Македонското прашање не е затворено, напротив, тоа допрва ќе се отвора! Нема Грција и Грците ниту кој било друг да одлучува дали „македонското прашање“ е „затворено“ или „отворено“, туку во веќе настапената нова меѓународна ера отсега Македонците ќе решаваат сами за себе, за својот идентитет, јазик и историја, за својот живот и опстој! Ова тоа е што има да му се порача како одговор на грчкото министерство за надворешни работи, кое реагираше кон изјавата на премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, дека таа „претставува провокација за Грција и обид да го врати во преден план прашањето што е решено крајно и неотповикливо“.
Дали зад обидите за делење „добрососедско-преспански лекции“ од јужниот сосед се крие уплав да не ја крене Македонија главата?!
Што се „обидел“ македонскиот премиер „да врати во преден план“, што е тоа што „било решено крајно и неотповикливо“? За време на своето обраќање пред претставниците на македонското иселеништво во Њу Џерси, САД, зборувајќи за борбата на македонскиот народ за подобар живот и иднина, Мицкоски само ја кажа највистинитата вистина дека „македонското прашање не е решено“ и оти „тоа сѐ уште тлее“.
– Таа борба на еден од најмалобројните народи во Европа, македонскиот народ, не е доволна. Ќе треба да победуваме, и тука во Вашингтон, и во Њујорк, и во Брисел, и во Берлин, и во Лондон, и во Париз, и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено. Тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои – рече Мицкоски во Њу Џерси.
„Натамошниот напредок во заемните односи на Грција со Македонија, како и непреченото продолжување на европскиот пат на нејзиниот сосед предвидува целосно почитување на Договорот од Преспа и воздржување од иредентистички изјави и претензии кон соседните земји“, реагираше Министерството за надворешни работи на јужниот сосед на Република Македонија.
Грција претходно се обиде да ѝ дели „добрососедско-преспански лекции“ и на претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, откако таа избегна да даде заклетва како шеф на државата со „франкенштајнското уставно име“ „С. Македонија“ и го употреби милениумското име на својата татковина – Македонија.
Реалниот „македонски моментум“ наспроти фантомскиот „европски моментум“ на Рокас, „еврочуварот“ на Преспанскиот договор, „маскиран“ како евроамбасадор
Паралелно со обидите на официјална Атина да ѝ ги „тегне“ „преспанските уши“ на Република Македонија, и Михалис Рокас, упорниот „еврочувар“ на Преспанскиот договор, „маскиран“ во евроамбасадорска „рува“, „шпарта“ низ Македонија и се расфрла со фантомските „европски моментуми“ за отворање на преговорите со ЕУ – само за да се внесат Бугарите во Уставот. Но, сепак, овој евроамбасадор треба да ја крене „рачната сопирачка“: многу е провидно дека тој бере гајле не толку за „македонските евроинтеграции“, колку за тоа да не ја скрши македонскиот народ „преспанската пештера“, во која Грција му ги фрли во дебели пранги македонскиот идентитет, јазик и античкомакедонскиот дел од македонската национална историја, вклучувајќи го и сето античкомакедонско духовно и културно наследство.
Грчкото министерство за надворешни работи и Рокас, „грчко-европскиот чувар“ на „преспанската тапија“ на името Македонија треба да имаат предвид дека доаѓа времето за „македонскиот моментум“! Доказ за тоа? Грција стана столб на јужното крило на НАТО и „испостави“ во 2018 година „преспанска фактура“ за тоа до меѓународната заедница и САД, а таа „фактура“ ја плати македонскиот народ со својот идентитет и име.
Сега во настапената „ера на Трамп“ новиот претседател на САД и „уривач на глобалниот светски поредок“ порача јасно и гласно: „Не сум сигурен дека воопшто треба да трошиме нешто за НАТО!“ Уште појасно кажано, ем преведено на македонски, а не на „северномакедонски јазик“, тоа значи: ѝ паѓа „меѓународната цена“ на Грција од аспект на трансатлантските односи, иако без никакво сомневање и без никакво самозалажување таа ќе си остане сериозен балкански „политички играч“.
На Македонија ѝ се отвора сѐ поширок геополитички, маневарски и секаков друг простор да почне со она што го кажа премиерот Мицкоски: да добие „македонското прашање своја конечна разврска“, „да биде конечно решено по тлеењето со векови“. Но самите Македонци ќе треба да ја добијат битката за името Македонија и за вистинското и достоинствено решение на „македонското прашање“ преку мирно и навистина добрососедско сопостоење во Балканот, ако е воопшто можно тоа.
Пораката на Мисирков уште од 1925 година до светот и човештвото „да не бидат Македонците продавани и раздавани како добиток“
Овде е потребно да потсетиме на вонвременски актуелните ставови на еден од основоположниците на автентичниот македонизам Крсте Петков Мисирков, кој во својата статија, објавена на 3 март 1924 година во софискиот весник „Мир“, ги повикал „светот и културното човештво дека треба да бидат повнимателни кон Македонците, да не ги продаваат и да не ги раздаваат без да водат сметка за нивните чувства и желби“.
„Ние, Македонците, не му сакаме несреќа на човештвото, но истовремено би сакале и културното човештво да биде повнимателно спрема нашите човечки барања – да ни се даде право за национално самоуправување, зашто и ние сме луѓе, а не добиток, што го продаваат и го раздаваат без да водат сметка за неговите чувства и желби“. Како да знаел визионерски настроениот Мисирков дека 94 години по оваа негова статија, во 2018 година македонскиот народ ќе биде „продаден и раздаден“ како преспански добиток“ со „Договорот“ во Нивици!
Во март 1925 година, во истиот весник „Мир“, Мисирков ќе објави уште две статии, кои ќе мора да им бидат на Македонците, на ова денешно македонско поколение, светилник во претстојната внатрешна и меѓународна активност за бришење на Преспанскиот договор и за враќање на името Македонија и сѐ што е одземено со предзнакот „македонски“.
„Само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и… и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи“, имаше нагласено пред сто години Мисирков.
Северна Македонија“, „северномакедонска нација“, „северномакедонски јазик“ мора да бидат елиминирани, по секоја цена, без никакви колебања
Ништо различно од Мисирков во 1925 година не кажа и македонскиот премиер Мицкоски во Њу Џерси, САД, во овој јануари 2025 година, најавувајќи серија активности во светските метрополи „да бидат прашани и Македонците за сите прашања“ што „ги засегаат и нив“ како народ.
– Ќе треба да победуваме, и тука во Вашингтон, и во Њујорк, и во Брисел, и во Берлин, и во Лондон, и во Париз, и во Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено – нагласи претседателот на Владата на Македонија, Мицкоски.
Но официјална Атина оваа изјава на Мицкоски ја разбра како „иредентистичка и како претензии кон соседните земји“. Зошто? Затоа што Преспанскиот договор е поправо Букурешки договор 2, осмислен како продолжение на Букурешкиот договор од 1913 година, со кој етнојазичната територија на Македонија, на македонскиот народ беше распарчена и најголемиот, егејскиот дел го заграби Грција. Преспанскиот договор беше „потребен“ за да се доврши „незавршената работа“: да се оправда одземањето на Егејска Македонија, но овој пат да се одземе и најважното – името Македонија, а македонскиот народ да се доведе во ситуација „македонското прашање“ да биде „конечно и неотповикливо затворено“ преку негово бришење од светската мапа на народи како Македонци.
Да завршиме: македонскиот премиер веќе ги направи во САД првите два чекора во насока на отворање и постапно целосно и правично решавање на „македонското прашање“. Сега претстои создавање домашна меѓународна клима за возобновување на Република Македонија и за фрлање на „северна“ и Преспанскиот договор на ѓубриштето на историјата. Да нема никакви самозалажувања: ова ќе биде макотрпна и долготрајна борба, но ова македонско поколение како што ја добило Македонија како Македонија од претходните македонски поколенија ќе мора како таква да му ја предаде и на поколението што доаѓа. „Северна Македонија“, „северномакедонска нација“, „северномакедонски јазик“ мора да бидат елиминирани, по секоја цена, без никакви колебања.
Свето Тоевски