Оној елемент што е испуштен во почетокот во воспитувањето и образованието се чини дека тоа е клучниот елемент околу кој подоцна се надоврзува секое девијантно однесување, што во некоја подоцнежна фаза води и до беспризорно однесување во општеството, а следствено и во сообраќајот, кое може да доведе до фатален исход. Почитувањето на законите не е нешто што може да се натури насила во главата. Тоа е процес што се развива, како што се развива свеста за осознавање на околината и односот со другите луѓе. Ако во воспитувањето и во образованието се прескокне фазата за почитување на законите или се укажува на начините за нивно заобиколување, тогаш не постои сила што ќе го покаже вистинскиот правец
Трагичната сообраќајна несреќа на Партизанска во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова уште еднаш ја вознемири јавноста и отвори многу прашања. Според она што е досега утврдено и што го соопштија надлежните, 20-годишник без возачка дозвола, под дејство на алкохол, при црвено светло не застанал на пешачки премин туку директно удрил во девојката, која од силината на ударот била отфрлена толку силно што удрила во столбот на семафорот. Гневот е дотолку поголем што на момчето зад воланот ова не му бил првпат да предизвикува сообраќајна несреќа без возачка дозвола, а згора на тоа има и историја на проблеми со законот од друг вид.
Како и во секој сличен случај, и овој пат кај нас се јавија голем број толкувања и коментари околу правната квалификација на делото. За да нема дилеми и за да не се правиме поголеми правници од експертите, овде би го цитирал првиот човек на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, кој беше дециден при гостување во телевизиска емисија: „Утврдено е дека станува збор за црвено светло за возачот, односно зелено за жртвата. Тоа ја подигнува кривичната одговорност кај возачот и влегува во умислено постапување, со оглед на тоа што станува збор за пешачки премин“.
И тука веќе нема што да се дискутира. Откако ќе се вештачат сите потребни елементи, ќе следува судска постапка, која треба да ја докаже вината на возачот, се разбира ако се оди според процедурата.
И тука некаде на хоризонтот се појавува „квака 22“, односно закачката што може да се заплетка до бескрај, како што тоа своевремено беше обработено во еден култен американски филм. Всушност, реакцијата на јавноста и протестите што деновиве се одвиваат во неколку града се токму за да не дојдеме до некоја нова „квака 22“. Од сите страни се апелира на почитување на законите и процедурите, за да не дојде до некакви нови замешателства, какви што се изнагледавме во минатото, па до денес. Речиси нема ден а да не се открие некоја нова сомнителна комбинација во која се вклучени судии и обвинители, чувари на редот и кој уште не од редот на луѓето што вообичаено ги идентификуваме со поимот – држава.
А кога ќе падне сенката врз државата, тогаш на светлината треба да се работи. Уште подолготрајно и уште помачно, за зракот светлина повторно да нѐ осветли. И огрее. Сомневањето и скептицизмот се вгнездуваат во луѓето и потребен е голем напор за да се променат состојбите.
Затоа, неизбежно се наметнува прашањето како се случи граѓаните да не им веруваат ниту на судовите ниту на обвинителството, довербата да е на најниски можни гранки, а луѓето внатре, особено оние на врвот на таа пирамида, мува да не ги лази, поточно да ги претставуваат работите како безмалку да тече мед и млеко.
И веднаш да расчистиме. Според најголемиот број мислења на врвни правни експерти, а такви, благодарам на прашањето, имам во најблиското и поширокото опкружување, па честопати сме дискутирале на оваа тема, нашето законодавство во голема мера е ускладено со европското, во онаа мера до која го дозволуваат тоа околностите. Законите се добро поставени и тука нема некои посериозни забелешки од страна на експертите. Клучниот проблем е нивното неспроведување, односно нивното слободно толкување.
И тука е клучниот проблем, во синдромот „наше дете“. Македонија е мала земја, во која секој со секого се знае. Ако не го знам судијата, ја знам балдазата, кумот или комшијата му оди на риби со мојот братучед. Комбинации има милион, а ние, фала му на бога, сме мајстори за комбинации, особено во кризни ситуации. На крајот, тоа резултира со наоѓање магичен начин за заобиколување на законите.
Сите што евентуално не се согласуваат од прва со ваквиот заклучок, нека поразмислат некоја минута и веднаш ќе им се наврати сеќавањето на случај од нивното најблиско опкружување. Не мора да одат многу подалеку.
Затоа, кога зборуваме за нефункционирањето на системот, треба да погледнеме малку подлабоко. Минатата недела пишував за асоцијалното однесување, пред сѐ на младите луѓе, кои честопати знаат својата младешка енергија да ја насочат кон предметите до најблиското опкружување, па неретко сме сведоци на нивно дивеење низ населбите, парковите или, пак, на сообраќајниците.
Оној елемент што е испуштен во почетокот, во нивното воспитување и образование, се чини дека тоа е клучниот елемент околу кој подоцна се надоврзува секое девијантно однесување, што во некоја подоцнежна фаза води и до беспризорно однесување во сообраќајот, а кое може да доведе до фатален исход. Почитувањето на законите не е нешто што може да се натури насила во главата. Тоа е процес што се развива, како што се развива свеста за осознавање на околината и односот со другите луѓе. Ако во воспитувањето и во образованието се прескокне фазата за почитување на законите или се укажува на начините за нивно заобиколување, тогаш не постои сила што ќе го покаже вистинскиот правец.