Карактеристично за спортот, а особено за фудбалот, кошарката и хокејот, дриблингот е една од најспектакуларните атракции што може да им се понуди на милионите обожаватели низ светот. Станува збор за комплекс на перцепции во спортот каде што доаѓа до израз вештината на индивидуата, но и во определени позиции во делот од тимската игра кога со секавична и добро обмислена акција, противничката одбрана се доведува во мат-позиција, а стадионот е сиот во делириум. Се разбира, освен нозете, тука големо значење има и главата бидејќи брзото одлучување, откривањето на слабоста на противникот во дел од секундата и „читањето“ или извежбаноста со соиграчот е вистинското решение за средбата во сопствена корист. Дриблингот во кошарката е уште поефикасен облик на дејствување бидејќи сѐ се одвива на помала површина каде што дејствието мора да се случи во позабрзано темпо и каде што одлуките треба да се носат секавично.
Обмислено и со многу повеќе учесници, дриблингот се применува и во политиката. Не може да се рече дека во спортот сѐ е фер што е и суштинската основа на натпреварите и натпреварувањето бидејќи сите ние што ѕвериме постојано во екраните или сме присутни на спортските настани, знаеме и за „илје“ (измама со цел). Пострашно е кога дриблингот се применува во делот од активностите на естаблишментот и во пониските структури на власта кога актерите ќе се одлепат од електоратот и ќе посегнат по она за што не се ниту избрани ниту овластени. Ова се случувало, се случува со интензитет за кој и самите сме сведоци и ќе се случува (најверојатно) и во иднина со оглед на несовршеноста на неговото височество човекот и обидите да дојде до праведен општествен систем. Впрочем, можеби несовршеноста е совршен облик на постоењето на самата цивилизација? Ако е така, тогаш нека ни е на здравје. Општествениот амбиент ќе се менува, технолошкиот напредок ќе инсистира на атрактивни и интензивни промени, а човекот како главен актер ќе консумира, односно ќе голта сѐ што е надвор од неговата моќ и ќе му се насладува на сето тоа како да е паднато од Бога. Конечно, сѐ зависи каде е позициониран. Во име на замислените промени, прогресот или суштината на реформите, носителите на власт ќе се послужат со дриблингот како креативна активност во интерес на напредокот и зацврстување на сопствените позиции.
Сѐ поактуелна е поделбата на политичките структури, кои се натпреваруваат за да заседнат на тронот, кој секогаш нуди мед, но и горчина. Ако во далечното минато племенскиот живот нудел каква–таква благосостојба за сите преку рамноправно учество на трудот и распределбата на добрата во заедницата односно племето, доаѓаат периоди на класни општества што траат сѐ до денес. По царствата, кралствата и империите, стигна и плурализмот, политички живот со учество на повеќе партии со засебни програми и видувања за прогрес во општеството. Различноста треба да вдахнува нова позитивна енергија да нуди напредок. Но ветувањата во предизборието бледнеат со текот на владеењето. Опозицијата ја критикува власта и по дифолт, односно изворно (Роберт А. Дал – кој владее?) треба да биде во позиција на коректор. Власта најчесто е наглува, замижува, со перфиден начин се оглушува на дадените ветувања бидејќи реалноста е ветер што не може да се оседла. Всушност, таа така се брани и дејствува на начин со кој ќе се обиде да остане во тронот со нов мандат.
Во секој случај, плуралистичкиот концепт на моќта е виртуелна листа за бесконечно владеење и управување со парите, вештините, престижот, знаењето, харизмата, законитоста, слободното време и искуството. Е сега, башка прашање е разликата помеѓу потенцијалната или реалната моќ, односно способноста за реализација на владината програма. Но тоа е работа на власта, односно опозицијата кога ќе стане власт, а власта ќе се симне од тронот по „волјата“ на електоратот. Во плурализмот, само народот на кој се повикуваат и едни и други е континуитет иако е учесник во сета таа политичка претстава, но со ингеренции што траат помалку од животот на пчелата. За чудо, трутовите живеат уште пократко, ама не и во човечката кошница.
Спомнато е дека во политиката дриблингот има мошне значајно место, особено во повеќепартискиот систем на владеење. Таму некаде низ хронолошката низа на дваесеттиот век постоеја, како и денес, леви и десни партии. За оние што гравитираат поблиску или подалеку од центарот, поблиску или подалеку од власта или опозицијата, а всушност ги подгазуваат сопствените принципи и начела само да се блиску до „господарот“, како и за минорни партии скроени за потребата на мигот, секако дека има место во плуралистичката хиерархија, оти тие во даден момент дури и можат да одлучат за некои мошне значајни прашања.
Денес, во овој милениум, постои збунетост кај луѓето што го живееле векот и се во пристојни години на возраст. За нив, верувам бидејќи и самиот сум по малку не збунет туку повеќе зачуден, левите партии беа оние со назнака за одбрана на интересите на комунизмот и социјализмот, на работничката класа и на рамноправноста во едно тукуречи бескласно општество. Тие партии ги поддржуваа методите по кои државата треба да се идентификува врз основа на етницитетот. Тоа е сегмент од политичкиот спектар со теории за подобрување на животот на широките народни маси. Како делови од левицата обично се класифицираат социјалдемократијата, комунизмот, анархизмот…
За разлика од нив, десните партии беа конзервативни и пак ќе кажам поставени на основа што третира дриблинг лево–десно. Меѓу нив треба да се спомнат конзервативизам, монархизам, фашизам, десничарски либерализам, милитаризам или, накусо речено, сето она што е спротивно на левичарските партии. И што е сега она што збунува?
Да, сегашниот политички спектар во плурализмот како да ги измеша картите, па некои сегменти од карактерностите на спомнатите партии се префрлија во таборот на дотогашниот противник како епитети. Во Европа, денес десницата како да е анатемисана и тивко ѝ се попречува патот да застане на власт (Франција). Суверенизам, а тоа некој ниту го сака ниту го почитува. Десницата или различните називи за политичките крила што владеат во некои европски земји како Италија и Унгарија, а која перманентно расте во Полска, Австрија, Шведска, Германија и Словачка, се страшила што можеби ги диригира политичкиот момент. Вредносното скалило едноставно како да се придвижува кон центарот. Дриблинзи? Можеби. Оти она што за некои кај десницата претставуваше екстрем, денес многумина стручни се обидуваат да го исплакнат и да ја претворат во умерена партиска структура. Истите дриблинзи важат и за левицата каде што француските комунисти (Жорж Марше) се сметаат за никогаш потчинет екстрем? Тогаш што да се каже за троцкистите или за антикапиталистичката партија?
Се разбира, консументите, сакале или не, ќе се поведат по трендот што владее на политичкиот спектар без разлика дали сакаат да учествуваат во дриблинзите или ќе останат само како опсервери или набљудувачи. Дриблингот е атракција од која допира здивот и симпатичен начин да се надитри противникот. Во случајов, политичкиот опонент. Дури и ако треба да се огрне неговото гунче полно со вошки. Политиката, освен дриблинг, поседува и методи на приспособување на мигот како опортунизам, прелет, оплакнат ум, интерес. Сите тие го сочинуваат политичкиот спектар што ги определува параметрите на нашето живеење.
Љубомир Јованоски