Жестоките напади нема да успеат да ја замолкнат медиумската мисија на „Нова Македонија“

Весникот „Нова Македонија“ сѐ повеќе станува цел на жестоки напади од одредени меѓународни центри, кои дејствуваат од добро разработени платформи за уништување на македонската држава, на нејзината унитарност, за уништување и на државотворноста и националниот идентитет, јазик и историја на македонскиот народ. Нашиот весник е изложен на ваквите напади бидејќи уште од издавањето на својот прв број на 29 октомври во 1944 година во Горно Врановци, тој ја остварува не само својата функција како информативен медиум туку и својата мисија како еден од медиумските и идејни столбови на опстојбата и развојот македонската држава и на
македонскиот народ

Колку повеќе „Нова Македонија“ преку своите објективно втемелени и аргументирани анализи и коментари ја шири македонската вистина дома и преку масовните комуникации и во светот, толку се поагресивни тие меѓународни центри со своите напади кон неа како весник. Како медиум, „Нова Македонија“ во континуитет е изложена на хакерски напади, се вршат електронски упади во содржините на весникот, со цел да се избришат одредени текстови планирани за објавување и се чинат обиди за попречување на техничките планирања на дневните содржини.
Особено за посочување е фактот што од соседните држави дејствуваат организирани тимови, кои имаат оформени и цели обемни досиеја за новинарите на „Нова Македонија“, барем од 2020 година, па наваму, систематски за секој од новинарите, кој што пишувал за „добрососедските договори“ и нивните последици врз македонската нација, јазик, култура и историја, кој како „лажел“, кој со какви „фалсификати“ се занимавал… Но на удар на тие антимакедонски тимови не се само новинарите на „Нова Македонија“ и други медиуми туку и македонски поранешни и сегашни дипломати, публицисти, историчари, универзитетски професори. Се објавуваат потоа на Фејсбук и на одредени интернет-страници памфлети во вид на „историографски статии“ за „вистинската историја на Македонија и македонскиот народ“, а засегнатите македонски интелектуалци се прогласуваат и дури како „идиоти“!
Поодделно кон новинарите на „Нова Македонија“ се упатуваат жестоки навреди од типот „србомански ѓубриња“, „македонисти – фалсификатори на вистинската историја на Македонија“, како дел од широкиот репертоар на тешки навреди и закани, само поради тоа што новинарските дејци од „Нова Македонија“ со своите журналистички активности се борат за македонската идеја, за вистинското поставување и решавање на македонското прашање. Го издвојуваме како посебен „бисер“ тоа што: овие антимакедонски меѓународни центри ги прогласуваат некои од новинарите на „Нова Македонија“ и за „неофашисти“ само поради тоа што пишуваат за Македонија и македонскиот народ вистинито, со факти и аргументи, од македонска гледна точка!
Но секој треба да има на ум, како што не може да се згасне македонската идеја, така нема да биде можно да се замолкнат ниту македонскиот збор и перото на новинарите на „Нова Македонија“. Всушност, нападите врз неа се само стимул повеќе да се продолжи на истиот тој пат, трасиран од 1944 година во Горно Врановци.

Еден од основоположниците на автентичниот македонизам, Крсте Петков Мисирков, покрај својата доминантно лингвистичко-политичка дејност, се занимаваше и со журнализам. Така, во воведната статија со наслов „Од наредилницана“ во првиот број на своето списание „Вардар“ од 1 септември 1903 година (според д-р Боро Мокров, списание, кое е почеток на македонскиот печат во полната смисла на зборот) ќе запише: „Нашиот месечник јет нешчо ново, шчо ќе привлечит внимајн’ето на сите шчо се интересувајет со македонцкото прашајн’е…. на ‘Вардар’ му се паѓат, тој да прегледат свите научни, историјцко-лингвистички прашајн’а за народноста на маќедонците… тој требит да покажит нагледно да јет нашиот јазик самобитен, да тој не јет ни српцки, ни бугарцки… Задатоците на ‘Вардар’ сет до толку големи… шчо задавуват градите, кога помисл’уваме на мачнотијите, со који имат да се стретит ‘Вардар’…“
Исто како и „Вардар“ на Крсте Мисирков пред 122 години така и денес, но и во сите 81 година од своето постоење, весникот „Нова Македонија“ им го привлекува „внимајн’ето на сите шчо се интересувајет со македонцкото прашајн’е“.

„Нова Македонија“ исто како и „Вардар“ на Крсте Мисирков во фокусот на својот македонски журнализам ги има „свите научни, историјцко-лингвистички прашајн’а за народноста на маќедонците… за да покажит нагледно да јет нашиот јазик самобитен“. Ете затоа овој весник им е трн во окото на негаторите на Македонија и на македонскиот народ. Како што му беше запален речиси сиот тираж на Мисирков кога ја испечати својата капитална студија „За македонцките работи“, така тие меѓународни центри би сакале и „Нова Македонија“ да исчезне, за да престане нејзиното влијание врз македонската колективна национална свест.
Но тоа нема да биде можно! „За македонцките работи“ остана неуништлива, беа пронајдени зачувани неколку примероци од испечатениот тираж, останува неуништлива и „Нова Македонија“! Без оглед на „мачнотијите, со који се стретит ‘Нова Македонија’, шчо задавуват градите“, нејзините новинари продолжуваат со своето перо да ја остваруваат мисијата на македонизмот, на информирањето и креирањето на јавното мислење, на одбраната на македонското прашање. Новинарите на „Нова Македонија“ продолжуваат да работат во насока на уште поголемо зацврстување на својот весник во неговата улога не само како професионален медиум туку и како идеен стожер на македонската државност.

Свето Тоевски