„Автократите секогаш се поопасни во вториот мандат“ – мислење, предупредување и мислење на аналитичкиот политички дискурс, повод за уште едно навраќање на темата ДИКТАТУРИТЕ БАВНО ПАЃААТ….
Наполеон обично се смета за врвен пример на цезаризмот, мислење загатнато и сковано во 19 век за да се опише и да се легитимира одредена форма на автократско владеење.
Коментаторите наклонети кон оваа паралела истакнуваат дека секој Цезар е харизматичен лидер што (клучно) ја канализира „волјата на народот“. Внукот на Наполеон, Луј – избран за претседател во 1848 година, ја бранел својата моќ со државен удар во 1851 година, а потоа се крунисал за император како Наполеон Трети – воведувајќи го во таа пригода универзалното машко право на глас, против конзервативните елити, кои им го даваа тоа право само на земјопоседниците.
Едно од големите зла од времето на современите тоталитарни системи е заробување и на умот… такви беа практиките со континуиран и страшен идеолошки притисок, со конкретна, јасна и возвишена цел да се создаде „нов човек“ по терковите на научниот социјализам, марксизмот – ленинизмот, маоизмот, титоизмот и сл. Зло од кое според извесни процени во минатото страдаа над сто милиони луѓе. Но диктатурите бавно паѓаат, забележуваат проследувачите, „аналитичари циници, објективни реалисти“ и други… тема што секогаш и одново е актуелна…
Што, всушност, се подразбира под поимот диктатура? Апсолутистички монархии, воени режими, еднопартиски системи, според теоријата, но и повеќепартиски т.н. фингирани демократии во кои однапред, пред изборите, се знае кој сигурно победува, сѐ е сведено на една формална процедура. Но, според современиот аналитички дискурс, еве уште едно толкување, едноставен и јасен одговор. Диктатура е сето она што не е демократија.
Се наметнува круцијалното прашање како да се препознае што е демократија. Едноставно, според тоа што пристапот до власта е отворен и најважните позиции се заземаат преку слободни избори, во современиот вмрежен свет има сѐ помалку можности за авторитарни режими и пристапи што преку системски рушења, државни удари, политички перипетии и слични дејства заземат државни институции и власт. Трагикомичен е и обидот во некои од „скоро“ ослободените демократии резултатите од легитимни општи избори најчесто верифицирани од домашните институции и меѓународниот мониторинг да се ставаат надвор од законот и владеењата наједноставно да се прогласат и третираат како диктатура, фашизам, мрак… Некој упорно одбива да се навикне на новото време во кое повеќе нема заробени умови и забрана на поинакви конкурентни мислења, туку слободно изразување волја на гласачите на избори. Диктатурите бавно паѓаат, тврдат геополитичките аналитичари и експерти. Потребни се од седум до десет години за она што се нарекува декларативна промена, а за вистинска демонтажа на системски напластените слоеви девијации, облици на свест, освоени позиции најверојатно двојно и тројно повеќе.
Меката диктатура како облик на владеење е една од најчестите карактеризации на ликот и делото на Ј.Б. Тито кај западните експерти, но и кај аналитичките кругови на новиот „демократски бран“. Таа е факт. Но таа секогаш треба да се разгледува во еден поширок општествено-историски контекст. Тогаш „диктатурата на пролетаријатот“ беше нешто што се изучуваше и во училиштата, нешта со кои, како што нѐ учеа, треба да се гордееме и социјалистичка догма што траеше со децении, како баланс и облик на социјална правда без свест за почитување на законите, волјата на избирачите во едно општество. Но тоа беше и дел од официјална стратегија и доктрина на владеење, која подоцна создаде мноштво проблеми во сферата на планската и неефикасна економија. Но создаде и една каста повластен слој граѓани, кои студентското незадоволство ја крсти „црвена буржоазија“, која имаше силна потпора во „четвртата најсилна армија во Европа“ и во моќните структури на државна безбедност. Од тоа време е и една изјава од познат политичар, подоцна висок функционер во Владата на Србија, кој кусо време по заминувањето на Ј.Б. Тито, на темата дали е готово со режимот и „меката диктатура“ одговори: „Немојте да се надевате дека сѐ ќе се одвива лесно и безболно. И немојте да очекувате дека југословенските генерали и моќници ќе ги пуштат моќта, интересите и привилегиите и ќе слезат на плоштадот ’Теразие‘ и ќе продаваат семки, кикиритки и леблебии…“.
Нашата ексјугословенска диктатура помни и „тврдоќа и мекоќа“, во зависност од ситуацијата. Историја е блиска и непобитна, нотираат проследувачите. Првите повоени избори беа увертира за понатамошни фалсификати сѐ до нашево време. Остана запаметено во колективната меморија како се исфалсификува она „неќемо краља, хоќемо Тита, народ се пита“, преку полнење со топчиња на изборните кутии. Нивните имотни наследници во 1994 г. го преповторија тоа. Диктатурата омекна кога пропадна стопанската реформа некаде во 1964-1965 г. Тогаш на упатениот СОС до „клетите капиталисти“ ширум се отворија вратите за одење на „привремена работа“ во странство. Некои стигнаа и прекуокеански да си го доживеат идеолошкиот кошмар, кога мора да се величаат западните вредности, наспроти напредните идеолошко-комуњарски со кои претходно се гордееја и им беа единствена „ѕвезда водилка“. Сега некои /и леви и десни/ сѐ уште ја доживуваат денешницава овдешна како диктаторска, а всушност не сакаат вистина и резултати од избори и референдуми и сето тоа го доживуваат и претставуваат како бетер-диктатура.
Тој дел од историјата завршува со физичкото заминување на доживотно избран владетел, десетина години подоцна и резултира со крвав расплет и над 300 илјади жртви. Ако се анализираат внимателно дејствијата и однесувањата на политичките субјекти што се одвиваат од почетокот на независноста до денешни дни во нашиот сокак, се наметнува прашањето – дали ова што сега се случува, се карактеризира и нарекува и политички натпревар е вистински или тоа е само условен рефлекс од силната политичка инерција од педесетгодишниот еднопартиски монопол, што досега беше можеби помалку видлив на пошироката транзициска перспектива. Најпрвин прашањето кои се носители и протагонисти на овие бурни и сложени политички преобразби и состојби. Тоа беа и во најголем дел се главно политички профили од кастата создадена во петдецениското едноумие, легална партократија, напластен непотизам, со привилегии во сите сфери на живеење и дејствување, какофонија од бандитизам, невработеност, некомпетентна надуеност, непотизам и протекција, фамилијарна, партиска комшиска, во која сѐ уште царуваат инсталации од минатиот систем. Така е кај нас, кај соседите и во голема мера во целиот транзициски блок. Некои упорно одбиваат да се навикнат на новото време во кое сѐ помалку ќе има заробени умови.
Аљоша Симјановски