Нека виси Педро

Времињата се менуваат, но навиките очигледно не. Деновиве сме сведоци како повеќе грла, некои богами и засипнати, упорно го повторуваат стариот хит. Пуштете го Педро да си ја врши работата. Време за бесење има. Прво да видиме кој и за што е кабает, а јаже ако треба, и од дома ќе си донесе тој што заслужил – да се послужиме со зборовите од уште еден виц од оние старите времиња

Во некогашната држава едно време многу популарен музички хит беше песната „Нека виси Педро“. Песна како песна, беше хит и се подзаборави. Но нејзиниот наслов остана да живее многу подолго од самата песна, бидејќи во безброј случаи беше употребуван за да се укаже на некои аномалии во секојдневието, особено кога, најчесто неоправдано, ќе се нападнеше некој лик за кого партијата решила дека треба да се оцрни, а потоа и да се отстрани од политичкиот или јавниот живот. И, како по обичај, на крајот ќе се покажеше дека нападите биле неоправдани, односно биле наменски, затоа што некој таму, горе, така проценил.
Времињата се менуваат, но навиките очигледно не. Деновиве сме сведоци како повеќе грла, некои богами и засипнати, упорно го повторуваат стариот хит. Додуша со малку подизменет текст, но во суштина намерата е иста. Сега рефренот на новиот хит е „Собранието да се самораспушти“, а поводот е наводно неработењето на законодавниот дом, иако вистинската намера се гледа од авион. Пеат поранешни, пеат актуелни политичари, пеат благонадежни кандидати што сонуваат и тие еден ден да седнат во топлите и удобни фотелји, сите со надеж дека сега е моментот…
Но, без желба да им ја расипуваме игранката, би било добро само да видиме што сакал да каже поетот. Имено, да се распушти Собранието, така? Ова е очигледно контрадикторно барање. Да речеме прашање за дискусија.
Еве, да се согласиме дека е така. Но, најпрво треба да се запрашаме што суштински може да направи Собранието? Да се меша во работата на извршните органи? Да се меша во делокругот на работа на правосудните органи? Да зазема политички став за нешто што по природата на нештата е стриктно од правна природа? Или, пак, да донесува некакви необврзни декларации и резолуции, кои во овој случај немаат ама баш никаква тежина? Или, пак, оние што се залагаат за инволвирање на Собранието да покажат дека пратениците не ги напуштиле своите граѓани?! Многу жално и патетично. И ова го заговараат доајени во македонската политика?! Навистина станува сѐ појасно зошто не функционирал системот и зошто бил толку тром, неефикасен…, зошто властите (законодавната, извршната и судската) се преклопувале со надлежностите и, второ, како се прогласувале за ненадлежни во делот што законски треба да си го завршат. Навистина жално.

Сите сме сведоци дека секојдневно добиваме нови и нови сознанија за тоа како се одвиваат работите по трагедијата што нѐ погоди сите. И сведоци сме на еден старт на „замаец“ во кој дел од извршниот и дел од правосудниот апарат е ставен во функција, и тоа во полн капацитет. Тогаш, што би барало Собранието некаде каде што не му е место? Да се појави некаде „заради уметнички дојам“? Навистина, да не ги замајуваме граѓаните дека се оставени на цедило од пратениците. Тие нема да бидат оставени настрана доколку надлежните институции постапуваат по закон и ги расчистуваат работите чекор по чекор. Педантно, ефикасно и во законска процедура.
Ако потребниот дел од државниот апарат е ставен во функција, ако се спроведуваат законите што ги донело Собранието, што е тука спорно?! Собраниските комисии?! Надзорни расправи?! Нечија интерпелација?! Пратеничките прашања?! Или, пак, некој друг вид на контролно-надзорна функција на Собранието? Ама ајде, ве молам… Немојте да ја замајувате јавноста…
Се разбира, ако случајно не се спроведуваа законите, тогаш во Собранието можеа да се активираат надлежните комисии и според процедурата да преземат надлежности. Но, зошто сега би се мешале работите, кога нема потреба, кога гледаме дека секој си ја завршува работата во рамките на своите надлежности.
И навистина, му останува на човек уште еднаш да се запраша кому му треба ова прозивање, покажување „искуство, знаења“, создавање клима на недоверба?!
Во крајна линија, ситуацијата околу катастрофалниот пожар во Кочани се расчистува полека, обвинителството и полицијата си ја тераат работата како што ја тераат, здравствените власти го спроведуваат договореното, секој надлежен си го презеде својот дел од одговорноста и си го работи она што е пропишано. Може да се каже дека работите се приведуваат кон некаква завршница, барем она што може да се заокружи засега. Тоа би значело дека за кусо време ќе може да се повлече некаква замислена црта и да се види кој што сработил или не сработил, кој потфрлил, а кој сосема ја промашил работата.

Тогаш би можело да се бара нечија одговорност или, пак, можеби ќе треба некому да му се каже дека и во најтешките моменти чесно си го сработил она за што е надлежен. Можеби тогаш и Собранието би можело да донесе некој заклучок, но само да констатира пост -фестум што и како се случило.
Секое вмешување во работата на извршните и правосудните органи што си ја работат својата работа значи нешто друго. Нешто што не би го посакал никој, бидејќи знаеме каде би ја одвело државата такво однесување.
Затоа, пуштете го Педро да си ја врши работата. Време за бесење има. Прво да видиме кој и за што е кабает, а јаже ако треба, и од дома ќе си донесе тој што заслужил – да се послужиме со зборовите од уште еден виц од оние старите времиња, од кои изгледа ништо не научивме како искуство, па сега правиме почетнички грешки.