Креативноста и мозочните мрежи

Мојата порака би била: бидете креативни колку што природата ве благословила. Тоа ќе значи и балансирање на мозочните мрежи активирани во креативниот процес. Или, не бидете мрзливи и апатични, потрудете се да создадете нешто ново и свое!

За креативноста сум пишувала многупати во моите книги посветени на уметноста, но, еве, повторно сум импресионирана од овој исклучително човечки феномен. Да немало креативност, немаше да уживавме во музиката на Чајковски, Брамс, Рахманинов…, ниту во сликите на Рафаело, Да Винчи, Васко Ташковски…, ниту пак во пишаните зборови на Достоевски, Чехов, Толстој…
Поимот што претставува креативноста се менувал низ изминатите столетија. Традиционално, креативноста се дефинирала како способност адаптивно да се одговори на потребите од примена на нов приод и создавање нов продукт или способност да се внесе нешто ново и вредно во практиката, но со одредена цел. Поточно, креативност значи постапка на преточување нови и имагинативни идеи во реалноста. Со други зборови, креативноста подразбира способност да се перципира светот на некаков нов начин, поради што се неопходни два битни елемента: мисловен процес и продукција. Иако денес во информатичкото општество креативноста некако станува вмрежена, да кажеме – речиси колективна, сепак вистинската креативност останува својство исклучително на индивидуален ум.

Стереотипот креативност-лудило не е сосема точен!

Постојат сѐ уште многу заблуди околу и за креативноста. На пример, постои идеја дека мора да бидете малку луди за да бидете креативни. Да, навистина многу креативни умови биле сметани за „луди “, невообичаени, невклопени во реалноста. Дали тоа било токму така или ние „просечните“ така сме се бранеле во своја полза, тоа е големо прашање. Но научните истражувања сугерираат дека токму само креативните луѓе се способни да пристапат до различни асоцијации, па сепак тие исто така остануваат силно врзани за реалноста. Имаат богата имагинација, но можат да размислуваат за вредноста на идејата и да имаат добро чувство за својата публика. Со тоа, стереотипот креативност-лудило не е сосема точен!
Невронауката за креативноста во изминатата деценија го потврди токму ова својство за креативните луѓе. Во статијата „Вистинската невронаука за креативноста“, која излезе неодамна (јануари 2025), е разгледан возбудливиот нов мрежен пристап за разбирање на мозоците кај креативните мислители.
Наместо креативноста да се гледа исклучиво како феномен на комуникацијата „десен мозок-лев мозок“, се разгледува како интеракција помеѓу три одредени мозочни мрежи што го поддржуваaт креативното размислување: мрежата на извршно внимание, мрежата на стандарден режим (која е наречена „мрежа за имагинација“) и истакнатата важна мрежа (salience network).
Извршната мрежа за внимание (Executive Attention Network – EAN) се активира кога некоја задача налага центарот на вниманието да биде фокусиран, слично како ласерски зрак. Оваа мрежа е активна кога се концентрирате, на пример, на одлично предавање или се занимавате со сложено решавање проблем и расудување што поставува големи барања за работната меморија. Оваа нервна архитектура вклучува ефикасна и сигурна комуникација помеѓу страничните (надворешните) региони на префронталниот кортекс и областите кон задниот дел на париеталниот лобус.
Мрежата за имагинација (Imagination Network – IN) е вклучена во конструирање ментални симулации, талкање на умот, размислување за иднината и замислување на алтернативни перспективи и сценарија за сегашноста. Мрежата за имагинација вклучува области длабоко во префронталниот кортекс и темпоралниот лобус (медијални региони), заедно со комуникација на различни надворешни и внатрешни региони на париеталниот кортекс.
Истакнатата (важна) мрежа, на нашиот јазик не многу соодветно означена, (Salience Network – SN), постојано ги следи надворешните настани, но и внатрешниот тек на свеста и флексибилно ја префрла палката или на извршната мрежа за внимание или на имагинацијата, во зависност од информацијата што е најзначајна за решавање на задачата што е пред нас. Оваа мрежа се состои од дорзален преден сингулатен кортекс [dACC] и предна инсула [AI] и е важна за динамично префрлување помеѓу мрежите на извршното внимание и имагинацијата.
Голем број студии спроведени од когнитивниот невролог Роџер Бити и неговите колеги потврдија дека креативното размислување ангажира региони во сите овие мрежи, особено мрежата за извршна контрола и мрежата за имагинација.
Меѓутоа, она што недостигаше досега е разбирањето на динамичната природа на овие интеракции и колку често креативните луѓе се префрлаат напред-назад во нивното секојдневно размислување, и особено кога размислуваат креативно.
Оваа навистина возбудлива нова студија штотуку беше објавена и за неа беа потребни цели пет години за да се спроведе, што претставува најголемата и етнички најразновидна студија во невронауката за креативност досега. И токму затоа ја споделувам со вас – читателите.

Креативниот мозок е избалансиран мозок

Во истражувањето предводено од голем тим најеминентни когнитивни невронаучници се анализираа 10 групи на податоци добиени од големи примероци (составени од 2.433 учесници) од Австрија, Канада, Кина, Јапонија и од Соединетите Американски Држави, при што беа вклучени структурна магнетна резонанца (МРИ), фМРИ – функционална магнетна резонанца во состојба на мирување, и податоци за креативната способност (проценета преку тестови за различно размислување што биле спроведени надвор од скенирањето).
Тие ја пресметаа „фреквенцијата на префрлување“ помеѓу извршната мрежа за внимание (ЕАН) и мрежата за имагинација (ИН) според бројот на транзиции помеѓу сегрегирани и интегрирани состојби низ временските прозорци.
Во суштина, динамичната реконфигурација на мозочните мрежни врски може да се подели на два различни обрасци што мозокот рутински ги покажува: сегрегација и интеграција. Кога мозокот покажува сегрегирана шема, гледате независна обработка во рамките на мрежите, а кога ја следите интегрираната шема, гледате поголема соработка помеѓу мрежите.
Истражувачите открија дека префрлувањето на фреквенцијата при мирување (кога мозокот не се занимава со одредена задача) е значително и позитивно поврзано со перформансите на подоцнежните креативни способности. Особено важно, тие открија дека „умерената соработка“ (ни повеќе ни помалку) помеѓу ДМН и ИН во мирување е погодна за способноста да се генерираат креативни идеи.
Ова сугерира дека генерирањето креативни идеи бара оптимална рамнотежа помеѓу имагинацијата и контролираното внимание.
Интересно, тие не открија врска помеѓу фреквенцијата на префрлување и интелигенцијата, што сугерира дека ефектот на префрлување ДМН-ИН е специфичен само за креативното размислување. Значи, со други зборови, креативноста не е условена од висока интелигенција.
Исто така, слични нервни обрасци беа пронајдени за време на креативното размислување за време на скенирањето. Тие открија дека задачата за креативно размислување (размислувајќи за многу различни намени на заеднички објект) регрутира значително поголема фреквенција на префрлување и побалансирани интеракции помеѓу овие две мозочни мрежи во споредба со задача што бара само сфаќање на заеднички карактеристики на објектот за време на скенирањето со фМРИ. Ова дополнително сугерира дека фреквенцијата на префрлување не е толку важна за поопшти когнитивни процеси, како што е извлекувањето концепти и правила од веќе постојното знаење.
Истражувачите тврдат дека „проучувањето на креативното сознание од динамична рамка ветува многу за да се добие подобро разбирање за креативноста и да се обезбеди нов увид“.
Лично мислам дека ова истражување има навистина голем број важни импликации. Како прво, го отфрла стереотипот за лудиот генијалец и сугерира дека иако оригиналните мислители имаат тенденција да ја имаат „на повик“ својата богата имагинација и различни асоцијации, тие исто така ја имаат и нивната способност да се фокусираат и да ја проценат вредноста на идеите токму за реалниот свет.
Исто така, верувам дека креативните луѓе истовремено се и искусни медитатори и можат да ја искористат својата практика на внимателност (mindfulness) за да ја искористат моќта на когнитивната флексибилност, да можат да се вклучат во нивната богата имагинација и позитивно конструктивно мечтаење за да ја олеснат нивната креативност и да живеат поурамнотежен и позначаен живот.
Во таа смисла, навистина можеме интензивно да внимаваме на нашите соништа и како резултат да бидеме чекор поблиску до остварување на нашиот најголем креативен потенцијал.
Клучни точки од ова истражување би биле:
– креативните луѓе имаат богата имагинација, но исто така се потпрени на реалноста;
– претходните невролошки истражувања сугерираат дека креативните способности се потпираат на повеќе мозочни мрежи;
– новото истражување покажа дека креативноста бара оптимален баланс помеѓу имагинацијата и контролираното внимание.
Според тоа, мојата порака би била: бидете креативни колку што природата ве благословила. Тоа ќе значи и балансирање на мозочните мрежи активирани во креативниот процес. Или, не бидете мрзливи и апатични, потрудете се да создадете нешто ново и свое!