Од актуелни до бивши – од браво до уа

Во едно друштво, половина штипско, половина влашко и велешко, во кое одвреме-навреме пиеме кафе, гласните дијалози понекогаш се поврзани со политиката во Македонија, повеќе со минатата, помалку со сегашната. Нормално да е така зашто ако некој ни ги собере годините на куп, може на шега да рече дека сме биле родени уште во добата кога бил пронајден огнот. Имаме различни мислења, контрираме едни на други, но никогаш не сме ја вжештиле атмосферата да дојде до кавга или до нечија старечка невротична реакција. Конечно, во друштвото имаме еминентен психијатар.
Во расправата на кафеанската маса општите теми добиваат на интензитет кога се гарнираат со имиња на високите личности во политиката, од оние за времето на комунизмот – социјализмот до овие од денешните дни, да не речам од дедо Ное до Христијан Мицкоски. За верување е дека вакви разговори и идентични заклучоци се точат и во други кафеански друштва слични на нашето.
И кој е генералниот заклучок од искричавите дискусии? Заклучокот е дека нема невин политичар, дека побројни биле лошите од добрите. И подолгата и пократката историја на македонскиот народ, на неговата национална, револуционерна, политичка и класно идеолошка борба, јасно покажува дека речиси нема личност што заминала овенчана со признанија и слава, освен можеби Гоце Делчев, кој славата ја доживеа посмртно.
Многубројни се примерите на оние личности што и покрај сето она што го направиле за народот и државата, на крајот, како награда, биле испратени со одречување и негирање на нивните заслуги. Речиси нема деец, револуционер и функционер кому за време на животот или по него му било признаено делото, кој бил испратен со аплауз и со сите признанија за тоа што го направил. Не земајќи ги во обѕир дејците од двата минати века, од кои некои се дискутабилни поради нивната (би)национална припадност, толку хибридна на Балканот, од прокобата за неуспешност не се спасиле ни нивните подоцнежни наследници, вклучувајќи ги оние од независноста наваму.
Со мека елиминација или на суров начин својата политичка кариера ја завршија првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, и бардовите Павел Шатев и Панко Брашнаров. Политички несреќно завршија голем број борци и воени команданти од НОБ, славни дејци, делегати на АСНОМ, како и млади, надежни кадри во периодот по ослободувањето, без оглед на нивниот придонес во борбата или во изградбата на земјата. Дали по Информбирото, дали за заблудата за обединета Македонија, не мал број наместо награди, добивале казни.

Да не ги спомнуваме Крсте Црвенкоски и другите високопозиционирани партијци од времето на таканаречениот либерализам, во чие време Македонија ги доизгради националните и државни институции и ја бетонира националната македонска свест. Тогаш е формирана Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), тогаш е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква. И првиот претседател на Владата и претседател на Комунистичката партија на Македонија, Лазар Колишевски, една од најзначајните личности во новата историја на Македонија, ја дочека својата старост заборавен, безмалку понижен, со одземени одличја и признанија.
Без должна политичка почит замина и Киро Глигоров, првиот претседател на независна и суверена Република Македонија. Брзо во заборав отидоа првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, и неговиот наследник Бранко Црвенковски, еднаш како претседател на Владата, вторпат како претседател на државата. Љубчо Георгиевски, лидерот на разбуденото ВМРО, падна носејќи ги со себе сите енигми за националната определба. Васил Тупурковски, во младите години една од најголемите политички надежи во Македонија, покрај маките со здравјето, има маки со државната администрација, која не го препознава. Владо Бучкоски едвај се извлече од строги пресуди, Груевски е азилант во Унгарија, Заев азилант во Струмица или во некоја земја со непозната адреса. Од нишанот на критиките не се спасија ниту поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.
Ако не се земе за значајна онаа плејада од луѓе што само патем и случајно се најдоа на врвот на македонската политика, не може да се заборават други фактички учесници во битката за независност, првите пратеници во македонското повеќепартиско собрание, министрите на првата влада. Сите нив, сите нивни заслуги Македонија или ги избербати или ги покри со дебела прашина, ги избриша од сеќавање за експресно време.
Што е карактеристично, генерално гледано, во тие збиднувања. Ниедна нова власт, вклучувајќи ја и последнава, ниедна следна политичко-партиска гарнитура не ѝ рече „фала“ на претходната. А „уа“ колку ти душа сака. Како по правило, критиките кон старата власт стануваат еден од главните столбови на кои се потпираат ангажманите на новата. Истото тоа се случува речиси на сите нивоа и во сите области, тоа на своја кожа го почувствуваа и видоа (а и сега го гледаат) редица научници, еминентни универзитетски професори, доктори по медицина, врвни уметници од разни профили, спортисти и спортски работници, директори на фирми што ја спасуваа Македонија кога беа блокирани границите на север и југ. Главна, стратегиска одредница на политичко-владејачките структури, на македонскиот владејачки менталитет, сите овие години на независност, е ширење омраза и одмазда, политика заснована на злоба и завист, на или-или, еден жив – друг мртов.

Во еуфоријата кога некој или нешто треба да се уништи никој не ги гледа претходните резултати и дела, никој не обрнува внимание на тоа што некој во државата создал, изградил, унапредил, средил, помогнал, завршил нешто недовршено. Сите регрути на политичката сцена почнуваат со браво, а како ветерани завршуваат со „уа“. Одеднаш, како под нечија невидлива диригентска палка, стануваш бивш (екс) и брзо си избришан од колективната меморија и политичката историја, не само во општеството туку и во блиската средина.
Историчарите што сериозно се занимаваат со прашањата на нациите, колективната меморија ја сметаат за битен дел од националниот идентитет. Таков идентитет му одредува и колективната амнезија, односно заборавањето. Според модерните социолози, сеќавањето ја обликува нашата врска со минатото, а начините на кои тоа се памти го одредуваат идентитетот, ја зацврстуваат традицијата и ја создаваат визијата за иднината. Идентитетот го дефинира она што останува запаметено, било тоа да се дела на поединци или групи.
Така велат историчарите. Ние неколкутемина остарени квазифилозофи, пиејќи кафе, го продолжуваме дијалогот меѓу минатото и сегашноста што никогаш не завршува, имајќи ги предвид сознанието и личното искуствоо дека и сегашноста уште утре може да биде минато, заборавена историја. Истото тоа може да се случи и со нејзините главни актери.

[email protected]