Во секоја земја постојат малцинства што во пракса треба да претставуваат мост за сплотување меѓу државите, а унапредувањето на малцинските права е најдобриот рецепт како да се градат добрососедски односи во вистинска смисла на зборот.
Македонија поради притисоци однадвор своевремено мораше да се откаже од грижата за своето малцинство, дури и да го избрише од сопствениот устав, без оглед што највисокиот правен политички акт беше оценет како исклучително демократски и немаше ништо спорно во односот на македонската држава кон сопственото малцинство во соседството.
Но се покажа дека во меѓународната политика секогаш владее посилниот и дека она што во теорија значи меѓународно право и универзална декларација за човековите права, во пракса не важи. Од тие причини македонското малцинство во соседните земји беше оставено буквално само на себе, без никаква грижа од државите во кои живее, потиснато и фрлено на маргините, згора на тоа оставено и од матичната држава.
Пред пет години, истражувајќи ја тажната судбина на Преспанско Езеро, патот ме наведе и во Мала Преспа. Ја минав границата без никакви задржувања и се упатив кон Пустец. Возејќи се по кривулестиот пат околу кој беше распослана прекрасна недопрена природа, не можев, а да не забележам дека времето како да застанало. Десно од возилото погледот ми го привлече една постара двојка, распартален старец и старица како со едно магаренце си ја ораат нивата. Старицата го подбуцнуваше магаренцето со една дрвена прачка да го влече дрвеното рало, кое тешко ја браздеше стврднатата земја. Си велам, луѓето трошат милијарди долари само за планирање мисија на Марс, низ светот почна да се печати храна со 3Д-печатачи, а овде уште со дрвено рало се ораат нивите. И додека се чудам како застанало времето на ова парче земја, ме одмина најнов џип со триста електроники, скапи бандажи, многу бесни коњи под хаубата наспроти уморното магаренце отспротива, разбивајќи ми ја илузијата дека сум влегол во некаква временска капсула во која застанало времето во 19 век. Кога пристигнав во Пустец, слична слика, разубавени беа центарот и црквата во близина, сето друго останато пусто, како што кажува името. Езерото избегало далеку, кајчињата останале на суво, наоколу само лепешки од кравите и маските оставени наоколу да пасат. Да однесеш некој тинејџер што цел ден не се одвојува од современата технологија и што во живо не видел ни магаре, ниту, пак, знае што е рало или плуг, навистина ќе помисли дека отпатувал во времето со некоја временска машина.
Се навратив на ова мое патешествие само за да докажам што се случува кога ќе престане грижата за малцинствата во една земја. Македонија се откажа од сопственото малцинство во соседството, а тие држави со прст не мрдаат да ја подобрат нивната положба. Затоа патиштата се никакви, затоа се ора со дрвено рало, затоа нема развојна перспектива и луѓето бегаат, вадат пасоши какви што ќе им понудат и си го фаќаат патот.
Деновиве бев пријатно изненаден налетувајќи на информацијата дека парламентарни претставници на власта и на опозицијата од Македонија отишле да се сретнат со претставници на македонската заедница во Албанија, при што биле упатени пораки за заштита на македонското малцинство, кое, како што беше истакнато на средбата, е изложено на агресивна асимилаторска политика од страна на Бугарија.
Има неколку позитивни работи во оваа посета. Прво, преку средби и разговори со македонското малцинство може од прва рака да се слушнат проблемите со кои тоа се соочува, за потоа тие да бидат тема за разговор и со официјалните, во овој случај албански власти. На тој начин ќе се изгради канал на континуирана комуникација што ќе овозможи двете држави да работат на заеднички прекугранични проекти со кои ќе се развиваат и областите во кои живеат малцинствата. Учебници, училишта, весници, понекој водовод, канализација, пат, културни настани, земјоделска механизација и слично можат да значат многу за развојот на еден регион, а Македонија и Албанија можат заеднички да го работат тоа преку европските фондови за развој.
Иста парламентарна посета треба да се реализира и во соседна Грција за да се стимулира прекуграничната соработка, да се воспостават врски со грчките локални власти и да се демонстрира дека грижата за луѓето не е мешање во нечии внатрешни работи, туку општа потреба сите да живеат квалитетно и без никакви ограничувања или забрани затоа што имаат некои поинакви идентитетски обележја. Нека продолжат дружбите на Македонците со песни и ора, нека заживее изучувањето на македонскиот јазик, нека се отвори граничниот премин „Маркова Нога“, луѓето да комуницираат, да разменуваат идеи, стока и слично.
Особено вакви средби се неопходни со претставници на македонското малцинство во Бугарија, а официјална Софија со поголема грижа за малцинствата ќе го поттикне процесот на враќање на македонско-бугарската довербата, непотребно разнишана со историски антагонизми и прашања од минатото. Не е важно каков е чиј било устав, важен е односот кон оној што сака да го изрази сопственото етничко обележје и тоа никој не треба да му го ускратува.
Како што сите бараат права за своите малцинства во Македонија, кои и ги добиваат, така и земјава треба да работи со соседните држави за подобрување на состојбите на македонското малцинство кај нив. По сето ова политичко сивило изминативе години во земјава, беше пријатно конечно да се слушне како претставници на сите политички партии, и од власта и од опозицијата, отишле заеднички да ги слушнат проблемите со кои се соочува македонското малцинство во Албанија. Тоа покажува дека кога има заеднички пристап, кога сите се водат од заедничка надворешна политика, тогаш државата може да ги заштити сопствените интереси, но и интересите на малцинствата што живеат во околните земји, како и пошироко во светот. Истовремено, испраќа и јасна порака дека како што сите малцинства уживаат највисоки права и можности во Македонија, така и Македонците во соседството и пошироко треба да ги имаат истите права.
Како и да е, малцинствата треба и мора да бидат мост за поврзување меѓу соседите и никој не треба да го сфаќа тоа како некаква заткулисна игра на ковење планови за сецесионизам или територијални претензии. Напротив, во време кога интенцијата е да се создаде силна и обединета Европа кон која несомнено тежнее и Македонија, малцинствата ќе бидат тие што први ќе ги избришат границите, а политичките претставници треба да ги воспостават мостовите на меѓудржавна соработка на секое ниво, кои утре ќе бидат вовед во градење силни регионални сојузи што овој дел на Европа ќе го направат конкурентен и силен, а луѓето среќни и задоволни. Впрочем, тоа го посакуваат сите, без оглед од која страна на границата да се наоѓаат. А границите секогаш се само во главите на луѓето…