Јазикот, драг читателу, е едно од најголемите господови чуда, кое и за него е откровение. Тој е како свадбен чеиз од Создателот за неговото богообразно создание. Во Светото писмо во Евангелието по Јован гледаме дека Словото/јазикот има креативен потенцијал, и тоа тука како микроструктура на божествената креација и мисла го симболизира и самиот Бог, кој како што вели Јунг го означува нашето психичко јаство или сопство. Тоа, пак, Индусите го знаеле порано од Западот. Според Евангелието по Јован, Словото/Зборот е божјиот Логос со коj почнуваат почетокот и создавањето на светот: „Во почетокот беше Словото и Словото беше Бог (…) Сè стана преку Него, и ништо не стана без Него. Во него беше живиот живот, и им беше светлина на луѓето.“ (Јован 1:1-4).
Јасно е што значи тоа: дека и Бог е Слово, Јазик, и дека со него го остварува создавањето. Кај Индусите, пак, тоа се остварува со празвукот ОМ ослободен од праатомот во кој е залегната божјата свест. Но за нас и во контекст на нашата денешна тема, драг читателу, сега се важни јазикот, живиот живот и светлината, кои се негови енергетски состојки како што вели и апостол Јован. Според неговата визија, светот е едноставно изговорен, па ако ние jа намагнетизираме и навигираме нашата имагинација на неговата визија ќе го видиме целокупниот космос, кој сè уште се доградува и, според модерната астрофизика, како една огромна реченица без интерпункција, што сè уште ја раскажува својата неопфатна креативна приказна. Шехерезада што нема крај.
Така, иако ти веќе ме опоменуваш како картезијанец, драг читателу, дека газам во живиот песок на темата и дека пропаѓам во мит и мистицизам. Така е, но во потрага по генезата на сите нешта неопходно воленс/ноленс се тргнува од митот па натаму. Тоа го прават и антрополозите од ранг како што се Клод Леви Строс, Малиновски, Елијаде, Фрејзер, Касирер и други, кога елаборирајќи ги феномените на генезата и поаѓајќи од митот истовремено ја откриваат и „црната дупка“, сингуларитетот на западната рационалистичка психа, која го всмукала во себе сè што е свето и ја испразнила човековата душа од него. Затоа ние ќе ја продолжиме линијата на нашата мисла премостувајќи ја таа „дупка“ и следејќи ја мистеријата на феноменот јазик, кој толку многу е банализиран од празната консумеристичка егзистенција, како и од баналната политика денес. Јазикот, ако добро размислиме, е едноставно клуч за отворање на тајната на сè. Како? Со фактот дека во симболошка смисла тој е говор на сè. Имено затоа потсвесно, и без да забележиме, ние велиме: јазикот на животните, или јазикот на билките и растенијата, а за феноменот дека тие имаат таен говор пак за тоа нешто ни кажуваат митовите и бајките. Кирлијан и Бакстер се обидоа дури и научно, со експеримент да навлезат во јазикот на билките и растенијата, откривајќи ги нивните инстинкти и реакции на страв од опасноста што им се приближува, како врелата вода на цвеќето, или секирата на дрвото итн. Значи темата на јазикот како говор на сè е бескрајно широка не само за поетите и антрополозите, туку воопшто како што гледаме и за модерната наука.
И Светото писмо како што видовме сè поместува како генеза во средиштето на јазикот. Сè има свој специфичен јазик и говор како еманација на Бог и божественото. Веројатно оттука и Свети Августин ја извлекол својата мистична теорија за центарот: „Нема периферија, сè е центар, бидејќи во сè е Бог и сè во Бог“. Тој длабок католички светец и мислител имплиците, како и сè друго и мистеријата на јазикот како дар на божјата милост ја бара во претсоздавањето, кога веќе Творецот однапред ја испланирал во својата визија сликата на светот со сите негови живи созданија, најнапред со човекот, и ги разделил на cè и на секого своите дарови од почетокот до свршетокот на времето. Тоа е таканаречената предестинација најнерешливата тајна со која теолозите имаат најмногу мака околу нејзиното одгатнување. И тука Свети Августин има решение, мисли дека едноставно, како преегзистенцијални, сме ги добиле секој од нас и сè не по заслуга на делата, на кои нè потсетува и Исус, туку по заслуга на милоста божја. Зошто и како, пак, едни се штедро, а други помалку или непомилувани никој не знае да каже. Трагичната приказна за Каин и Авел само jа дозагатнува таа неразрешлива и неподложна на тврдата теолошка догматика енигма. Но во рамките на темата на нашата колумна, драг читателу, едно е јасно, а тоа е дека Бог со јазикот едноставно како негово најубаво откровение еднакво го дарувал со својата милост секој човек од почетокот до свршетокот на светот. Всушност со тоа сега сме и на самиот почеток на создавањето од него на првиот човек, нашиот прародител Адам, од чие ребро подоцна, за да не биде сам, излегува и Ева. Адам е создадениот од глина, но следејќи го и понатаму развојот на линијата на нашата мисла веќе можеме да кажеме, не само како претпоставка, дека таа создателска материја била фигуративно речено, глината на јазикот. На поетската интуиција воопшто не ѝ е тешко да го сфати тоа, па оттука и можеме да го разбереме мексиканскиот поет Октавио Паз кога вели дека човекот е составен од зборови. На иста бранова должина со него е и Хајдегер со тезата дека јазикот е тој што го создал човекот, а не обратно како што го тврди тоа еволуционистичката теорија на Дарвин со која сè уште се удираат по глава децата во училиште.
Toa e тоа, и така e тоа, драг читателу, со универзалното божјо благо јазикот, кој, парадоксално, по аналогија на гревот (како што вели пак Светото писмо) од еден навлегува во сите единки и поколенија понатаму по Адам. Но човекот во својата земна егзистенција со тоа благо уште на почетокот лошо се служи, користејќи го него не само за добро туку и за зло, не само за позитивна комуникација туку и за кавга. Веќе спомнатата анегдота со Каин и Авел е архетипска на тој план. А човекот почнал понатаму него да го користи и како елемент на својата суета и егоизам, обидувајќи се во тоа да го досегне, дури ако му успее и да го надмине величието на Бог, па така тој (пак библиска парабола) почнал да ја гради вавилонската кула, која требало да се извиши до небото. Е, тогаш Бог, дотогаш единствениот јазик што важел за сите луѓе на земјата го разбил и раситнил на многу различни јазици. И тогаш се урнала и кулата на човековата суета, бидејќи градителите веќе не само што не можеле да се разбираат меѓу себе за течно да врви работата, туку почнале во неразбирањето и да се пизмат и караат едни со други. Оти божјата порака на Творецот била човекот-човештво, како што би рекол Шлаермахер, да си изгради заедничка куќа за сите луѓе како едно семејство, а не вавилонска кула на суетата. Пораката имала онтолошка содржина: јазикот како „куќа на битието“, сликата што ја употребува Хајдегер во неговата егзегеза на поезијата на Хелдерлин, Рилке, Тракл и Георге.
Откако се раситнила монолитната јазична карпа на прајазикот со вавилонската кула на јазиците, во светот секој еден јазик во неа остварува своја историја и судбина. Антрополозите пронашле дека станува збор за околу 6.000 јазици што се зборуваат на планетата. Се разбира, пак, според дарвинистичкиот модел на цивилизациите и егзистенцијата не само во економска туку и во културолошка и во јазична смисла редовно страдаат помалите и послаби народи, култури и јазици. Во колонијалистичката епоха на моќните западни нации, кои го носат знамето на технолошкиот прогрес и „демократија“, тоа е исто така присутно, некогаш на пософистициран, но перверзен цивилизациски начин. Тие, како што вели Черчил, во колониите во Африка и на другите континенти во светот како повисоко развиена цивилизација создаваат „стабилни системи“. Оттаму, веројатно е изведен и матниот поим стабилократиjа. Да. Нека е така, стабилни системи, но со пљачкање на материјалните, па и културолошките ресурси на колонизираните. Притоа колонизаторите ja наметнуваат својата култура, при што и нивниот јазик станува официјален службен јазик во завладеаните територии и народи. Така се потиснуваат домородните култури и јазици со стратегијата „стабилни системи“ на западните колонизаторски стабилократи. Од таа цивилизациска стега, на пример, дури сега кога се буди Африка и ги протерува поенергично нив гледаме како Сенегал, Мароко, Тунис и Алжир ги враќаат своите јазици во државните институции наместо францускиот.
Јазикот е најчувствителното нешто кај еден колектив. Тој, заедно и со генеричкото име што го носи колективот, е сад и содржина истовремено на неговиот идентитет. Гледан од тој аспект, тој е во историскиот и егзистенцијалниот опстанок на секое едно племе и народ основно оружје, кај големите и моќните за доминација и отворена агресија над друг јазик, а кај помалите и послабите за одбрана од нив. Некои помали јазици, посебно и на некои домородни племиња, потопени од разорниот цивилизациски и колонизаторски бран исчезнале. Европа божем како најцивилизирана и најнапредна во својот „демократски“ систем е најзаштитено подрачје на тој план. Но дали е тоа, драг читателу, навистина така? Македонскиот пример во неа сега, која тој систем го подигна божем на едно повисоко ниво со „обединувачката“ ЕУ, го негира тоа. Цивилизациската маска падна, и Европа како политборделска танчарка (во нашата народна песна блудница вавилонска) целосно се разголи пред Македонците. За таа нејзина политичка и секаква друга перверзија доволно сум пишувал. Најевидентен факт за тоа е нејзината par exellence нацифашистичка Лисабонска декларациjа (1992) со коjа на македонскиот народ му се забранува влез во струjата на Западната цивилизациjа без промена на своето генеричко име што го влече со столетиjа и милениуми во и со себе целокупниот негов културно-цивилизациски имот, патем попатно раздаван и на други народи нa исток и на запад. Да, а со забраната на нашето генеричко име, што се реализира конечно со Преспанскиот договор, по дефиниција се доведува во прашање и јазикот што го носи тоа со неговиот народ. А дека е тоа така, потврда е уште еден нацифашистички акт на бриселска ЕУ, нејзината „француска рамка“, која е посебно резултат и на потомокот на француското и европско просветителство, новиот за нас француски Маркиз де Сад Макрон. Со таа рамка ѝ се даваат отворени карти на Бугарија за целосна историска и идентитетска, онтолошка асимилација на Македонците.
Европа од Брисел, со помош и на Вашингтон (доколку тој не е главниот играч) се обидува докрај да го спроведе нејзиниот апсолутен идентитетски геноцид над исконскиот македонски народ. Парадоксално, такво нешто таа не направила докрај дури ни во своите колонизаторски походи низ светот, но сега тоа го прави во неа и за тоа ќе сноси историска одговорност. И, така стасавме при крајот од нашата колумна и до судбината на нашиот јазик, еднакво оспоруван во историјата кога сме биле распарчени и слаби од сите наши околни соседи. Денес тој единствено целосно не е оспоруван од Србите, а сè уште делумно оспоруван од Грците и, се разбира како што знаеме, целосно од Бугарите. Нашите, пак, домашни Албанци генерално не го оспоруваат, но го потиснуваат и тоа мошне жестоко и нецивилизирано, уривајќи го со тоа докрај македонскиот државотворен суверенитет.
Тоа е ситуацијата со македонскиот идентитет сличен во јазикот како негов основен носител. И таа ситуација е таква, имено, благодарение и на демократска Европа, коjа и имплиците и експлиците ни ги скрои во нејзината менгелеовска канцеларија и идентитетски и јазички закони-закани по нејзин терк познат посебно уште од 1913 наваму сè до Преспа 2018 и понатаму. Однесени сме како Исус на Голгота, ама полека нè дораспнуваат, и пак во манирот на европскиот историски садизам кон нас. Тоа му се случува сега и на македонскиот јазик, драг читателу, тоа е неговата денешна судбина во Европа, непризнаван до ништење и потиснување и однадвор и однатре во неговата некогаш голема, а сега скусена до немајкаде територија. Тоа е поточно јазикот на преводот на Библијата што го направија пред милениум и кусур Кирил и Методиј. И тоа е првата, пред Мисирков и Конески, неговата литературна кодификација. Јазикот што во славистиката е познат како старословенски, но францускиот славист Андре Вајан и уште цела плејада слависти него го викаат старомакедонски. Ние од скромност и со космополитска психа не го викаме така. А тоа е јазикот со кој Солунските браќа и нивните ученици ги описменуваа и воведуваа во еден повисок степен на култура и духовно просветление словенските народи. И ние не го викаме, како да се срамиме, него старомакедонски, но затоа Бугарите како хиена го зграпчија него за старобугарски. Парадокс врз парадокс. Им нема крaj на македонските трагични парадокси. За тоа нешто суштински говори и познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј кога вели: „По иронија на историјата, народот, чии претходници им го дадоа на Словените првиот литературен јазик, беше последен народ што го официјализира својот современ јазик како одделен словенски јазик и го определи како различен од соседните јазици: српскиот и бугарскиот јазик“.
Точка. А сега што правиме, драг читателу, со законот за јазиците, бугарскиот, грчкиот, албанскиот, македонскиот? Кој е тука потиснат, асимилиран и онеправдан, а кој не е?