Пискотници се слушаат од…

Медиумското битисување на „Нова Македонија“, освен тежишниот професионален медиумски пристап кон јавноста, е неразделно поврзано и со афирмацијата и заштитата на македонските национални особености, но и со состојбата на македонските малцински права кај нашите соседи и пошироко. Оттука нашата медиумска порта секогаш ќе биде ширум отворена за сите македонски здруженија и организации што се залагаат за првата на припадниците на македонскиот народ, како што се ОМО Илинден–Пирин или Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како и за нивните претставници Стојко Стојков или Васил Стерјовски, но и за сите оние што искрено го афирмираат и заштитуваат македонскиот идентитет, како што е Централниот совет на Македонците во Германија

Во не толку далечната 2009 година беше формирано друштвото „Илинден“–Тирана од неколкумина Македонци што живеат во главниот град на Република Албанија. За оние што не знаат, конкретно станува збор за македонско друштво што во изминативе 15 години и кусур во албанското општество се етаблира како еден од главните двигатели за заштита и афирмација на македонските национални особености – јазик, култура, историја, идентитет итн., но и интеграцијата на припадниците на македонскиот народ во албанскиот политички и општествен живот. Македонското друштвото „Илинден“–Тирана го издава и единствениот печатен медиум на македонски јазик во Република Албанија, а како членка на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) ги афирмира интересите на македонското малцинство. Друштвото беше и еден од главните иницијатори за повторно отворање лекторат по македонски јазик во Тирана, а неговиот претседател Никола Ѓурѓај останува запаметен во нашиот медиумски простор како македонска совест за засилената бугарска асимилаторска пропаганда во Албанија. Тука сакаме да потсетиме дека на 6 февруари 2025 година македонското друштво „Илинден“–Тирана ќе одбележи 16 години од своето формирање и се надеваме дека и во иднина ќе биде грижлив чувар на македонскиот национален и културен идентитет.
Можеби некој ќе ни дофрли дека пишуваме славопојка, но весникот „Нова Македонија“ отсекогаш на своите страници пишувал и ќе пишува за Македонците, без разлика на нивното место на живеење или раѓање, особено за припадниците на македонскиот народ во соседните држави. Медиумското битисување на „Нова Македонија“, освен тежишниот професионален медиумски пристап кон јавноста, неразделно е поврзано со афирмацијата и заштитата на македонските национални особености, но и со состојбата на македонските малцински права кај нашите соседи и пошироко. Оттука нашата медиумска порта секогаш ќе биде ширум отворена за сите македонски здруженија и организации што се залагаат за првата на припадниците на македонскиот народ, како што се ОМО Илинден–Пирин или Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како и за нивните претставници Стојко Стојков или Васил Стерјовски, но и за сите оние што искрено го афирмираат и заштитуваат македонскиот идентитет, како што е Централниот совет на Македонците во Германија.

Сега да го разгледаме прашањето на денот! Велат дека совеста е суштинска за нашата егзистенцијална свест и нашите морални обврски, како и дека совеста им помага на поединците, но и на заедницата, да го разликуваат доброто од погрешното. Не случајно се вели дека совеста е компас што нѐ насочува кон моралното одлучување и поведение во согласност со етичките принципи. Истовремено, совеста е неразделно поврзана со социјалната кохезија, бидејќи ги поттикнува човековите битија да бидат внимателни кон другите, поттикнувајќи доверба и соработка. Не смееме да заборавиме и дека совеста е од суштинско значење во промовирање на етичкото однесување, негувањето на меѓучовечките односи и поддршката на индивидуалната и општествената благосостојба.
Но каде сме ние, како држава и општество, во оваа нарација? Во Република Албанија живеат илјадници припадници на македонскиот народ. Нивната бројка не може точно да се утврди поради долгогодишната природна асимилација во албанското општество, но според еден податок околу 100.000 албански граѓани имаат македонско потекло. Најголемиот дел од нив живее во Мала Преспа и Голо Брдо, но и на целата територија на Република Албанија. Податоците исто така говорат дека тие се едни од најсиромашните албански граѓани, а голем дел од нив се занимава со риболов, земјоделство и сточарство. Поради економски причини, многумина од нив ги напуштија родните места и заминаа во соседните држави и во Европската Унија, надевајќи се на подобар живот. Ние, македонските граѓани, на најдиректен начин се запознаваме со нив кога на пазарите во Скопје или Битола ни продаваат маслиновото масло или земјоделски производи. Оттука, секој што ги запознал овие Македонци знае дека станува збор за мирни, кротки и срдечни луѓе.
Сега некој може да нѐ запраша каде е поврзаноста помеѓу совеста и македонското малцинство во Република Албанија? Само замислете, Република Бугарија со сите свои државни механизми започна со асимилација на македонскиот народ кај нашиот сосед. Најпрво разни емисари им проповедаа на Македонците во Мала Преспа и во Пустец дека нивните дедовци и прадедовци имале бугарско национално чувство и малку по малку започнаа да им делат бугарски пасоши.

Бугарија како држава, директно или индиректно, започна да финансира реновирање на училиштата во кои учат македонските деца, а беше и испратен воен авион со цел тим на медицински лица што вршеа бесплатни прегледи во Пустец. Со друго зборови, Република Бугарија јасно и недвосмислено се обидува да го асимилира македонскиот народ во Албанија! Претставниците на македонското малцинство секојдневно информираа, а ние молчевме и сѐ уште молчиме. Тука е и одговорот за поврзаноста помеѓу совеста и македонското малцинство во Република Албанија? Како да немаме совест и морални обврски, во спротивно немаше да молчиме како народ и општество за состојбата со Македонците кај нашиот западен сосед. Не е доволно само да се фотографираме со нив, да споделуваме објави или да ги тапкаме по рамо, потребни се конкретни активности од сите чинители од македонското општество, секој според своите можности. Зошто да не ги реновираме училиштата каде што учат македонските деца или да испратиме медицинска опрема за нашите во Мала Преспа.
На самиот крај ќе одвоиме еден пасус од „Сердарот“, надевајќи се дека ќе биде разбрана пораката: „Пискотници се слушаат од Галичник до Река, што тешка несреќа ги збра и мажите, и жените, та гласи тажна ека и навева сал коб и зла? Дал’ град полињата житородни ги беше фатил? Ил’ рој од скакулци се вдал? Дал’ султанот арачлии час предвреме им пратил да збира арач лут без жал? Ни град полињата житородни ги беше фатил, ни рој од скакулци се вдал, ни султанот арачлии час предвреме им пратил да збира арач лут без жал. Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега, тој сердар прочут падна в бој, и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега, а да ги брани нема кој…“