Човекот во расказот можеби симболизира Македонец / Македонка или, можеби, ја симболизира Македонија. Избирајте. Дали заминатите треба да сторат нешто повеќе? Дали тие што останале треба да се обединат и да се борат? Замислете дека треба да се гради зградата на македонската судбина, со намера жителите на Македонија да бидат среќни, конечно да имаат мир и спокојство, но, за да се постигне тоа, треба не еден, тука стотина илјадници, милиони Македонци, да страдаат од промената на нивниот идентитетски код, од бришењето на македонскиот идентитет. Ќе го направите ли тоа? Ќе бидете ли вие архитекти на таква Македонија? Бидете искрени, одговорете, но не лажете!
„Оние кои заминуваат од Мејпокс“ (според Ле Гвин)
Предизвици (1)
Во неколку продолженија ќе понудам размисли за предизвиците – глобални, регионални, државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во 2025 година и по неа. Денешниов текст е прв од серијалот.
Мејпокс, во мојот опис, звучи како град од бајка, многу одамна, далеку одовде, беше еднаш… Граѓаните на Мејпокс се среќни луѓе – не убиваат, не крадат, не користат оружје, не чуваат робови, не се варвари, едноставно тие се среќни луѓе. Не ги знам правилата и законите на нивното општество, но претпоставувам дека постојат само неколку. Како што можат да живеат без монархија и без демократија, така тие можат да живеат без берзата, рекламите, тајната полиција и без телевизијата. Сепак, тоа не е некој едноставен свет, не се работи за прекрасни овчари, благородни дивјаци, безлични жители на утопија. Тие не се помалку комплекси од нас. Проблемот е во нашата лоша навика, охрабрена од ситните и бесните луѓе, среќата да ја сметаме за нешто мошне глупаво. Само болката е интелектуална, само злото е интересно. Ова е предавството на уметникот: одбивањето да се признае баналноста на злото и страшната досада на страдањето.
Дозволете сега, ако ве убедив во нивната среќа, да опишам уште една работа: причината за нивната среќа. Во подрумот на една прекрасна јавна зграда во градот Мејпокс се наоѓа одаја – валкана, гнасна, без прозорци, со врата што е секогаш заклучена, во неа седи триесетгодишен човек – измачуван до смрт, изложен на тортура – физичка и психичка, неисхранет и запоставен. Во одајата никој не доаѓа – човекот нема претстава за време, освен што понекогаш вратата ќе закрцка и ќе се отвори, а таму, пред вратата, стојат неколкумина. Тие никогаш ништо не зборуваат, само згрозено зјапаат во човекот неколку минути – за човекот вечност, потоа набрзина, еден од нив ги полни садот за храна и бокалот за вода, и заминуваат. Човекот не живеел отсекогаш во одајата и сè уште се сеќава на детството, сончевите зраци и гласот на неговата мајка. Понекогаш ќе им се обрати на посетителите: „Ве молам пуштете ме, да видам дали сонцето уште надвор грее!“
Сите жители на Мејпокс знаат за него, знаат дека е таму – во подрумот. Некои одеа да го видат, други едноставно се задоволни со тоа што знаат дека е таму. Сите знаат дека мора да биде таму. Некои разбираат зошто, некои не, но на сите им е јасно дека нивната среќа, убавината на нивниот град, здравјето на нивните деца, мудроста на нивните научници, вештината на нивните занаетчии, дури и нивните обилни жетви и убавото време целосно зависат од страдањето на тој човек. Луѓето се згрозени, чувствуваат гадење, огорченост, лутина и немоќ, и покрај сите објаснувања, тие би сакале да направат нешто за човекот, но не можат да направат ништо, знаат: ако го сторат тоа, напредокот, убавината и шармот на нивниот град ќе се повлечат и ќе бидат уништени. Такви се условите: среќата на сите во градот во замена за несреќата на еден. Условите се строги и апсолутни – на човекот не треба ниту да му се упати љубезен збор.
Често луѓето, особено младите, се враќаат дома во солзи или во бес без солзи, откако ќе го видат човекот и ќе се соочат со овој страшен парадокс. Можеби ќе размислуваат за тоа со недели или месеци. Но, како што поминува времето, тие почнуваат да сфаќаат дека човекот е премногу понижен за да спознае некое вистинско задоволство, предолго се плаши за да се ослободи од стравот, неговите навики се премногу едноставни за да наликуваат на човечкото однесување. „Навистина“ – тие се тешат, „по толку долго време, сигурно би бил очаен без ѕидовите што го штитат, без темнина потребна за неговите очи и без смрдеата на неговиот сопствен измет“.
Но, има уште една работа, нешто што е сосема неверојатно, што треба да се каже. Понекогаш, девојка и момче, од тие што одат да го видат човекот, не се враќаат дома за да плачат или да се бесни, всушност, воопшто не се враќаат дома. Понекогаш жена и маж, многу постари, молчат ден-два, а потоа го напуштаат домот. Овие луѓе излегуваат на улица и одат директно надвор од градот Мејпокс. Местото каде што тие одат, повеќето од градот на среќата, не можат да го замислат, „можеби не постои“ – се тешат. Но, тие што си одат, тие што заминуваат од Мејпокс, се чини дека знаат каде одат.
Поговор на расказот „Оние кои заминуваат од Мејпокс“
Не сум автор на овој расказ. Негови творци се Достоевски, Џејмс и Ле Гвин. Во романот „Браќа Карамазов“ (1880 г.), петтата книга, главата „Бунт“, Иван Карамазов го прашува Аљоша:
„Речи ми самиот, искрено, те повикувам, одговори: замисли се дека ти самиот ја ѕидаш зградата на човечката судбина, со намера, најпосле, да ги усреќиш луѓето, најпосле да им дадеш мир и спокојство, но за тоа мораш до смрт да измачиш само едно единствено малечко суштество…, – и врз неговите неодмаздени солзички да ја засноваш таа зграда. – Дали би се согласил да бидеш архитект под тие услови, кажи, но не лажи!
– Не, не би се согласил – тивко проговори Аљоша.
– И дали можеш да дозволиш идејата дека луѓето за кои градиш ќе ја примат својата среќа заснована на невината крв на малото измачено дете, и дека кога ќе ја примат, ќе останат среќни засекогаш? Штом ќе ја прифатат, ќе останат среќни засекогаш?
– Не, не можам да ја дозволам – проговори Аљоша“.
Вилијам Џејмс во своето предавање „Моралниот филозоф и моралниот живот“ (1891 г.) ќе рече: „…ако ни беше понудена хипотеза за свет што ги надминува утопиите на господата Фурије, Белами и Морис, во кој милиони луѓе би биле трајно среќни под еден едноставен услов, дека една изгубена душа мора да води живот на осамено мачеништво, на најоддалечениот раб на нештата, што друго би можело веднаш да нè зграпчи, иако би имале порив да ја зграпчиме среќата што ни се нуди така, освен јасното и силно чувство за тоа колку гнасно е уживањето во таква среќа кога таа свесно би се прифатила како плод на таква зделка?“
Расказот „Оние кои заминуваат од Омелас“ на Урсула Ле Гвин, инспириран од Достоевски и Џејмс, првпат е објавен, без вовед, во 1973 г.; првата комплетна верзија (со вовед) е објавена во збирката раскази „Дванаесет четвртини од ветрот“ (англ. „The Wind’s Twelve Quarters“, 1975 г.), додека, пак, поговорот на расказот е објавен во 2016 година. Последниот расказ во збирката е расказот „Денот пред револуцијата“. Насловот на градот Омелас доаѓа од патоказот за градот Сејлем (англ. Salem), главниот град на државата Орегон (САД), прочитан наназад.
Насловот на градот Мејпокс доаѓа од името Скопје прочитано наназад, па потоа е додадена првата буква М. Повеќе од еден човек заминуваат од Мејпокс – насловот на расказот започнува со „оние“, така нова заедница може да се воспостави на друго место. Двете можности: да се остане или да се замине, имаат сериозни недостатоци – ниту тие што остануваат ниту тие што заминуваат не ја избегнуваат одговорноста за она што се случува во подрумот. Одбивањето на оние што заминуваат – да живеат среќно во Мејпокс, не ја разрешува состојбата на страдалникот, а заминувањето не им обезбедува ниту удобност ниту ослободување. Човекот во расказот можеби симболизира Македонец / Македонка или, можеби, ја симболизира Македонија. Избирајте. Дали заминатите треба да сторат нешто повеќе? Дали тие што останале треба да се обединат и да се борат? Замислете дека треба да се гради зградата на македонската судбина, со намера жителите на Македонија да бидат среќни, конечно да имаат мир и спокојство, но, за да се постигне тоа, треба не еден, тука стотина илјадници, милиони Македонци, да страдаат од промената на нивниот идентитетски код, од бришењето на македонскиот идентитет. Ќе го направите ли тоа? Ќе бидете ли вие архитекти на таква Македонија? Бидете искрени, одговорете, но не лажете!