И што да правиме сега? Со мазут и ѓубре се труеме и ги мазниме шпекулантите, друг енергент не можеме да купиме, а ако нема греење и струја – ќе испоумреме. Во комунизмот беше „полесно“ – што ќе каже главниот – на пример Тито, Мао, Фидел или „кумот“, тоа е закон. Во фашизмот уште полесно. А сега во демократијата, особено кај нас – сите се кажувачи и команданти – политичари, репортери, свиркачи, интелектуалци, странски коментатори, баби Зумбули (како мене на пример) = сите се „паметни“, а резултат… нема. На крајот диктира „кумот“
Поттикнат од емисијата „Код“, од неделата на 6 април 2025 година, во врска со набавките на мазут како есенцијален енергент, чувствувам професионална потреба да искажам свое мислење. Пред сѐ, да им честитам на новинарите на „Код“ за извонредната новинарска истражувачка мисија, кои детално и фундаментално ги откриваат проблемите во нашата држава. За жал, тие проблеми се често криминално обоени, но тоа не е она што сакам да го кажам овде – доволен е „Код“. Проблемот е медицински. Станува збор за мазутот (heavy residual fuel oil), најевтин нафтен дериват, кој велат дека е и најтоксичен, плус гуми и увезено ѓубре што се спалува. Порано мазутот беше нашироко користен, па и ние дома се греевме со мазут во шеесеттите години од минатиот век. Така се спасивме од ќумурот. Се сеќавам дека мазутот имаше лош мирис при горење (тоа сега го нарекуваат прв степен на токсичност), а сега во развиените земји тој е исфрлен, па дури и забранет. Мммм – „прохибиција“ е интересен ентитет. Шиткаме мазут по полноќ (песната „after midnight“), или банкарски гаранции, или шиткање цени. Од „Код“ разбрав дека мазутот е важно, па дури и главно гориво кај нас за производство на струја и греење. Не дека економистите и надлежните политичари не знаат за токсичноста, туку поради цената („најевтин“) и нашата економска криза, односно на работ на беда, па „старата дама“ мазутот е нешто што се мора. Или мазут, или греење. Во светот се користи гас, ама ние го немаме. А сега со Украина, проблемот е уште покомплициран. Од друга страна, ако нема греење, богами медицинскиот проблем е огромен. Се сеќавам во Србија за време на Милошевиќ кога цената на греењето беше огромна и се пронесе глас дека и старци и деца умреле поради хипотермија или пневмонија. Па и аферата кај нас со двете новороденчиња што починаа поради хипотермија. За светските војни да не кажувам.
Што е проблемот со мазутот? Стручњаци велат дека при горењето се ослободуваат токсични гасови, најважни се сулфур диоксид и азотен диоксид и токсични ПМ 2,5 И ПМ 10 честички. Има и некои токсични талози. Искрено, проблемот и не е баш премногу испитуван. Но мазутот денес се користел само во некои „позаостанати“ земји – најмногу се наведува Иран. Е па и ние сме Иран. А дали причината што „развиените“ земји не го користат е само медицината или игра со цени – не знам да ви кажам.
Инаку, сулфур диоксидот во контакт со влага создава сулфурна киселина, која е токсична и иритативна. Ако сте биле во Атина, гледате како античките статуи „се топат“, а исто е и со катедрали и други објекти низ европските метрополи – во врска со сулфурниот диоксид. Што останува тогаш за човечкиот и животинскиот организам? Киселината се создава во слузницата на дишните патишта (нос, уста, грло, трахеа, бронхи, па и бели дробови), ги уништува и епителот и цилиите („коса“ на слузницата што „фаќа“ честички). Се создаваат имуницити (лимфни клетки) – прават инфламација (воспаление) и спазам на малите дишни патишта. Симптомите се прво кашлање, течење од нос, потоа задушување (како астма).
Тие што имаат астма, бронхитис или се експонирани и на други агенси (честички, азотен диоксид, тешки метали, чад) – уште полошо проаѓаат. Можна е и смртност – веднаш (акутно) или по долга експонираност. При концентрација од 5 ppm се јавуваат отежнато дишење, кашлање и шмркање при 10 ppm, бронхитис, и астматична криза кај 10-20 ppm, а тешка состојба, па дури и смрт ако е над 50 ppm. Тежината зависи и од други фактори – други загадувачи, сезона, времетраење, температура, друга болест итн. Можен е и карцином (рак), но студиите не се сосема конзистентни. На очите може да се јават воспаление (конјунктивит) и оштетување на рожницата. Но сулфур диоксидот и азотниот оксид може да се јават и во други ситуации – разни загадувања, рудници на бакар, фабрики на хартија, во природата (вулкани, некои езера итн.). Во Лондон минатиот век имало епизоди на загаденост со ургентни и смртни случаи. Сега ние влегуваме во таа фаза.
И што да правиме сега? Со мазут и ѓубре се труеме и ги мазниме шпекулантите, друг енергент не можеме да купиме, а ако нема греење и струја – ќе испоумреме. Во комунизмот беше „полесно“ – што ќе каже главниот – на пример Тито, Мао, Фидел или „кумот“, тоа е закон. Во фашизмот уште полесно. А сега во демократијата, особено кај нас – сите се кажувачи и команданти – политичари, репортери, свиркачи, интелектуалци, странски коментатори, баби Зумбули (како мене на пример) – сите се „паметни“, а резултат… нема. На крајот диктира „кумот“.
Може ли еден старечки предлог? Истрагата да продолжи со здружување на медицински експерти – пулмолози, епидемиолози, токсиколози, полиција, правници, па и инспектори и да се предложи решение. Најдобро би било да се воведе гасовод, ама тоа уште од пред 30 години се дискутира… разноразни министри, мангупи, ајкули, монополи, партии, војни, етнофинти… А криминалците? – Кој не е?
професор д-р Самуел Садикарио Колономос