Можеби се сеќавате, терминот „поствистина“, кој совршено ја опишува последнава декада, својата широка популарност ја доби во 2016 година, кога беше избран за збор на годината на Oxford University Press. Од тогаш станавме свесни дека живееме во доба во која објективните факти имаат помало влијание врз обликувањето на јавното мислење од личните убедувања и емоциите. Стана јасно дека вистината е секундарна во однос на чувствата, идеологијата или политичката прагма, и во културниот и во социјалниот и во политичкиот контекст. Ако нешто е вистина за една група, не е вистина за друга, туку тие имаат своја вистина. Секој верува во својата, ја негира онаа на другите, а универзалната вистина станува флуидна и веќе нема аксиолошка димензија.
Изминатава 2024 година, збор на годината според Oxford University Press е уште еден термин што прецизно го опишува zeitgeist-от, а тоа е „трулеж на мозокот“ или brain rot. Според соопштението на издавачот, овој израз „фрла ново светло врз нашиот однос со технологијата, кој постојано еволуира“. Иако, секако, не е официјална медицинска дијагноза, феноменот што стои зад него е многу реален: опаѓање на когнитивните способности поради прекумерно време поминато на интернет и недостаток на ментална активност.
Нова дијагноза
Овој термин за првпат е употребен уште во средината на XIX век, кога Хенри Дејвид Торо во неговата книга од 1854 година, „Walden, or Life in the Woods“ се пожалил на опаѓање на интелектуалните стандарди. Тој тогаш запишал: „Цела Англија стана на нозе за да го искорени трулежот на компирите, но никој не се обидува да го излечи трулежот на мозокот, кој е далеку пошироко распространет и посмртоносeн“. Повеќе од еден и пол век подоцна, овој поим повторно станува актуелен преку современиот начин на живот и технологијата.
Живееме во време кога просечната интернет-содржина се состои од видео од неколку секунди, една или две слики и кратка бесмислена порака, претежно во функција на реклама, без разлика дали е тоа комерцијална реклама или самопромоција. Она што нема да нè привлече во првите пет секунди, нема никаква шанса да ни го задржи вниманието. Секојдневно скроламе низ бесконечeн „тајмлајн“ полн со безвредна содржина, детали од животите на непознати луѓе, банален хумор и апсурдни видеа. Сето тоа во надеж дека еден ден ќе стигнеме до крајот на тој виртуелен свет и конечно ќе се посветиме на нешто посмислено, ќе прочитаме книга или изгледаме филм.
Потребата од оваа банална содржина е веќе прилично застрашувачка и на ниво на хронична зависност. Од аспект на фокусирање, па сè до критичко промислување. Тука не зборуваме само за дијагноза на генерацијата зед или алфа, туку и за нас милениумците, па дури и за бумерите. Сите сме подложни на бескрајно прелистување содржина без свест за времето и без јасна цел, постојано споредување на бројот на лајкови, следбеници и интеракции, или истовремено гледање видеа, допишување и читање вести, кое води до преоптоварување на мозокот или намалена способност за фокус и концентрација.
Мора да признаеме дека веќе немаме фокус да прочитаме нешто подолго од еден пасус. Веднаш по станувањето прво нешто што правиме е отворање на телефонот. Тоа значи дека нашиот мозок веќе е навикнат на постојана потрага по моментални задоволства. И тоа не е случајно. Платформите како Тикток, Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм, ја користат оваа човечка тенденција и преку нивните алгоритми секој лајк, коментар или нова содржина го претвораат во краткотрајно лачење допамин, држејќи нè бесконечно залепени за екранот.
Да бидеме начисто, секако нема да ни „иструли мозокот“ само затоа што гледаме глупави видеа или сме поминале неколку часа повеќе на телефонот. Но, дијагнозата е веќе сериозна. Дигиталната дистракција не е проблем, но постојаното препуштање на безвредна содржина може да има сериозни последици, особено за дигиталните домородци. Во овој контекст, „трулежот на мозокот“ не е само наивен термин туку сериозно прашање за новата доба и за тоа како управуваме со нашето внимание, време и когнитивни способности.
Каде е лекот?
И наместо уште поревносно да се посветиме на зајакнување на образованието и културата, кои (постојано повторувам!) се темелот на општеството, ние дополнително работиме на нивна ерозија, па покрај прекумерната употреба на технологијата, уште ги укинуваме и предметите што се клучни за критичкото размислување.
Изминатиов период триесетина гимназиски професори по филозофија, логика и етика испратија отворено писмо по повод новата концепција за гимназиското образование, која беше објавена на почетокот на годината, а во која се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки. Ваквата концепција нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење, реагираа професорите.
Јасно ни е дека денес образованието служи за создавање работници, послушни поданици на капитализмот, но овој пат тоа е во служба и на конечното затапување. Доколку се отстранат филозофијата, логиката и етиката од образованието, тогаш ќе создадете поданик што ќе знае сѐ, но само од една област, на пример економијата, и тоа уште понасочено од финансиите, па без другите стекнати знаења и со стеснета перспектива, ќе може да работи само во банка, и тоа само во одделот за финансии, ќе може да седи само во канцеларијата што е задолжена за тој оддел. Значи, ќе биде со насочен поглед на светот, подложен на манипулација, лишен од сите други знаења, кои би создале модерен полимат или универзален човек, кој ќе поседува знаења и вештини од инкомпатибилни области, од културата, историјата, јазиците, танцот, па преку географијата, филозофијата, сѐ до науката.
Економистот Бранко Милановиќ во една своја колумна и ги дефинира универзитетите токму како фабрики и вели: „Овие фабрики имаат суровина која се нарекува студенти и која во редовни годишни интервали ја претвораат во дипломци. Следствено, секое нарушување во тој производствен процес е како нарушување на синџирот на снабдување. Треба да се елиминира што е можно поскоро за да може производството да продолжи“.
Ренесансниот човек е мртов
Ренесансниот човек денес очигледно е излишен. Во забревтаниот капитализам тој е вишок. Вештачката интелигенција може да биде замена за која било од професиите што подразбираат каков било интелектуален напор.
Најавено е дека новите наставни програми ќе ги опфатат токму актуелните теми и трендови, како што се дигиталната трансформација (веројатно тука спаѓаат информатички технологии, програмирање, АИ), медиумската писменост, климатските промени, одржливиот развој и други глобални предизвици. Сето тоа е во ред. Овие теми ги одразуваат реалностите на современото општество, но со исфрлање на филозофијата и логиката од наставната програма, го исфрламе апаратот за промислување на овие современи предизвици и ќе го забрза процесот на „трулење на мозокот“ и создавање идиократија.
Секое време има свои предизвици, а секоја генерација – свој начин да ги реши проблемите или да избега од реалноста. Во минатото тоа беа филмовите или книгите, денес тоа се тикток-видеата и алгоритамски одбрани содржини. Нашата одговорност во ова високотехнологизирано време е да најдеме рамнотежа – да ја користиме технологијата како алатка (наместо таа да нè користи нас), но да го користиме и умот, превенирајќи го човештвото од понатамошно „трулење на мозокот“.
Тони Димитров