Држава во непрекината криза со низок интензитет

Протестите по трагедијата во Кочани

Неколкумина поупатени аналитичари укажуваат од поодамна дека Република Македонија (сега Северна) уште од почетокот на својата самостојност живее во постојана политичка криза. Некогаш е поизразена, некогаш послаба, некогаш невидлива, но секогаш присутна, поради што го добила квалификативот на „држава што живее во непрекината криза со низок интензитет“. Ако се направи некаков, макар и летимичен, осврт на настаните во минатите триесетина години, јасно ќе се види дека секогаш кога се очекуваат смирување и стабилизација се случува нешто навидум случајно или очигледно намерно што го подрива или обезвреднува претходно вложениот труд во обликувањето на државата и нејзиното застанување на здрави нозе.
Оние постарите што паметат сигурно се сеќаваат на затворањето на границите со соседните земји во првите години од независноста, на атентатот на претседателот Киро Глигоров, на меѓуетничката војна во 2001-та, на авионската несреќа во која загина Борис Трајковски, вториот претседател на државата, на таканаречената Шарена револуција, на криминогената афера со пратениците при промената на името. Ако овие случувања го држат врвот на табелата по влијание за предизвикување драстични политички, реформски и кадровски промени, помалите афери прават долг список на настани што, на еден или друг начин, придонесувале да се менува политичкиот курс, да се внесе неизвесност и, соодветно на тоа, да се дестабилизира државата.

Злоупотреба на семејните и личните трагедии

Деновиве Македонија се соочува со една од најголемите човечки трагедии во нејзината поблиска и подалечна историја. Пожарот во дискотеката во Кочани, во кој животот го загубија 59 млади луѓе, никого не може да го остави рамнодушен, без жал, без солза, без здив, без човечко сочувство. Општата национална тага испреплетена со државната реалност сама по себе говори дека не само Кочани туку и Република Северна Македонија не може да остане онаква каква што била во општествена смисла. Ако државата, при што се подразбира власта, премине ноншалантно и по традицијата на „секое чудо за три дена“, тогаш ниту ќе остане нешто од нејзиниот капацитет на доверба ниту, пак, некоја идна власт ќе може да решава на нормален начин некој евентуално голем проблем.
Мошне брзо по трагедијата настаните се одвиваат на два колосека. На едниот вози власта, на другиот опозицијата, која се крие зад лицето на новоформираните движења, пленуми, невладини организации и слично. Видени се, доживеани и преживеани се и едната и другата слика: власта се брани, опозицијата напаѓа. Гневот, ако е вистински, е оправдан, како што е оправдано и власта да се брани.
Што е тоа што е видено и што овој пат е нелогично во протестите што засега се со низок интензитет, а се најавува засилување. Видена е грозоморната злоупотреба на трагедиите во политички цели. Не треба да се оди далеку во минатото, доволно е луѓето да се потсетат на главните точки од кои се пукаше во Шарената револуција. На најнехуман начин беше злоупотребувана сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов, со месеци се маршираше за убиството на Мартин Нешкоски, бесрамно беше користена смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес што боледуваше од вродена мана на ’рбетниот столб.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Настапот на уличната герила

Иако протестите почнаа како студентски и граѓански, на крајот се покажа дека таа „револуција“ всушност беше најголемата политичка измама во цела македонска историја, по која падна владата на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, а Република Македонија под владеење на Зоран Заев и СДСМ го смени името на државата. И доживеа пресврт, со кој, наместо да донесе реформи и напредок, државата доживеа големи падови на политички, економски и морален план. Особено на морален.
Иако не многу, сепак се видливи знаците дека се сака трагедијата во Кочани да се искористи граѓаните повторно да бидат злоупотребени за нечија политичка корист. Сегашните иницијални организирања и протести, барањата за одговорност и повикувањата за „паѓање глави“ не се наивни, сигурно ќе водат кон поотворена и засилена конфронтација со владата на Христијан Мицкоски. Голем дел од главните идеолози, инспиратори и организатори се поранешни министри, амбасадори, универзитетски професори, шефови на богати невладини организации, ликови гледани во заднината од времето на Шарената револуција и агитатори за промена на Уставот на државата. Таргетот е ист, исти се офицерите и паролите, различни се средствата и војниците. Репризата е на повидок, иако никој не сака да ги согледа последиците од дејствувањето на новата обучена улична герила.

Оставките – нанаучена политичка лекција

По кочанската аветинска ноќ, сосема е нормално да се бара одговорност од непосредните и посредните виновници, политичка, морална и човечка одговорност, како и поднесување оставки. Но дали сите овие категории на одговорност воопшто и постојат во македонскиот политички кодекс од создавањето на „независна и суверена Македонија“? Не би требало да се наведуваат примери од минатото, но не може да се избрише од сеќавањето за вечерта на 8 септември 2021 година, кога избувна пожар во модуларната болница за пациенти со ковид-19 во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Тогаш министер за здравство беше Венко Филипче кој поднесе оставка два дена подоцна, но претседателот на владата Зоран Заев не му ја прифати и не само што го амнестира туку подоцна го востоличи на местото претседател на социјалдемократите.
Со чинот, односно со нечинењето на Заев е целосно урнат системот на одговорност во државните органи, затворени се вратите за доброволно повлекување од функција дури и при чувство на вина. Тој чин ги охрабри сите негови министри, заменици, помошници, директори на јавни претпријатија и други функционери од коалицијата СДС и ДУИ да ја „доораат“ државата материјално и финансиски, без никакво чувство на внимателност и одговорност. Конечно, одлуката да нема одговорност ниту за министерот ниту за оној што ги градеше пластичните бараки им обезбеди виза за иста постапка на секој иден министер и на секој претседател на владата. Сега секој може да го постави пред некого прашањето зошто да настрадам јас кога не настрада тој! Ако беше прифатена оставката на министерот, ако одговараа градителот и другите одговорни во болницата, денес сѐ ќе беше поинаку во тој однос.

Зошто да биде добро кога може да биде лошо

Во актуелната, новосоздадена сфера со повици за одговорност на актуелни министри и други функционери се забележливи различните аршини токму на примерот на професорот Филипче. Имено, дел од политичари и дел од медиумите и поединци во нив го бранеа жестоко министерот и му советуваа да не поднесува оставка и се залагаа Заев да не ја прифаќа. Истите тие персони заборавија што зборуваа и пишуваа по повод жртвите во тетовската болница и сега бараат оставки. Иако загинаа 14 болни луѓе, немаше големи повици, немаше протести, немаше маршеви.
Неизвесно е како ќе се одвива натамошното сценарио од оние што ја спроведуваат редовно тактиката „зошто да биде добро кога може да биде лошо“. Заблуда е дека зад протестите стојат хумани мотиви, дека се израз на жал за жртвите во кочанската несреќа. Забораваме дека сѐ е политика, дека зад секој чин се кријат политички и финансиски интереси, лични, групни, партиски. Забораваме дека во ова ново герилско движење на крајот влог ќе бидат барањата за промена на власта, за освојување на уставните амандмани и запишување на Бугарите во Уставот и редица други отстапки што ќе треба да ги направи Република Македонија на патот кон Европската Унија. Партиите братски ги контролираа тогашните случувања, како што и сега братски контролираат други случувања.