Сите наши потфрлања…

Неодамнешната трагедија во која беше загубен еден млад живот ни покажа дека нашите деца се жртви на нашата неспособност (на возрасните) како индивидуи и општество да истапиме против неправдата, корупцијата, митото, криминалот, политиката, парите…, на нашата безмалку лежерност, кога во слободно време, од удобноста на нашите домови, навидум се бориме и за правда и правичност, а всушност само покажуваме со прст, наместо да се погледнеме во огледалото што ќе ни ја покаже рефлексијата на сопствените постапки

„Гневот не е доволен, треба добро да размислиме, да откриеме механизми… Најстрашно е што младите денес не добиваат ни минимум етички димензии во контекст на нивниот живот. Ние некако ќе протуркаме, формирани сме во друго време… Сепак, дури и кога некој мисли дека е тука само за да се напие чаша уметност до дното – на дното сепак се среќава со политика….“, вели нашиот најеминентен актер Никола Ристановски во своето извонредно интервју за српски „Нин“, во кое лежерно, но концентрирано, страсно и многу посветено зборува за актуелните улоги, за театарот, но и за денешницата, за актуелните настани, за младината денес… Сакам некако да ги доведам овие негови размислувања со еден настан што деновиве ја потресува јавноста, настан што не можеше а да не го заболи до коска секој барем и малку емпатичен човек. Иако неповрзано со она што сакам да го кажам, Никола во интервјуто начнува некои теми што ме интересираат професионално, а ме измачуваат интимно. Тој зборува за светот без идеи и идеологија, без вредности и морални оринентири, за светот во кој единствено функционира логиката на парите и на капиталот, а љубовта, толеранцијата, емпатијата и разбирањето стануваат сѐ поранливи категории.
Никола е и еден од актерите во исклучителната претстава „12“ на Македонскиот народен театар, приказна за 12 случајно избрани луѓе-поротници, кои седат на една маса и одлучуваат за вината на едно дете, како што вели самиот „многу симболично, претстава што зборува и за неколку луѓе што седат некаде и одлучуваат за судбините на милиони деца…“ Тие постојано ги менуваат ставовите во текот на дејствието во претставата само во зависност од сопствените потреби и интереси, а не во зависност од општото добро или доброто на личноста на која ѝ судат…

На слична приказна за елементарната (не)правда деновиве бевме сведоци сите, за жал, овој пат не театарска, туку реална, вистинита до болка, една од најтрагичните во годинава, која штотуку започна. Трагичната сообраќајна несреќа во која згасна еден млад живот, а друг е неповратно уништен. Нема да судам поединечно, ниту да проценувам колкава (и чија) е најголемата вина за трагичниот настан, јавноста доволно агресивно го прави тоа (слично како и во претставата со поротниците), затоа што сметам дека во настанот нема една, нема дури ни две жртви…
Трагедијата ни покажа дека нашите деца се жртви на нашата неспособност (на возрасните) како индивидуи и општество да истапиме против неправдата, корупцијата, митото, криминалот, политиката, парите…, на нашата безмалку лежерност, кога во слободно време, од удобноста на нашите домови, навидум се бориме и за правда и правичност, а всушност само покажуваме со прст, наместо да се погледнеме во огледалото што ќе ни ја покаже рефлексијата на сопствените постапки. И како што се вели во сижето на претставата „12“, „од таа позиција креираме лажна иднина, празни приказни за нашите деца“, оправдувајќи се за сите наши потфрлања…
Мојата генерација бевме деца на генерации родители што живееја во поранешна Југославија, кои доживеаја и преживеаја политички промени на сите нивоа, од осамостојување, независност, инфлација, транзиција… ама, слушавме рок, 103-ка, џез на „Скопскиот џез-фестивал“, гледавме претстави на МОТ, читавме книги… Очигледно некаде патем, обременети од политиката и профитот, го изгубивме тој дух, па не успеваме да им го пренесеме она што го знаевме и на нашите деца.

Системот можеби ги потона нашите родители (на мојата генерација) во транзициски и стечајни грижи, ама можеби токму поради тоа бевме некако посамосвесни. Што се случи во меѓувреме, како потклекнавме на немилосрдната општествена хиерархија, на неконтролираната државна моќ, зошто не успеваме да се избориме за похуман и поправеден систем, воопшто? Немам одговор на овие прашања, и тоа е она што најмногу ме боли… Исто како и фактот дека спијам помирно откако моето дете не живее тука, колку и да му звучи тоа бесмислено некому

Како да ги оставивме самите да се снаоѓаат во ова сурово и налудничаво време.
И еве го резултатот – деца полни со агресија и гнев, деца што се огледуваат на разни плиткоумни инфлуенсери, инстант ѕвезди на социјалните мрежи и антиталенти на реални шоуа, наместо на научници, писатели, уметници… деца што се однесуваат дрско и невоспитано, деца што не читаат книги и се палат на шунд, не знаејќи за друг вид музика… Системот можеби ги потона нашите родители во стечајни грижи, ама можеби токму поради тоа бевме некако посамосвесни. Што се случи во меѓувреме, како потклекнавме на немилосрдната општествена хиерархија, на неконтролираната државна моќ, зошто не успеваме да се избориме за похуман и поправеден систем, воопшто? Немам одговор на овие прашања, и тоа е она што најмногу ме боли… Исто како и фактот дека спијам помирно откако моето дете не живее тука, колку и да му звучи тоа бесмислено некому.