Центарот на Софија генерира страв и параноја во Бугарија

Колку и да звучи чудно, денес во бугарското општество се наметнува од Софија масовна хистерија што се шири од бугарските политички кругови. Совршен пример за тоа е објавата на бугарскиот претседател Румен Радев, во која можеме да прочитаме дека Република Бугарија нема да толерира насилство врз Бугарите во Македонија. Каков апсурд! Македонија како држава, нација и општество никогаш не поттикнувала етничка омраза кон никого, вклучувајќи и кон бугарската заедница. Впрочем, македонската држава е олицетворение на слободарските идеи на македонизмот. Тоа е евидентно и во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која меѓу другото се вели дека „на националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот“. Официјална Софија да престане со поттикнување масовна хистерија, страв и параноја кај сопствените граѓани и да се насочи кон демократска толерантна политика на уважување и просперитет

Верувањето во натприродните сили и паранојата од ѓаволот, демоните и вештерките кулминираа во почетокот на новиот век, а со колонизацијата на американскиот континент прогоните на вештерките продолжија и во новите земји. Еден од најозлогласените примери е судењето на вештерките од Салем кога во јануари 1692 година, деветгодишната Елизабет Парис и 11-годишната Абигејл Вилијамс започнале да имаат серија насилни однесувања, нешто што локалниот доктор го опишал како демонска болест. Набргу и други девојки започнале да го манифестираат истото однесување, а со налог за апсење биле затворени две сиромашни жени и една робинка Титуба. Тие биле обвинети дека го наметнале своето вештерско влијание врз младите девојки и биле изведени пред суд. Пред властите, девојките ги отфрлиле обвиненијата, но робинката ја признала вината и нагласила дека има и други вештерки во селото Салем што работат за ѓаволот. Набргу нештата излегле од контрола кога страв и параноја започнале да се шират низ селото. Набргу многу девојки, постари жени и неколку четиригодишни девојчиња биле уапсени и судени за вештерство, а поради пренатрупаноста на локалниот суд, властите наредиле создавање специјален суд за „вештерките“ од Салем. Во текот на судењето биле обвинети повеќе од 200 луѓе, а околу триесет биле прогласени за виновни, од кои деветнаесет беа егзекутирани со бесење.
Но локалното население започнало да се бунтува затоа што на судењата не биле доставени доволно докази. Набргу гувернерот го распуштил специјалниот суд и ново судско тело требало да ги разгледа сите докази. Како резултат на овие активности голем број од „вештерките“ биле ослободени, а неколку години подоцна судењата биле прогласени за неетички и судот јавно им се извинил на сите осудени.
Судењето на вештерките од Салем е еден од најпознатите примери на масовна хистерија, но што точно е масовната хистерија? Добро упатените во оваа проблематика велат дека таа се карактеризира со невообичаени и некарактеристични однесувања, мисли и чувства споделени меѓу група луѓе. Денес терминот масовна хистерија се користи за да се опише брзо ширење паника и страв, но вистинската дефиниција е сложена. Во однос на менталното здравје, станува збор за нарушување на конверзијата или состојба на менталното здравје што вклучува физички симптоми поттикнати од емоционална или ментална напнатост. Од социолошки аспект, масовната хистерија се вбројува во категоријата колективно однесување или спонтани постапки на голема група луѓе што меѓусебно си влијаат.

Во науката најчесто се препознаваат два различни типа, но ние би се задржале на масовната анксиозна хистерија, која се појавува кај луѓе што припаѓаат на иста блиска група или заедница. Истражувачите исто така забележале дека оваа масовна хистерија обично се шири вербално и визуелно, како што се новинските извештаи и објавите на социјалните мрежи, кои шпекулираат за одредена опасност на заедницата. Овие објави и новински известувања предизвикуваат распространета вознемиреност и загриженост кај заедницата, вознемиреност за која постојат реални докази.
Колку и да звучи чудно, денес бугарското општество е опфатено од масовна хистерија, која се шири од бугарските политички кругови. Совршен пример за тоа е објавата на бугарскиот претседател Румен Радев, во која можеме да прочитаме дека Република Бугарија нема да толерира насилство врз Бугарите во Македонија, како и дека меѓународни партнери биле информирани и за уште една антибугарска кампања во Македонија, која ескалирала последните денови. Радев исто така вели дека односот на Македонија кон злосторствата од омраза врз македонските Бугари е од клучно значење, не само за билатералните односи туку и за европската перспектива на Македонија. Тој исто така нагласува дека Бугарија ќе ги следи активностите на македонските институции за гарантирање на животот и здравјето на граѓаните на оваа земја, кои и покрај системската репресија продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет.

Каков апсурд! Македонија како држава, нација и општество никогаш не поттикнувала етничка омраза кон никого, вклучувајќи и кон бугарската заедница. Впрочем, македонската држава е олицетворение на слободарските идеи на македонизмот. Тоа е евидентно и во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која меѓу другото се вели дека „на националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението“. Тоа е суштината на македонската држава и општество, а секој што говори поинаку не им мисли добро на Македонија и македонскиот народ.
Бугарскиот наратив за тепање, затворање и гонења на македонските граѓани со бугарско национално чувство немаат реалност. Крајно време е Република Бугарија да си погледне во сопствениот двор и да започне со една помирителна политика кон македонскиот народ. Впрочем, негативностите што постојат во македонското општество кон Бугарија се резултат на постојаните омаловажувања и негирања на македонските национални особености. Кога бугарското општество, вклучувајќи го и бугарскиот претседател Румен Радев, ќе престане со апсурдниот наратив, тогаш и македонскиот народ ќе има позитивни чувства кон Софија.