Читателот, гледајќи го насловов, можеби ќе помисли дека сум љубител на мостовите. И вистина, со задоволство сум гледал емисии за мостовите по светот, па сум читал за нашите неимари што граделе елегантни мостови (Гаркиот), или оној симболот на градот Скопје, а дури колку солзи сум проронал за тие браќата ѕидари што граделе мост, дење го граделе, ноќе се рушел, и за да им задржи смислиле пеколен план. (Понатаму знаете: Царицата на македонскиот мелос Васка Илиева лирски ни го доловува тоа.)
Овде ќе стане збор за еден мост. Претпоставувам дека МКД-железници имаат ангажирано стручњаци што прават план за санација на мостот на пругата Скопје – Гевгелија, во близината на Стоби. Сигурно стручњаците при правењето елаборат за санирање на оштетувањата на мостот најпрво ќе ги земат предвид можните причини за оштетувањата. Тие оштетувања можат да бидат различни: како грешки во проектот, пропусти во градбата од страна на изведувачот, неусогласеност меѓу проектот (надзорот ангажиран од инвеститорот од една страна и изведувачот на објектот што не ги вградувал во мостот елементите, било да е железо, песок или цемент, пропишани од проектантот). Од тие причини доаѓа до отстапувања намерни или ненамерни во стилот: „директоре, ќе направиме заштеда во материјалите“, попознато како криминал во градежништвото. Последиците се попуштање на објектот, или во градежништвото тоа елегантно го нарекуваат „премор, замор на материјалите“.
А друга причина за попуштањето на мостовите е тоа што по сѐ изгледа градителите сѐ повеќе се самоуверени и при проектирањето и градењето не ангажираат и инженери од други струки, бидејќи оваа работа е сложена, интердисциплинарна дејност. Кога велам други струки, пред сѐ мислам на хидроинженери што во вакви градби треба да имаат пресуден збор. На некоја ТВ го гледав споменатиов мост на реката Вардар, сликан од долната страна на речниот тек, и речиси бев зачуден како толку време не се срушил. Имено, ако тргнеме од онаа народната мирна река брег рие и ако се сетиме колку современи мостови низ котлините на Македонија, каде што падот на водата во речното корито е најмал, буквално беа искошкани од нивното лежиште (фундаментот), тогаш што да кажеме за Вардар, кој, по брзината на водата на пример во скопската котлина, ни најмалку не е наивен. А дури од излезот на Вардар од скопската котлина до Демир Капија, па и во валандовско-гевгелиската котлина. Долината на реката Вардар е композитна, де рамничарска де планинска. И овде, каде што е споменатиов мост, таа река Вардар е со огромна ерозивна моќ. И ако мирна река брег рие, тогаш што ќе стане со мост што е граден како „стока со грешки“, чест термин за фалш-градење.
Овде ќе наведеме два примери. Мостовите, особено низ вакво речно корито, со брз тек, треба да имаат солидна инфраструктура. Без неа мостот брзо ќе биде буквално исфрлен од употреба. Токму во овој крај, во близината на некогашната фабрика за вештачко ѓубриво, еден елегантен мост, дар од ЈНА за жителите од тој крај, имаше краток век на употреба, беше разурнат. Сигурно и проектантите и изведувачите изгубиле од вид дека тука реката и по количеството на вода во речното корито и по падот на водата (кубни метар/сек.) е голема и брза и има огромна моќ на речна ерозија. Како последица на ова дојде до уривање на мостот. Сосема поинаку сигурно ќе било ако градителите го имале предвид тоа при подготовката на теренот и ако правеле катаракти и убаво ги фундаментирале стапките на мостот. А често е важно реката и мостот да се вкрстуваат под прав агол. Друг пример, сличен мост видов во струмичката котлина, кој беспрекорно ја врши својата намена. И најсилна голема вода не може да го разурне. Проектантите мултидисциплинарно предвиделе на педесетина метра над мостот и од 50 до 70 метра по мостот по една катаракта, со која го намалиле падот на водата и ја „прикочиле“ во коритото на минимум, а со тоа ја скротиле водата, пополека да тече, т.е. да не го оштетува мостот. Ќе забележите: банална работа, ама многу значајна за функционирање на мостовите во котлини, а што да кажеме за долини како што е мостот кај Стоби.
Во градежништвото за секој објект се прават пресметки за тоа кои материјали ќе се стават и како ќе бидат вградени (имплементирани) во градбата. Тоа го викаат статика, и тоа за објекти што се во мирување како станбениве објекти. А мостовите? Си земам за право да кажам дека тие се објекти во динамика: постојано се изложени на напрегања. Како од возовите (вертикални притисоци) така и хоризонтални од водата во речното корито. Затоа, мостовите се, условно речено, во постојана динамика. Уште ако ги додадеме и земјотресите, кои во нашиве региони не смееме да ги занемаруваме.
Овде нема да набројуваме мостови што не ја издржале својата функција, тоа не е цел на овој скромен напис, тоа би било критизерство, што не ни е цел. Во меѓувреме, разбрав дека и повиканите, како Агенцијата за државни патишта, воделе сметка за сите мостови во државава и за секој мост поединечно имале фасцикла со документација. Со тоа бев позитивно изненаден.
П.С. Кога размислувам на оваа тема, не смеам да не го споменам мојот почитуван професор по хидрографија Миливој Гаштевски, кого во оваа пригода го поздравувам.
Никола Масалковски