Распаѓање на Западот

Двете алтернативи пред кои се сочува Западот – либерална и авторитативна демократија, се лажни, единствено распаѓањето е неминовен процес, оттука, тој процес ќе продолжи да се одвива и во 2025 година. Одбивањето политичките елити на Западот да го согледаат фактот дека „сите демократии … содржат диктаторски момент“ (Шлаг, стр. 34) подразбира состојба на систематско негирање, тврдоглаво отфрлање (во фројдовска смисла verdrängung) на несвесното на Западот, што е обременето со геноциди, ропства, војни, грабежи

Во неколку продолженија ќе понудам размисли за предизвиците – глобални, регионални, државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во и по 2025 година. Во денешниов текст (четврти од серијалот) и во наредните два текста ќе проговорам за глобалните предизвици

Професорот по право на Универзитетот Колорадо Пјер Шлаг во книгата „Самрак на американската држава“ (англ. „Twilight of the American State“, 2023 г.) своето тврдење: „Работите не се добри. Тие не се добри веќе некое време“ (стр. 1) го поткрепува со неколку неспорни и очигледни факти, коишто за денешниов текст се организирани во две групи: (1) американските лидери не ги претставуваат политичките ставови на американскиот народ, туку желбите на богатото малцинство, додека, пак, преостанатиот дел од населението искажува долгогодишен гнев, огорченост, реваншизам и милитантност, и (2) САД никогаш соодветно не се соочија ниту обезбедија соодветни репарации за геноцидот на домородното население и повеќевековното ропството на Африканците.
Овие факти, повеќе или помалку, се точни за сите западни држави, но тие се најизразени во САД. Во книгата „Нација на крвопролевање“ (англ. „Bloodbath Nation“, 2023 г.), следејќи ги вековната употреба и злоупотреба на оружјето во Америка: од колонијалната историја на Америка, преку геноцидот на домородното население и ропството на милиони Африканци, до масовните пукања што доминираат денес, Пол Остер се обидува да се помири со американската реалност: Соединетите Американски Држави се најнасилната држава во светот. Во книгата „Незамисливо: траума, вистина и испитувања на американската демократија“ (англ. „Unthinkable: Trauma, Truth, and the Trials of American Democracy“, 2022 г.), професорот по уставно право и конгресмен Џејми Раскин, загрижен од политичките настани во Соединетите Американски Држави и самоубиството (во последниот ден на 2020 година) на неговиот син, се осврнува на кризата што ја распаѓа либералната демократија: „Седум од нашите први десет претседатели беа робовладетели. Овие факти не се случајни, туку произлегуваат од длабоката архитектура на нашите политички институции“ (стр. 117).

Во повеќе научни труда (објавени во периодот од 2015 до денес во еминентни списанија) и во книгата „Смртни случаи од очај и иднината на капитализмот“ (англ. „Deaths of Despair and the Future of Capitalism“, 2020 г.) професорката Ен Кејс и професорот Ангес Дитон, добитник на Нобеловата награда за економија во 2015 г., ќе потенцираат дека во Америка „приказната за смртни случаи од очај; од болка; од зависност, алкохолизам и самоубиства … е претежно приказна за белите Американци што немаат шпанско (англ. Hispanic) потекло и се без четиригодишна факултетска диплома“ (стр. 4).
Либералната демократија и „западниот систем на вредности“ (што и да значи тоа!) никогаш не биле предуслов за подемот на Западот. Моќта на Западот не беше изградена врз хуманистички принципи, туку врз геноцид и ропство. Геноцидот започна со претпоставката дека домородното население на другите континенти (Америка, Африка и Австралија) не се човечки суштества, оттука геноцидот е можен и оправдан, што овозможи територијата на домородното население да се прогласи за ничија земја (terra nullius), од што произлезе потребна за европски доселеници. Ропството претпоставува дека луѓето се предмети, личен имот на оној што ги поседува, а воспоставување на ропството во Америка – транспорт на поробените Африканци во Америка, го овозможија, подредени според обемот на трговијата, нациите: Португалија, Велика Британија, Шпанија, Франција, Холандија, Соединетите Американски Држави и Данска. Оттука, теорија на Ачемоглу и Робинсон – двајцата добитници на нобеловата награда по економија во 2024 г., артикулирана во „Зошто нациите пропаѓаат“ (англ. „Why Nations Fail“), според која институциите што обезбедуваат инклузивност, владеењето на правото и ограничување на моќта на елитите се неопходни за развој на западните економии, за многумина има ограничена валидност и, всушност, преставува повторување на тезата за „крајот на историјата“. Во децениите по Втората светска војна, Западот уживаше во сјајот на дистрибутивната правда, инклузивноста, владеење на правото и меѓународниот поредок, со помош на уште една неправедна институција – централно планираниот глобален монетарен систем дизајниран во 1944 г. од Соединетите Американски Држави во Бретон Вудс, отфрлајќи го предлогот на британскиот економист Џон Мејнард Кејнс – монетарен систем што им овозможи на САД да ја зацврстат својата глобална хегемонија.
Во дваесет и првиот век, во Соединетите Американски Држави и во повеќето европски земји, населението е поделено меѓу две алтернативи: либерална демократија и авторитарна демократија. Демократијата поретко се дефинира изворно, поточно „нема демократија во воздух“ (Шлаг, стр. 33), почесто преку нејзината придружна придавка, па така, разликуваме, на пример, либерална демократија, социјалдемократија, буржоаска демократија, пролетерска демократија, плуралистичка демократија … Поборниците на различни видови демократии често ги третираат конкурентните форми на демократија како недемократски. Специфичниот карактер на одредена демократија произлегува од нејзините ограничувања, меѓутоа, иако владеењето на „народот“ речиси секогаш е етимолошки и концептуално дадено, идентификацијата на тоа кој или што е „народот“ се соочува со збунувачкиот проблем: од една страна целосното правно определување на „народот“ е веројатно негација на владеењето на народот – го лишува народот од артикулирање и одредување на сопствениот идентитет, од друга страна отсуството на каква било правна определба на народот би отежнало, во многу случаи, да се утврди дека навистина демосот, народот е тој што владее. Помеѓу овие две крајности, не е очигледно дека постои некое добро решение, што не значи дека сите решенија се еднакво добри.

Двете алтернативи пред кои се сочува Западот – либерална и авторитативна демократија, се лажни, единствено распаѓањето е неминовен процес, оттука, тој процес ќе продолжи да се одвива и во 2025 година. Одбивањето политичките елити на Западот да го согледаат фактот дека „сите демократии … содржат диктаторски момент“ (Шлаг, стр. 34), подразбира состојба на систематско негирање, тврдоглаво отфрлање (во фројдовска смисла verdrängung) на несвесното на Западот, што е обременето со геноциди, ропства, војни, грабежи. Ваквиот пристап, во однос на Уставот на САД, е особено значаен со оглед на авторитарната историја на Уставот на САД – прифаќањето, во самата негова структура, на ропството и политичката подреденост на домородното население. Оттука, неизбежниот момент на диктаторството, според Шлаг, во демократијата има специфична и широка историска и политичкоправна важност во САД, па така, „во однос на овој устав, испитувањето на неговите диктаторски и авторитарни моменти не е некоја апстрактна филозофска вежба – тоа е навлегување во насилната авторитарна историја напишана со крв, поставувајќи, така, трнливи проблеми на правната и политичката филозофија“ (Шлаг, стр. 35).
За да ја продолжи својата хегемонија уште еден милениум, Римската Империја го пресели својот главен град од Рим во Константинопол, поделувајќи се на два дела: Западна и Источна Римска Империја; западниот дел од империјата се распадна во петтиот век, додека, пак, источниот дел од империјата се распадна во петнаесеттиот век. Во последните седумдесетина години, по Втората светска војна, центарот на гравитација на Западот, постепено, се префрли од Лондон во Вашингтон, допуштајќи Британија и дел од Европа (тука пред сè мислам на Германија и Франција) да стагнираат, трансформирајќи ги во безначајни и сè помалку важни ентитети. Тоа, сепак, само ќе го забрза распаѓањето, поттикнато, особено, по укинувањето, во 1971 година, на надворешната конвертибилност на доларот за злато, или златната основа на доларот, што доведе до колапс на монетарниот систем Бретон Вудс и предизвика финансиска криза во 2008 година, иницирана од шпекулациите на американските банки, којашто, доколку не беше финансиската помош од 35 трилиони долари, можеше да предизвика колапс на светскиот финансиски систем. Според Варуфакис, единствениот дел од тие трилиони што се инвестираа во машини беше искористен за градење капитал во облак со којшто големите технолошки компании добија целосна моќ над срцата и умовите на западното население. Одлуката во 2024 г. на Саудиска Арабија да не го продолжи 50-годишниот договор за петродолар со САД, зголеменото значење на земјите од БРИКС во светската економија и политика и забрзаната дедоларизација, што Америка тешко ќе може да ја спречи, ќе предизвика дополнително слабеење на моќта на САД. Ваквата состојба ги наметнува прашањата: Какви личности треба да бидат светските лидери? Дали тие треба да наликуваат на Август, славниот и мирољубив цар прославен од Вергилиј, или треба да се мешавина на Калигула и Нерон?