Најголемиот апсурд не произлегува од бугарскиот однос кон човековите и малцинските права, туку од толеранцијата на Брисел и Европската Унија кон прекршувањето на основните човекови права, како што е правото на здружување, нешто што е потврдено и од самите европски институции. Крајно време е Брисел и Европската Унија, во новиот формат, да извршат политички и дипломатски притисок врз Софија, затоа што не смее да се заборави дека станува збор за европски граѓани што имаат македонска национална свест, но им се нарушуваат човековите права. Во случајот со Република Бугарија, на (ин)директен начин Европската Унија ги прекрши човековите и малцинските права на сопствените граѓани, со што на најдиректен начин ги прекршува сопствените начела и принципи
Бугарското општество по својата суштина не е слободно, а со својата политика кон човековите и малцинските права, особено кон припадниците на македонскиот народ, се одликува и со значителна доза авторитарност бидејќи ги нарушува граѓанските слободи и нема толеранција кон различните ставови и мислења, евидентно во националното самоопределување. Денешниот однос на Република Бугарија кон човековите и малцинските права е спротивен од неколку значајни меѓународни повелби и акти, како што е Повелбата на Обединетите нации каде што се акцентира принципот на „еднакви права и самоопределување на народите“, како и „промовирање и поттикнување на почитувањето на човековите права и на основните слободи за сите, без разлика на раса, пол, јазик или религија“. Но Бугарија како држава и нација не ја нарушува само Повелбата на Обединетите нации туку и заедничките принципи и вредности на Европската Унија, односно слободата, демократијата и еднаквоста.
Ова беше повеќепати потврдено од Судот за човекови права во Стразбур, кој уште во 2011 година констатираше дека има три повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување, со тоа што Бугарија одбила да го регистрира здружението ОМО „Илинден“ и што не дозволила одржување на голем број мирни собири на поддржувачите на тоа здружение, исто како и собирите на сестринската организација ОМО „Илинден“-Пирин, како и нивните регистрации. Судот за човекови права во Стразбур исто така констатираше дела и во претходните пет пресуди од 2001, 2005 и 2006 година порачал оти мотивите на кои се повикуваат бугарските судови за да не ги регистрираат македонските здруженија не се доволни за да се одбие нивната регистрација. Имено, бугарските судови оцениле дека ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“-Пирин се залагале за сепаратизам, што не е доволна мотивација. Малиот број членови на партијата, според Судот од Стразбур, исто така не е доволна причина за да се одбие регистрацијата. Иако одлуката на Врховниот суд на Бугарија била легална, таа била во контекстот на залагањата на локалните власти од регионот на Пирин да ги спречат организирањето и собирањето на партијата и другите организации на припадниците на македонскиот народ.
Но ова не беше единствената пресуда на судот во Стразбур дека Република Бугарија ја прекршува Европската конвенција за човекови права, во наредните години истиот суд донесе уште десетина пресуди во полза на македонските организации и здруженија. Меѓутоа што точно прекршува Бугарија? Во Европската конвенција за човекови права, меѓу другото, се вели дека „Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа“. Во оваа конвенција исто така се вели дека „Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други“.
Доколку внимателно се анализира, Република Бугарија на најдиректен начин ја прекршува Повелбата на Обединетите нации затоа што на припадниците на македонскиот народ им го ускратува правото на национално самоопределување, а ги прекршува и основите на Европската конвенција за човекови права затоа што не дозволува регистрација на македонски здруженија и организации.
Причините за оваа бугарска поставеност кон човековите и малцинските права, особено правата на припадниците на македонскиот народ што се родени и живеат во Република Бугарија и имаат македонска национална свест, може да се објаснат со бугарската вековна политика на негирање на македонскиот народ и присвојување на македонските национални особености. Со други зборови, бугарскиот радикален национализам и шовинизам се во коренот на денешната бугарска политика кон македонското национално малцинство.
Но најголемиот апсурд не произлегува од бугарскиот однос кон човековите и малцинските права, туку од толеранцијата на Брисел и Европската Унија кон прекршувањето на основните човекови права, како што е правото на здружување, нешто што е потврдено и од самите европски институции. Крајно време е Брисел и Европската Унија наскоро, по враќањето на своите изворни принципи, да извршат политички и дипломатски притисок врз Софија, затоа што не смее да се заборави дека станува збор за европски граѓани што имаат македонска национална свест, но им се нарушуваат човековите права. Во случајот со Република Бугарија, на индиректен начин Европската Унија ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани, со што на најдиректен начин ги прекршува сопствените начела и принципи.