Мијаците се чисто македонско племе, кое било на удар на соседните пропаганди уште од XIX век

Двете пропаганди ќе се истиснуваат една со друга, во зависност од општествено-економските интереси на Мијаците, односно која пропаганда-партија ќе „стави повеќе пиљави на кантарот“, кажано на локалниот дијалект, а што значи – кој ќе даде повеќе пари. Поедноставно кажано, изнудувањето големи суми пари од српската пропаганда, исто така паралелно и од бугарската, населението од Мала Река го правело смислено. Најдобар пример за таквата тактика се идентичните писма од 1887 година, испратени истовремено и до српските преставници и до бугарската егзархија, во кои се бараат пари за спроведување на учителското дело – и за српското и за бугарското (писмото се наоѓа во Архивот на Србија – н.з.)

Мијаците се припадници на чисто македонско племе, ја населуваат долината на реката Радика во Западна Македонија, област што се нарекува Река. Таа се
дели на: Горна Река, Долна Река и Мала Река, според реката Мала Река, од којa и целиот регион го добива своето име. Денес поголемиот дел е во составот на општината Маврово-Ростуше, а помали делови им припаѓаат на општините Гостивар и Дебар. Во Отоманската Империја областа Река имала статус на нахија во состав на Дебарската каза на Охридскиот санџак. Постојат и таканаречените мијачки енклави, кои се далеку од реканската област. Тука спаѓаат: Ехловец во Кичевско, Ореше и Папрадиште во областа Азот, Смилево и Мијачко Маало во градот Крушево.
Сточарството, но пред сѐ печалбарството, им овозможувало на Малореканците, односно Мијаците, за разлика од други области во Македонија, да ја преминуваат границата на пределот и со тоа релативно рано да стапат во допир со општите движења на поширокото подрачје.
Српската пропаганда, првите стапки во малореканскиот предел ги направила во 60-тите и 70-тите години од XIX век. Тоа биле првите несигурни чекори на српската пропаганда, која за почеток се сведувала пред сѐ на собирање информации и податоци за идната планска работа. Во 1868 година српската држава започнува со организирано ширење на своето влијание во Македонија. Промената на ставот кон Македонија довела до организирана дејност. Формиран е Просветен одбор (подолу употребувам само Одборот – м.з.) во Белград, кој имал задача да ја шири и помага српската просвета во Македонија.
Во поголемите малорекански населби уште во првата половина од XIX век постоеле селски училишта, познати како ќелијни училишта, во кои наставата се изведувала од страна на месните свештеници. Речиси во сите малорекански населби релативно рано биле отворени општински ќелијни училишта во кои се употребувале манастирскиот метод на настава, народниот јазик и црковнословенската азбука. Во Тресонче училиштето било отворено во 1850 година, во Росоки во 1845 година, во Селце временски во периодот околу 1850-1870 година.
Овие училишта низ Македонија ќе бидат темелот за идното ширење на пропагандите, наметнувани од соседните слободни балкански народи кон поробеното македонско население во Македонија. Ќелијните училишта ќе станат поле за натпревар, во кои пропагандите ќе се борат училиштата да бидат заведени во делот на милетот што го претставувале.
Одборот од Белград, во 1867 година, преку Иван Иваниќ, тврди дека во Галичник српската пропаганда успеала да отвори српско училиште, а претходното ќелијно училиште да го модернизира. Георги Трајчев, пак, за галичкото училиште, за истата 1867 година, тврди дека тоа е бугарско училиште. Ќелијното училиште во Галичник постоело уште од 1821 година, многу пред појавата на пропагандите, како нужна потреба, придвижена од економскиот раст на населението, за поголема писменост и образование. Ист е случајот и со училиштето во Лазарополе, кое како ќелијно постои од 1841 година. Во Лазарополе во 1874 година пристигнува српскиот учител Љубомир Павиќ и отвора „чисто српско училиште“. Павиќ престојува во Лазарополе цели осум месеци, со што се потврдува фактот дека тој бил наемен учител за работа во селското училиште, платен од Одборот. Според српските архивски податоци, на училиштето во Лазарополе од страна на Одборот (според Јован Ристиќ), во 1874 година му биле исплатени 30 златници. Иста сума пари примило и ќелијното училиште во Осој и, се разбира, го добило префиксот – српско училиште. Меѓутоа уште во 1866 година и српската и бугарската пропаганда училиштето во Осој го претставуваат како свое, како дел од успехот на нивната пропаганда во малореканскиот предел. Георги Трајчев тврди дека тоа е бугарско, а Иван Иваниќ дека тоа селско училиште е српско.
Поради легалната дејност, овозможена од османлиската држава, дадена на егзархиските институции, пропагандите во малореканскиот предел во периодот по 1880 година ќе се засилат.

Двете пропаганди ќе се истиснуваат една со друга, во зависност од општествено-економските интереси на Мијаците, односно која пропаганда-партија ќе „стави повеќе пиљави на кантарот“, кажано на локалниот дијалект, а што значи – кој ќе даде повеќе пари. Поедноставно кажано, изнудувањето големи суми пари од српската пропаганда, исто така паралелно и од бугарската, населението од Мала Река го правело смислено. Најдобар пример за таквата тактика се идентичните писма од 1887 година, испратени истовремено и до српските преставници и до Бугарската егзархија, во кои се бараат пари за спроведување на учителското дело – и за српското и за бугарското (писмото се наоѓа во Архивот на Србија – н.з.).
Испраќањето учители во малореканските училишта било проследено и со донирање книги во ќелијните училишта. Па така, денес по црквите во малореканските населби можеме да најдеме разни просветни материјали, подготвувани и печатени од соседните словенски народи. Српскиот Просветен одбор на 14 август 1874 година, преку свештеникот Гаврил Вучковиќ, за училиштата во Лазарополе, Осој и во Галичник ќе испрати 327 учебници, од кои: 50 нови и 50 стари буквари, 25 мали земјописи, 25 сметанки, 25 први знаења, 25 истории на Србите, 40 мали црковни истории, 25 катахизи, 10 молитвеници, 10 граматики, 10 словенски буквари, итн.
Започнатата дејност на Одборот за учители и школи во Стара Србија и Македонија не траела долго. Со почетокот на војната помеѓу Османлиската Империја и Кнежевството Србија во 1876 година престанала дејноста на Одборот. Со тоа престанало и испраќањето книги и пари на општинските училишта во малореканскиот предел и Македонија. Но веќе по 80-тите години од XIX век се формирал нов одбор, кој се зафатил посилно со спроведување на српските интереси во Македонија.

Мојсо Поповски