За делот на Европа под капата на Советскиот Сојуз, беше далечен сон да живее со сите благодати што доаѓаа од западната ни страна. Забрани, цензури на репертоар, најчесто неоправдани. Источната младост беше далеку од сите збиднувања преку океанот и на западната страна од континентот. Движењата на врсниците зад железната завеса што се бунтуваа против воените интервенции на нивните естаблишменти, за источните естаблишменти беа како мевлем на рана. Можеби зад сето тоа што се случуваше стоеше диригиран метод во интерес на системот. И едни и други, беа принудени да се докажуваат. Едните тврдеа дека капитализмот е посилен и побогат систем од социјализмот, кој е „неприродно“ наметнат преку декрет, другите дека системот не им е праведен и дека се потпира на сурова експлоатација на работничката класа. Како и да беше, протестите дејствуваа благопријатно за „баќушките“. Времето покажа дека нивниот експериментален обид да внесат нешто што е многу поразлично од општествените уредувања во „слободниот свет“, донесе многу страдања, разурнувања и вртење наназад на тркалото на историјата. Им се случи пазарна економија и бурен период на транзиција, која голтна многу жртви, па и тие со обете раце ја прифатија раскошната понуда на победниците преку стоката за широка потрошувачка (автомобили, мотори, медиумски атракции, еротска слобода, дрога и сето она што се криеше зад величествените фасади на западната култура). Станува збор за сјајот на сцената што маѓепсува и обзема без подлабоко да се анализира достасаната понуда. Гледано од сегашен аспект, и едниот и другиот систем како да ги потрошија инспиративните моменти, па се случи опасна состојба на рамнодушност.
Во тие далечни и фамозни шеесетти од минатиот век за кои сметам дека дадоа врвен квалитет во областа на уметноста и достигнаа ниво на кое може слободно да му се завидува, Марлон Брандо сакаше да стане Тајрон Пауер, Пол Њумен да е Марлон Брандо, Роберт Редфорд да го наследи Пол Њумен, а Ава Гарднер се трудеше да биде холивудската Ана Каренина, прекрасната дама Грета Гарбо. Сите тие беа дел од раскошната понуда на светот на ентертеинментот (забава). ФНР Југославија, подоцна социјалистичка, беше привилегирана во однос на земјите што потпаднаа под пазувите на Советската Империја. За нас како нејзини граѓани беше задоволство да си во полни киносали, за кои се бараше билет повеќе и кои беа романтично загреани со дрва во вжештени тенекиени печки, да се воодушевуваш со авантурите на „Седумте величествени“, со „Кој го уби Либерти Валенс“, „Рио Браво“ и „Рио Гранде“, со „Мојата драга Клементина“ или со трилерите или филмови ноар како „Тивко, тивко“, Шарлота, Лаура, Џилда, „Лондонската кула“, легендарниот „Психо“ на Хичкок, „Богатството на Сиера Мадре“, „Малтешкиот сокол“, „Третиот човек“, како и филмовите по делата на Жил Верн, Александар Дима, Пол Февал, Достоевски, Чехов…
Потоа стаса оскаровецот Дејвид Лин со „Случајна средба“, „Лоренс од Арабија“, „Мостот на реката Квај“ и „Доктор Живаго“. Доживување беше да се гледаат воените спектакли како „Големото бегство“, „Топовите од Наварон“, „Хероите на Телемарк“, „Тобрук“, „Ескадрилата 677“…
Сето ова Советскиот Сојуз, Полска, Чехословачка, Романија, Унгарија, Летонија, Естонија и Латвија како и Источна Германија можеа да го гледаат ретро по најмалку дваесетина години. Се разбира доколку немало привилегирани (Сталин многу сакал да гледа вестерни).
Во Југославија, некогашната заедничка држава, кон крајот на петтата деценија од дваесеттиот век, доаѓа до мошне значајни законски измени во областа на информативната дејност. Како последица од примената на општественото самоуправување, на местото на поранешниот суров Агитпроп се воведува институтот „основач“. Неговите надлежности се утврдени со Законот за печат и другите видови на информирање усвоени во 1960 година. Сѐ дотогаш важел Законот за печат од 1945 година. Срамежливо, ѕиркаат првите приватни изданија (Метеор – стрип-ревија). Во суштина, слободата во информативната дејност денес се толкува на различни начини и по мера на различните идеолошки рамки што биле определба на индивидуите или на групите граѓани. Би рекол дека традицијата Белград од кралството СХС да биде главниот дистрибутивен центар за стриповите на Волт Дизни од Централна Европа до Багдад на некој начин продолжило и по војната на територијата на идеолошки спротивставената Југославија. Во 1952 година во јануари повторно излегува „Политикин забавник“, стрип-ревија со Мики Маус, Пајо, Шиљо или Клапчо, познатите легендарни стрип-изданија со Снежана и седумте џуџиња, Петар Пан, Маза и Луња (Убавицата и Скитникот), Пепелашка, Алиса во земјата на чудата, Тоби Тајлер, Томахавк, 101 Далматинец како и новогодишните стрипови во декември со истите херои приспособени на празнувањата. Освен нив, весникот беше збогатен и со стриповите на руските емигранти останати во Белград по Октомвриската револуција, Ѓорѓе Лобачев и Николај Соловјев. Малку подоцна, Загреб ја збогати стрип галаксијата со „Плави вјесник“ (Синиот весник) каде што освен авантурите на големиот вселенски талкач Ден Дери и доживувањата на Робин Худ, се појавија извонредните стрипови на домашните автори Радуловиќ, Звонко Фуртингер, Валтер Нојгебауер со неговиот Том и Малото мечкино срце, Марсел Чукли и другите.
Покусо не останаа ниту другите републики. Се појавија „Кекец“ со легендарниот Блубери, Таличниот Том, Белиот јавач, Крцко и Балецки, сараевската ревија „Мали новини“ со Тим Тајлер, Словенците со нивната ревија „Кекец“, а Македонија понуди одлична забава за млади преку „Наш свет“. На неговите страници своите авантури ги претставија Тарна детето на џунглата, Џек Дијамонд во борба со Црниот Ѓавол, Управникот на Тексас и старите добри партизански и историски стрипови на Филипов.
Ова со намера да се каже дека понудата на сето она што беше на менито на западниот свет беше присутно и кај нас. За младите луѓе речиси неприемливо и ступидно. Но тоа беше така бидејќи блоковската поделба и Железната завеса беа до таа мерка изразени и застрашувачки исправени пред, слободно може да се каже, двата различни света што дури и протокот на вистинскиот квалитет беше темелно контролиран од страна на посебни служби во општествата. Постоеја цензури и боксови во кои се чуваа забранетите вредности.
Како за пример, делото „Лолита“ на Владимир Владимирович Набоков било забрането во Советскиот Сојуз, а големиот руски писател со неговата „Разорена целина“ и „Тивкиот Дон“ Михаил Шолохов, забранети на Запад. Нешто слично на случувањата како последица на рускиот упад во Украина кога беа забранети дури и Достоевски, Чајковски, па дури и Чехов заедно со другите големи уметници.
Во секој случај, се чини дека Советскиот Сојуз ја „загуби војната“ пред сѐ поради богатата понуда која живот значи и е секојдневие (стока за широка потрошувачка – фармерки, гуми за џвакање и други за нив луксузни нешта што сега ги имаат во изобилство) и кусење на личната слобода на сопствените граѓани, кои заслужуваа многу повеќе како победници во Втората светска војна. Советите располагаа со многу оружја со кои можеа да им се спротивстават на сите што им беа закана, но го немаа она најважното – сјајот на сцената и стоката за широка потрошувачка. За слободата ќе мора да се замисли и западната страна бидејќи таму таа како сѐ повеќе погрешно да се толкува за разлика од источната страна…
А нам, нам ни беше можеби и најубаво стуткани помеѓу пазувите и на едните и на другите како јагне што цица од две мајки. За последиците од сето тоа, нека зборуваат помладите…
Љубомир Јованоски