Германија ја има улогата на главен двигател на Европа, а тоа делумно се должи на фактот дека, на почетокот од овој век, нејзините индустриски сектори ги презедоа оние сегменти што имаа највисока додадена вредност во однос на глобалните синџири на снабдување. Повторувањето на ваквиот успех денес ќе бара од Германија да биде предводник на дигиталната трансформација, а тоа не може да го направи без ЕУ
Некогаш нарекувана како „болниот човек од Европа“, Германија сега е повторно болна. Нејзината економија забавува со многу позасилено темпо отколку што е тоа случај во остатокот од Европа и државата, можеби, се наоѓа во рецесија. Ќе може ли оваа земја наскоро да закрепне?
Не е тешко да се препознаат факторите што се причина за неуспехот на Германија. Како и во поголемиот дел од развиениот свет, веќе некое време се забележува бавен раст на продуктивноста, а, згора на тоа, она што влијаеше на растот во периодот по завршувањето на пандемијата на ковид-19 беше инфлацијата (вклучувајќи го и порастот на цените на енергијата). Војната во Украина ги засили тие тенденции, принудувајќи ја Европа да ги замени руските фосилни горива со други, поскапи супститути. Повисоките цени на енергијата особено тешко ја погодија германската индустриска економија.
Германија исто така се соочува со намалување на побарувачката за нејзиниот извоз, и тоа е така поради недоволниот глобален раст, слабоста што постои на клучните пазари (особено Кина) и зголемената конкуренција од странство во однос на автомобилите и напредните машини што се користат во индустријата. Извозот исто така има суштинско значење за германскиот економски модел: државата има долгорочни (и сегашни) трговски суфицити, при што целта е да се компензира за недоволната домашна агрегатна побарувачка.
Дополнително, тука е и недостигот од работна сила. Како што е случај со повеќето развиени земји, а така е и со Кина, населението во Германија старее. На секои 1,35 новородени, стапката на природен прираст е значително помала од стапката на природна замена, која изнесува 2,1.
Ако на ова го додадеме и подолгиот животен век, можеме да констатираме дека во Германија се забележува зголемување на соодносот на зависноста (тоа е уделот на зависно население (стари и млади) наспроти работоспособното население), што ги оптоварува системите за социјално осигурување и здравствена заштита. Работната сила сега има околу 44 милиони луѓе и, доколку нешто суштински не се промени (да речеме, значително да се зголеми учеството на работната сила или значително да се зголеми нето-миграцијата) нејзиниот број ќе почне да се намалува во текот на претстојната деценија.
Последно кога Германија се соочи со вакви сериозни економски предизвици (кон крајот на 1990-тите години), владата, во соработка со индустријата и работната сила, спроведе далекосежни реформи, кои подразбираа спроведување суштинска структурна промена: германските индустриски сектори се поместија во насока на тоа да ги заземат оние сегменти од синџирите на снабдување што додаваа висока вредност, додека другите сегменти се преселија во земји во кои трошоците се пониски, вклучувајќи ги тука и новите посткомунистички економии од Централна и Источна Европа. Во периодот до 2006 година Германија ги надминуваше другите големи економии во Европа и тоа беше така сè до 2017 година.
Повторувањето на ваквиот успех денес ќе бара од Германија да биде предводник на дигиталната трансформација. За среќа, на Германија не ѝ недостигаат таленти, ниту претприемачка активност или иновативен капацитет. Компанијата „Бионтек“, која има седиште во Мајнц, е водечки производител на вакцини и третмани за рак и сè повеќе е присутна во глобални рамки. Берлин, Минхен и Хамбург можат да се пофалат со процут на претприемачки екосистеми и центри за иновации. Вкупно четириесет и шест уникатни субјекти во Германија (кои главно работат во дејности што функционираат благодарение на дигитална технологија) добија средства од домашни и меѓународни фирми за ризичен и приватен капитал.
Технолошкиот напредок, меѓутоа, се случува побрзо кога станува збор за големи и мошне интегрирани пазари, бидејќи приносите од првично скапото инвестирање во иновации се повисоки тогаш кога е поголем целниот пазар. Тоа значи дека напредокот во Германија значително ќе зависи од европската политика.
Некои можеби ќе речат дека главниот проблем тука е што светската економија станува сè пофрагментирана, покомплицирана и помалку отворена – нешто што, можеби, е трајно. Сето тоа доведува до големи предизвици, особено за индустриската економија што е извозно ориентирана, како што е Германија.
Притоа, уште поголема пречка за структурни промени во економијата што се придвижувани од дигитализацијата, особено во Германија, е растечкиот дигитално-технолошки јаз меѓу Европската Унија и другите два економски моќници на глобално ниво – САД и Кина. Се чини примамливо да се сведува на минимум важноста од постоењето на ваквиот јаз, бидејќи разлики може да се појават во кој било сектор со текот на времето и помеѓу повеќе држави. Притоа, дигиталните технологии не формираат само еден сектор, туку тие имаат суштинско значење за технолошката и структурната трансформација на секој сектор во економијата, вклучувајќи го и индустриското производство.
Во својот извештај за конкурентноста во Европа, кој беше објавен во септември 2024 година, Марио Драги, поранешен шеф на Европската централна банка и премиер на Италија, ги разгледа главните причини за постоењето на технолошки дефицит во ЕУ. Некои од нив (на пример, недостигот од основни истражувања во науката и технологијата) можат да се решаваат само на ниво на ЕУ (факт што е можеби непријатен за Германија) бидејќи бараат централизирано финансирање и администрирање. Слично на тоа, интеграцијата на услужниот сектор и на пазарот на капитал (што е од суштинско значење за да им се овозможи на европските иноватори да ги искористат сите придобивки од големата европска економија) е нешто што ќе бара координирана активност помеѓу државите.
Уште нешто што можеби ќе биде потребно е преиспитување на регулаторните пристапи што постојат на ниво на ЕУ. Онака како што сега стојат работите, мегаплатформите што се поддршка за најголемите системи за клауд-компјутери (и кои генерираат спиноф и истражување врз основа на финансирање, и тоа особено во квантните компјутери, вештачката интелигенција и апликациите за вештачка интелигенција што се користат во науката) и кои го поддржуваат развојот на вештачката интелигенција, се наоѓаат главно во САД и Кина.
Секако дека главните играчи („Мајкрософт азур“, Амазон веб сервисис“ и „Гугл“) имаат основано големи центри за податоци во Европа, вклучувајќи ја тука и Германија, за да можат да ги опслужуваат домашните пазари, да ги искористат расположливите научни таленти во Европа и да се усогласат со правилата на ЕУ за заштита на податоците и со прописите за вештачка интелигенција. Меѓутоа, она што не постои се споредливи субјекти што произлегле и се развиле во домашни услови во државата. Ваквата ситуација придонесе за постоење на регулаторна и политичка пристрасност кога станува збор за ублажување на ризикот и безбедноста на податоците, при што се посветува помалку внимание на искористувањето на технолошкиот потенцијал и на создавањето средина што е поволна за дигитална структурна трансформација.
Последен императив за Европа, а особено за Германија, е напредокот во дигиталната трансформација на индустриските сектори, вклучувајќи ги и автомобилите, каде што кинескиот напредок во делот на производството на акумулатори за електрични возила и во соларната енергија претставува огромна конкурентна закана. Тоа ќе бара од постојните фирми да ја надминат организациската инерција и да се откажат од старите размислувања и модели. Што е уште поважно, ќе биде потребно софтверско инженерство од масовен обем. Притоа, Европа во моментов нема доволно квалификувани луѓе за овие работни места.
Зголемувањето на продуктивноста во делот на софтверскиот инженеринг, која е поттикната од вештачка интелигенција, може да помогне во премостувањето на ова тесно грло, суштинско значење и понатаму ќе има инженерскиот талент. Тука би можеле да бидат од помош промени во имиграциската политика.
Постои причина да се биде внимателен оптимист. Кинескиот стартап „Дипсик“ штотуку го вчудовиде светот на вештачката интелигенција така што покажа дека најсовремениот голем јазичен модел може да се обучи и за многу поевтино и со значително помала компјутерска моќ отколку што се мислеше. Ова откритие потенцијално го намалува недостигот што постои кај ЕУ во делот на компјутерската инфраструктура што е потребна за поддршка на сè поголемиот развој на вештачката интелигенција, а со тоа се отвора можност не само за Германија туку и пошироко за Европа да се премости јазот што постои сега во однос на актуелните светски технолошки лидери.
Притоа, успех ќе биде можен само доколку лидерите на ЕУ, националните влади и индустријата заеднички работат на мобилизирање на потребниот човечки капитал и на испорачување на потребните инвестиции, и тоа не само во делот на дигиталната инфраструктура туку и пошироко.
Мајкл Спенс
Республика