Во време кога Европа и светот се соочуваат со драматични геостратегиски превирања и кога очигледно на сцената се случува нова поделба на влијанија, Европската Унија не била никогаш послаба и поиндиферентна како што е сега.
Причините за тоа треба да се бараат многу поназад низ годините, кога наместо да гради политики базирани врз европските принципи, ЕУ го напушти таквиот концепт и почна да функционира врз база на исполнување на желбите на земјите членки, кои во најголем дел од случаите беа крајно нерационални и несфатливи.
Таквиот пристап, а во отсуство на сериозен политички лидер по пензионирањето на Ангела Меркел, ја направи ЕУ некредибилна, внатрешно кршлива, нефункционална и безидејна пред предизвиците што се исправија пред неа. Таква неинвентивна ЕУ не е пожелна на преговарачката маса, дури кога на таа маса се расправа за проблеми што се случуваат на европско тло. Впрочем, сведоци сме дека околу изнаоѓањето решенија за Украина главни играчи се САД и Велика Британија, кои водени од сопствените интереси ја вртат водата на сопствената воденица, а официјален Брисел е оставен настрана.
Сето ова е така затоа што ЕУ не ја научи лекцијата од распадот на поранешна Југославија, кога не само што не успеа да ја спречи крвавата граѓанска војна во поранешната федерација туку делумно и ја стимулираше со некои избрзани одлуки. Сега е последен момент Унијата да се потсети на тие грешки и да не ги направи со земјите кандидати од Западен Балкан, туку да го направи вистинскиот потег, да го врати проширувањето повторно на маса и да го реализира во најкраток можен рок.
Некакви сигнали дека работите почнуваат да се придвижуваат во таква насока е новиот коалициски договор меѓу идните владини партнери во Германија, во кој внатрешните реформи во ЕУ, како и процесот на проширување преку пакет пристап за земјите кандидати е дел од новата програма за работа на идната германска влада.
Планот е да се почне со внатрешните реформи на Унијата, а во исто време да оди и процесот на проширување преку пакет аранжман за сите земји од Западен Балкан. Јасно е дека сам нема да оди никој напред и дека ако се оди на варијантата една или две земји да влезат, а другите да чекаат уште 10 и повеќе години, тоа уште повеќе ќе го урниса европскиот кредибилитет кај тие земји што останале надвор. Ако, пак, Украина и Молдавија бидат пикнати прекутрупа во ЕУ, тогаш дефинитивно најголем дел од земјите што биле многу понапред во евроинтеграциите, а повторно извисиле, ќе почнат сериозно да ја преиспитуваат својата европска стратегиска цел и ќе се свртат, со право, во потрага по нови алтернативи.
Затоа Германија сега ќе се залага за пристапување во пакет и за таа цел го активира Берлинскиот процес, за да не може никој никого да блокира, да условува и слично, односно за да се тргне билатерализацијата од пристапниот процес.
Во тој контекст може да се набљудува и поканата на македонскиот министер за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски да учествува на состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, во формат на министри за надворешни работи на земјите членки и земјите од Западен Балкан. Во услови на сѐ посложен геополитички контекст, состанокот има цел, во инклузивен формат, да се дискутира за продлабочување на соработката меѓу Европската Унија и Западниот Балкан на полето на европската безбедност.
Тоа е на иста линија на она што е ставено во програмата на новата германска влада во делот на проширувањето, односно земјите кандидати од Западен Балкан да почнат полека да се вклучуваат во работите на ЕУ, со тоа што засега ќе бидат повеќе во улога на набљудувачи. Тоа е концептот за кој се разговара во одредени кругови во Брисел, односно пакет прием на сите земји од Западен Балкан во ЕУ со тоа што нема да имаат право на глас и на комесари, додека во европските тела, вклучително и во Европскиот парламент, ќе бидат вклучени како набљудувачи. Активно учество веднаш би имало во делот на заедничка надворешна и безбедносна политика, како и на пристапните реформи во Западен Балкан. Во делот на заедничката безбедност, Македонија веќе потпиша договор со ЕУ. Со примената на овој концепт конечно ќе се затвори прашањето на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, сите ќе влезат топтан, нема да има блокади и условувања со билатерални прашања, а потоа внатре ќе почне вистинскиот натпревар. Имено, секоја земја индивидуално како ќе напредува во делот на реформите, така ќе се стекнува со привилегиите што ги уживаат актуелните земји членки, вклучително и правото на глас и номинирањето комесари. Дополнително, со тоа што ќе им даде шанса на земјите кандидати и тие да станат дел од ЕУ преку прием во пакет и со ограничени права, ќе ги замолчи противниците на проширувањето, чиј главен аргумент беше дека новите членки ќе внесат само проблеми. Вака новите членки со ништо нема да влијаат врз актуелните состојби во Унијата, што од друга страна ќе остави простор за сериозни внатрешни реформи на самата ЕУ и ќе ја направи компактна и функционална во пресрет на новиот светски поредок, чии контури веќе полека се наѕираат.
Како и да е, пакет приемот на земјите кандидати, но со ограничени права, всушност е од исклучителна важност за ЕУ бидејќи со еден потег ќе се истиснат секакви други можни влијанија, а земјите ќе можат да се посветат на исполнување на критериумите од Копенхаген, без да ја губат енергијата на билатерални прашања што немаат никаква врска со евроинтеграциите. Покрај тоа, кога веќе сите се внатре, многу полесно ќе може да се разговара за некои отворени прашања и без никакво брзање, без условувања, да ги изнајдат најдобрите решенија што ќе бидат во насока на поголема соработка.
Затоа ова е последен момент ЕУ да го направи вистинскиот потег, да ги почне внатрешните реформи и во ист момент да ги заокружи сопствените граници, со што ќе покаже дека е сериозна во намерите да се проширува и еднаш засекогаш ќе го затвори ова прашање. Тоа што во некој момент некоја земја нема да има право на глас, на комесар и слично, тоа само ќе биде дополнителна мотивација побрзо да се дојде до тие привилегии, а во една таква ситуација и притисокот на секое општество врз сопствените политички елити ќе биде многу поголем бидејќи повеќе нема да има простор за правдање со неизвесна европска иднина. Кога европската иднина ќе биде заокружена, тогаш останува само на оние што треба да испорачаат и на кои народот им дал мандат. Народот ја одбрал Европа, Европа треба да одговори на таа доверба и конечно европскиот сон да стане реалност. За сите!