Прата експедиција во Ресен и Преспа ја извел професорот по етнологија Бранислав Русиќ со група студенти, меѓу кои и ресенчанецот Трајан Пецале, во далечната 1949 година. Експедицијата на Кристина Паскоска е втора и се случува по цели 75 години
РАЗГОВОР СО ЕТНОЛОГОТ КРИСТИНА ПАСКОСКА:
Kристина Паскоска е дипломиран етнолог и антрополог. Дипломирала на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Фокусот на нејзината истражувачка дејност е насочен кон антропологијата на танцот и музиката, визуелната етнографија и антропологијата на културното наследство. Авторка е на личниот блог „Мекам“, кој содржи ентографски патописи за македонски села, градови и места, рецензии на ресторани (етногурманологија), музика и етнографски филмови.
Во 2024 година ја најави својата најголема мисија, проект од големо значење за Македонија и почит кон корените – Експедиција низ сите македонски села. Неколку месеци подоцна, по најавата на експедицијата, како прва дестинација ја одбра етнографската целина Преспа, престолнината на цар Самуил. Оваа целина вклучува 46 села во македонскиот дел, 22 села во грчкиот и девет села во албанскиот дел. Заедно со својот тим во рок од три недели успеа да посети и да документира 38 села и до крајот на експедицијата ѝ преостануваат уште осум села. Првата експедиција во Ресен и Преспа ја извел проф. Бранислав Русиќ со група студенти, меѓу кои и ресенчанецот Трајан Пецале, во далечната 1949 година. Експедицијата на Кристина Паскоска е втора и се случува по цели 75 години.
– Проектот започна да се крои од мојата голема љубов кон Македонија и почитта кон корените, но и од појдовниот факт дека селата претставувале темел на државата. Богато село значи богат град, односно богата држава. Токму поради тоа, потребите на селаните треба да бидат на прво место. Така било во минатото, зошто да не биде така и сега, во време кога постои софистицирана машинерија и опрема каде што со разни субвенции може да дојде до зголемување на стопанските гранки од кои живеат одредени села, а со тоа и нивно урбанизирање – вели Паскоска.
НАЈУБАВИТЕ ЛЕТА ОД ДЕТСТВОТО ГИ МИНУВАВ ВО ЉУБОЈНО
Како што спомнавме, Кристина ја започнала експедицијата од Преспа, престолнината на цар Самуил. Нејзиниот впечаток е дека Преспа е прекрасна, живописна, дива, а истовремено и питома област.
– Преспанско Езеро ѝ вдахнува особена архаичност и мистичност додека селата се приказна за себе. Една од причините зошто токму Преспа ја одбрав, е затоа што мојата баба (мајката на мојата мајка), води потекло од селото Љубојно. Љубојно е селото во кое ја осознавме и јас и мојот брат симболиката на детската игра, како е да се биде безгрижно дете и да се ужива во детството. Секоја година, по завршувањето на училишните обврски, со моите родители и брат ми заминувавме во Љубојно и таму останувавме сѐ до почетокот на училишната година – раскажува Паскоска.

НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛА СРЕТНУВАМ ЛУЃЕ ВО ВИСТИНСКАТА СМИСЛА НА ЗБОРОТ
Воздухот, околината, ливадите, пејзажите на планинскиот раскош и погледот кон Преспанско Езеро никого не оставаат рамнодушен. Како што вели Паскоска, таа глетка, тој мир, свежина во градите треба да се доживеат токму таму.
Низ нејзините патешествија наидува на целосно иселени села, но и на села со повеќе или помалку жители, од кои ги слуша нивните животни приказни за некогашниот и за сегашниот селски живот, како и за нивните пораки за подобрување на моменталните состојби во македонските села.
– Сретнувам луѓе во вистинска смисла на зборот. Презаситени и уморни во борбата за подобро утре, но и покрај тоа со искра надеж во очите и душата. Желни за прегратка, за насмевка, за убав споделен збор – раскажува Паскоска.
Вели дека за подобро функционирање на македонските села треба да се решат некои основни потреби и проблеми.
– Некои села сѐ уште немаат вода, немаат струја, немаат инфраструктура, немаат каде да го фрлаат ѓубрето, амбуланта, продавница, училишта. Селата можат да опстојат доколку сето ова е спроведено, а не занемарено. Во 21 век луѓето да молат за основни потреби е вистинска трагедија – вели нашата соговорничка.
Овие недостатоци се причина за масовни отселувања, не само од селата туку и од градовите, надвор од границите на Македонија. Покрај тие причини, во најголема мера миграциите се случуваат поради општествено-економскиот развој, семејните причини, образованието и вработувањето. Но Паскоска е оптимистка и смета дека ситуациите можат да се променат на подобро.
Експедицијата ќе се документира преку фотографија и дрон, теренски белешки, аудио и видеозаписи. По завршувањето на експедицијата во секој регион, следуваат монтажа на аеросториите, постпродукција на фотографиите и обработка на етнолошките и антрополошките аудио и видеозаписи, односно транскрипции. Крајната цел е изложба на фотографии и објавување книга.
СЕМЕЈСТВОТО – ГЛАВНА ПОДДРШКА
Интересно е да се спомне дека Кристина Паскоска ги реализира патувањата заедно со своето семејство. Вели дека нејзините патописи не би биле тоа што се доколку миговите од патувањата не ги доживува заедно со семејството, кое ѝ е голема поддршка.
– Се чувствувам безбедно и комотно додека заедно патуваме и истражуваме. Експедицијата да се одвива природно, без форсирање, се ужива и се работи. Тоа што сакам е сите што учествуваат во експедицијата да се чувствуваат убаво и да нема притисок. Секој си има своја улога, сопругот управува со дрон, брат ми Никола Коларовски фотографира, исто така и мојот син умее да користи фотоапарат. Јас сум задолжена за визуелната етнографија при етнолошките и антрополошките истражувања – вели Паскоска.
Експедицијата низ сите 1.645 македонски села е голем предизвик за Паскоска и за нејзиното семејство од временски, организациски, но и од финансиски аспект.
– Експедицијата се финансира преку продажба на маички и дуксери со логото од Мекам, како и преку трансакциска сметка. Во многубројни досегашни мои јавни излагања потенцирав дека не бараме луксуз, ниту пак дека сакаме да се збогатиме од овој проект, туку се стремиме кон духовно облагородување -порачува етнологот Кристина Паскоска.
Од досегашното пропатување низ Преспанскиот Регион, посебен впечаток ѝ оставиле преспанските специјалитети, особено познатите „циронки“.
– Кога би имала гости од странство, прво би ги однела во селото Арвати. Гостите би уживале во извонредната палета на вина, би јаделе традиционални преспански специјалитети, а додека се гоштеваме, во заднина би се слушала Шарпланинската езгија изведена на кавал од мојот прадедо Миле Коларовски, познат меѓу народот како Миле Коларов – вели Кристина Паскоска, чие истражување низ Преспа продолжува во селата Златари, Сопотско, Коњско, Лева Река, Илино, Избишта, како и во целосно иселените села Стипона и Петрино, кои заживуваат само во летните месеци, благодарение на луѓе од дијаспората што потекнуваат од овие села.