Ние, простете, ама и како општество и како поединци, семејства, групи, бизнисмени, полицајци, судии, новинари, чистачи и метачи… тонеме. Тамам ќе речеме – ех, го допревме дното, кога ќе ни се случи нешто што ќе нѐ демантира. Ќе видиме дека колективно го копаме нашиот национален гроб само подлабоко и подлабоко. Толку сме во темница што ниту стихот „силно светнал ден“ нема апсолутно никаква смисла. Тој во ова наше време, кое сега го живееме, е неразбирлив. Каква светлина?!
Секоја генерација си има свои херои. Си има и свои негативци. И од нив може да се научи нешто. Поентата е што наследуваме од нашите предци и колку сме мудри, кадарни и имаме волја тоа нивно бесценето богатство што ни го оставиле, а се вика искуство, да го надградиме. Или ќе го нагрдиме? Што ќе им оставиме на нашите поколенија?
Еден народ е толку паметен колку што ќе успее да ги деривира, односно да ги приспособи старите идеи во новото време. Затоа да се потсетиме на апостолот на македонската борба за самостојна и обединета македонска држава. Има многу негови идеи што мораме да ги применуваме секојдневно во нашата пракса, не само како политички сублимат. Гоце Делчев имал визија за свет на слободни народи, бил хуманист, верувал во културен натпревар на народите. Доста е крвопролевање!!! Тој дејствувал во една империја во распаѓање, предводел народ подложен на асимилација и негирање, соседи што се токмеле да го приграбат македонското цивилизациско наследство. Ништо не е поарно за нас и денес, ама да не кукаме, да не плачеме живи над нашиот гроб.
„Со молчење и бездејност од никаде ништо не излегува“, им велел Гоце на соработниците. Еднаш му порачал на народот: „Востанете се!“
Овие негови мудри зборови никако не можеле да фатат место во Европа, која се подготвувала за една од најголемите касапници во историјата на човештвото – балканските војни, па потоа и двете светски големи војни. Да востанеш не значи и ултимативно дека мораш да пукаш. Тоа значи да дадеш отпор, а не да молчиш во бездејност.
Ехото на овие зборови можеби допрело до еден голем француски мислител и борец за права и правда – Стефан Хесел. Тој иако имал тежок живот, поминал и мачеништво во концентрационен логор, бил учесник во францускиот отпор против нацизмот, бил дипломат… доживеал длабока старост. Претсмртно во 2011 година ќе објави политички памфлет, кој од искра ќе предизвика неколку посериозни пожари, каков што беше движењето во Америка „Окупирај“. Неговиот политички памфлет кај нас преведен „Бунтувајте се!“ е Делчевата мисла разбрана во нејзината суштина. Ако си апатичен, резигниран, ти си ништо. Автогеноцид. А, Хесел го мотивира народот да се крене, да се бунтува, пред сѐ против суровите капиталистички услови. Него го мачат и Газа и палестинското прашање, како што Гоце го мачело македонското прашање и повикувал на мирен бунт. Хесел вели дека отпорот против нацизмот е будење, а тоа будење создаде нов свет.
Како се снаоѓа Македонија во новиот свет? Се снајде ли во витлите на финансискиот капитализам? Знаеме дека ги преживеа големите војни, дека застана на страната на победниците, дека имаше континуитет на политичката мисла на татковците на македонизмот. Ореолот на Гоце беше секаде присутен. Прашањето што сега во 21 век е пред нас е дали ќе преживееме ние Македонците од самите себе. Мислите дека е ова апсурдно прашање? Мене ми е сосема на место и е извлечено од она што секојдневно го гледам со години. Ние, простете, ама и како општество и како поединци, семејства, групи, бизнисмени, полицајци, судии, новинари, чистачи и метачи… тонеме. Тамам ќе речеме – ех, го допревме дното, ќе ни се случи нешто што ќе нѐ демантира. Ќе видиме дека колективно го копаме нашиот национален гроб само подлабоко и подлабоко. Толку сме во темница што ниту стихот „силно светнал ден“ нема апсолутно никаква смисла. Тој во ова наше време, кое сега го живееме, е неразбирлив. Каква светлина?!
Немам право да судам и осудувам, па кој сум јас? Само размислувам со вас. Сигурен сум и, како многу од вас, дека се разбираме. Како стигнавме во оваа бездна на морален распад? Да си ги бараме одговорите во себе, ама да не бидеме лицемерни. Не гледај што правам, туку што ти зборувам. Не, не, не. Тоа е морално тонење. Зарем не ни е доста од тонење?
Пред само неколку дена ни се случи трагедија на Партизанска, а ги имало и порано. Премногу луѓе настрадаа, и не е само таа улица што со крвав запис сведочи за нашата ендемска и вкоренета корупција, неселективна правда, подмитување, распашаност и незаинтересираност. Партизанска нѐ потсетува дека овде ни чудото не трае ни три дена. Пијан млад возач-убиец прегази девојче што преминувало на пешачки премин, со отворен зелен семафор. Младиот возач бил во друг свет, каде што нема семафори, нема премини, не постои црвено светло, нема апсолутно никакви граници за неговата потреба да биде свој и само свој со своите демони.
Зад нас треба да стојат државата и сите надлежни и одговорни за спроведување на законите. Нека се разбудат. Бидете будни! Постојано. Востанете против тие што го уривале и уриваат моралниот систем на вредности, оти тој другиот е скап, се плаќа со нешто што нема цена. Премногу плативме, премногу. И тажен сум поради тоа.
Бунтувајте се, деца, не попуштајте, вам ви припаѓа иднината, ваш е светот
Тој не живее во свет каде што просторот го делиме со други, простор во кој важат закони што мора да ги почитуваме сите. Во спротивно одиме кон хаос или несреќно заминуваме од овој свет. Таквите живеат во свет во кој за пари можат да те извадат иако си убил, да ти ја намалат казната, да ти средат да добиеш телефон во затворска ќелија, а пред неколку часа си убил. Па, да, ти си невин додека не те осудат. Ама ти веќе некому си му пресудил!
Нацијата е во траурна атмосфера. Мислите дека сите се загрижени? Токму пред две вечери бев демантиран. Возејќи во еднонасочна улица кај Факултетот за драма, од спротивен правец ми налета автомобил. Едвај се разминавме. Не ми се ни извини. Неколку секунди потоа уште еден автомобил, и тој доаѓа од каде што му е забрането да се движи, а во него тројца бабачковци, кои едвај чекаа да се истепаат со некого. Тие воопшто не размислуваат дали возат криво или право. Тие се газдите во овој простор. Нека ни простат сите невини жртви, сите деца што ги испративме кај ангелите, ама ова овде е нашиот пекол зашто ништо не научивме. Мнозинството луѓе што сакаат почитување на законите секојдневно се тероризирани од тие што сакаат хаос, оти така тие се главни, така тие ја делат нивната правда, така законот на улицата стана доминантен закон. Така им е полесно да дилаат марихуана, хашиш, кокаин… Го дилаат и по училишта, важни им се парите, не нашите деца како идни мајстори, лекари или инженери, туку како зависници.
И ова нема да се реши со ниту еден закон, ниту со декрет. За да почнеме да излегуваме од нашиот пекол, особено во Скопје, како синоним на една национална катаклизма, ќе треба силно да запнеме за да изградиме каква-таква култура на однесување пред сѐ на еден кон друг и однос кон државата. И да, да ја прашаме државата со полно право – што направи за нас! Ќе биде тешко затоа што ние не забележуваме какви сме. Имаме навики за кои сметаме дека се добри. Не сите, секако. Но тоа ви е како филозофската случка со еден многу убав човек што залутал во едно село каде што сите биле грбави. Убавецот за нив бил грд. Размислете за оваа порака. Или, ако непушач влезе во кафеана во Скопје или во Струмица, а таму сите пушачи, тој е човекот што стрчи, тој не се вклопува во средината. Таму отидовме и заринкавме заедно со лажните вредности.
Затоа, Гоце и Стефан повикуваат: Бунтувајте се, востанете, кренете се. Младите се кренаа и треба да ги поддржиме. Тие се во право. И да бидеме побрзи од моторџиите што сега ги гланцаат нивните бесни машини. Тие веќе ги напишаа нивните закони, а ние?
Зад нас треба да стојат државата и сите надлежни и одговорни за спроведување на законите. Нека се разбудат. Гоце ви вика на цел глас – бидете будни! Постојано. Востанете против тие што го уривале и уриваат моралниот систем на вредности, оти тој другиот е скап, се плаќа со нешто што нема цена. Премногу плативме, премногу. И тажен сум поради тоа.
Бунтувајте се деца, не попуштајте, вам ви припаѓа иднината, ваш е светот.