува и да се развива како систем за верификација, афирмирање и за пропаганда на севкупното општествено битие со активно интерактивно вмрежувања во глобалното емитување.
Она што не минало низ медиумскиот /продукциски/ преглед, не постои, постулираат теоретичарите. Цел на ова писание, како и на секоја сериозна програма и стратегија е како да се освои и да се одржи концесија на небото и сопствената стварност медиумски да се презентира врз коректни технолошки стандарди и жанровска профилираност и разновидност. Тоа недвосмислено нѐ води во насока најпрвин кон разбирање, подигање и развивање на продукциската компонента, која во изминатиот транзициски период е маргинализирана и запоставена до степен на исчезнување, за сметка на предимензионираната репродукциска информативна компонента. Воспоставување баланс меѓу овие два сегмента би бил клучна претпоставка за одржување, динамизирање и развој на Македонската радио-телевизија, во наредниот /мандатен/ период.
Појдовна рамка и неопходност при изготвување на секоја програма e методoт – анализа на тематската и жанровска структура на македонското и пошироко глобалното емитување. Понудата во македонскиот етер, на изглед голема и разновидна, дополнета со каналите што ги нудат многубројните кабелски оператори, поткасти, презентерски и ПР-обиди, наткасти, во суштина е во рамките на нископрофилирани продукциски жанрови и форми. За МРТВ како сервис што го канализира јавниот интерес, најнапред е неопходна континуирана стручна и професионална анализа на состојбите во македонскиот етер. Преку следење на програмите на многубројните државни и други ТВ-концесионери да се детектираат и да се исцртаат програмските насоки и потребите за видови и содржини што недостигаат и кои се интересни и корисни за слушателите и гледалиштето и кои се обврска на јавниот сервис како најголем и квалификуван продуцент и производител на програми за да ги задоволи потребите на корисниците на услугите со што ќе ги оствари со закон зацртаната улога и функција.
Во развојот на МРТВ се карактеристични неколку фази. Најпрвин беше радиото. Потоа радиото и телевизијата беа едно. Како што растеше и се развиваше системот, се одвоија, радиото и телевизијата. Потоа соодветно програмските потреби, кога радиото се етаблира, телевизијата продукциски се поткрена и зајакна, се создадоа услови за отворање на Втората програма, на радиото и телевизијата како комплементарна и алтернативна нужност. Имајќи ги предвид диверзитетот на интересот на аудиториумот и гледалиштето и растот на македонската држава, аудио и виртуелниот одраз како јавен интерес еве веќе полни 80 години, беше и е континуирано дејност во непрегледот содржини, сведоштва и збиднувања проследени и документирани низ програмите на Македонската радио и телевизија.
Со отворањето и доизградувањето на Третата програма на телевизијата, поизразено се одговори на мултиетничкиот карактер на самостојна Македонија. Во процесите на развиток се создадоа професионални кадри што успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневното следење на настаните и информирањето од историските збиднувања, големите играни серии, подемот на документарниот жанр, квалитетната образовна програма, со која пораснаа и другаруваат генерации, слушајќи го и учејќи го македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, се само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
Радиото и телевизијата како регистратори, производители и умножувачи на световите се вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата, со перформанси содржини, скромна реалност, секојдневно низ години и децении ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципите на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај, која континуирано е во фаза на програмско-технолошка транзиција и еманципација, доживеа бурен развиток со сите последици што настануваат притоа и континуирано беше и е предмет на дебати, дискусии, недоразбирања. Дополнително беше често разбранувана со кампањи, перформанси, најави за окупација и закани од типот МРТВ да гори, да се укине… и уште куп небулози, предлози, се под заеднички именител – дека е владина, провладина, опозициска и им служи на интересите на политиките и дека е производител на медиумски мрак и сл.
Во прилог на некои од модалитетите за активна трансформација на медиумски заспаниот џин:
Активна трансформација подразбира пред сѐ две-три сериозни продукциски проекти / голема играна серија, активирање на неколку неопходни детски играно-образовни – воспитни жанрови, квалитетен ентертејмент, активирање на ансамблите на народна музика низ фестивалски и ентертејмент форми (да не се заборават песните и рефрените), за што во куќата постои одредено искуство – тоа е една од можните насоки за брза и благовремена консолидација на куќата. Постари искусни кадри во содејство со млади образувани профили, низ продукциските зафати и проекти ќе се активираат, при што во од ќе се вршат трансформација и продукциска консолидација. И покрај сериозните проблеми и големиот одлив на искусни кадри во изминатиот период по однос на продукциски капацитети, екипираност и инфраструктура, МРТВ е голем и сериозен продукциски џин, кој треба да се придвижи и активира. Да се отворат вратите за копродукциска соработка со сите расположливи капацитети и независни продуценти и кадри во функција на зголемување на квалитетни домицилни содржини во етерот, кои во наредниот период ќе стануваат сѐ поинтересни за компетентниот пребирлив гледач во земјата и дијаспората. За модалитетите на активна трансформација ќе се осврнам во некои од наредните колумни.
Аљоша Симјановски