Второто доаѓање

Кога пред дваесетина години сè уште функционираше Европскиот мировен универзитет до австриското гратче Штадшлајнинг, имав блиски разговори со студенти од целиот свет. Најинтересни беа оние што доаѓаа од САД. Ми приоѓаа со прашање: Како можеме најдобро да работиме за мир во светот? Со горчлива насмевка им одговарав: „Ве молам, ве преколнувам, работете на демократијата дома! Внимавајте кого избирате за претседател, бидејќи таа личност одлучува за живот и смрт низ светот. Јас и сите други немаме гласачко право, а вашиот претседател има поголем моќ да влијае на нашите животи отколку од нас избраните политичари“. Да ме прашаше некој како замислувам американски претседател што нема да е милитантен и нема да се квалификува за воен злосторник, тоа никако немаше да одговара на профилот на Доналд Трамп. И тоа по вторпат во Белата куќа… Признавам дека своевремено и јас бев во искушение од шармот и елоквенцијата на Обама, но разумот преовладеа и додека сите беа во еуфорија (вклучувајќи и во Македонија), јас напишав колумна за лажната надеж наречена Обама.
Феноменот Трамп 2.0 е предмет на многу анализи. Фактите зборуваат за човек што не само што е дел на олигархијата туку е и лице осудено дури за 34 кривични дела (за што изостана казна!?), непредвидлив, бигот, понекогаш дури и трагикомичен… Но, од друга страна, тој ќе остане запаметен како некој што го одржа ветувањето дадено уште пред официјалната инаугурација: деновиве беше постигнат и договор за примирје во Газа! Тоа досега беше прикажувано како невозможна мисија и, се разбира, најчесто Хамас беше обвинуван за неуспешните обиди. Сега, дури и оние што не го сакаат, признаваат дека е ова значајно постигнување и барем почетен чекор кон запирање на геноцидот. Но и доказ за соучесништвото на американската власт во геноцидот. Брилијантни новинари и аналитичари му даваат шанса. Така, во својата анализа Сејмор Хирш вели дека еден претседателски мандат не смее да се оценува според „корицата“, т.е. надворешната појавност на претседателот и очекувањата. Како примери ги посочува Кенеди и Трамп.
Горчлива е тезата дека Трамп е „спасителот“, оној што треба да ја оправи (банкротираната) американска држава, но и светот доведен пред раб на цивилизациска пропаст. За неговиот втор мандат (по прекин од четири години, нешто што се нема случено во американската политичка историја), мнозина метафорично ја користат фразата на „второ доаѓање“. Се разбира, таа ја има онаа религиска конотација на второто доаѓање на Исус. Според верското разбирање, при второто доаѓање Исус ќе биде Кралот што освојува, а не страда; тој треба да дојде со цели армии од небото покрај себе.

Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа често се наметнува имплицитно и Јејтсовата алегорија од поемата „Второто доаѓање“. Алузијата на оваа поема, која зборува за апокалипсата во мрачната и песимистична атмосфера во поствоената Европа, како да одекнува со републиканските наративи што го издигнаа Трамп до историски мандат, особено поради двојниот легитимитет добиен и во електорскиот колеџ и во народниот глас. Наративот дека е ова последната шанса на Америка да ја спаси државата од „woke“ идеологиите и социоекономската криза. И за време на кампањата, Трамп го поттикна ваквиот имиџ, велејќи: „Многумина ми рекоа дека Бог ми го поштедил животот со причина, а таа причина била да ја спасам нашата земја и да ја вратам Америка кон нејзината величина“.
Интересно е што мнозина веруваат дека тој ќе ја спаси не само Америка туку и светот. Бертолд Брехт велеше тешко на онаа земја на која ѝ се потребни херои, а јас ќе додадам: тешко на оној свет што треба да биде спасуван. И тоа од ликови како Трамп… На чекор од почетокот на неговиот мандат добро е да се потсетиме дека (ќе) имаме работа со непредвидлив човек и со претседател што не понуди визија и програма за својот мандат (кој му е и последен, нели?). Мнозина не би сакале да прогнозираат што може да направи овој човек, затоа што е ератичен, неконзистентен, а своите „политики“ ги промовира на прес-конференции на кои користи необична реторика. Да се потсетиме дека уште за време на првиот мандат испраќаше пораки за уништување на Северна Кореја, и тоа од зградата на ООН. Уште тогаш знаевме дека тоа е кршење на членот 2 став 4 од Повелбата на ООН. Сега, додека на една страна работел на постигнување прекин на огнот во Газа, изрази отворени територијални претензии кон други држави, а најмалку две од нив се членки на НАТО т.е. сојузници. Нашироко се анализираат потезите што навестуваат интервенција во Венецуела, а и многу веројатно помагање да се распарчи Сирија (дел ќе му припадне на Голем Израел) и отворање воен фронт со Иран. Војната со Кина е нешто што е планирано во главите на сите во американскиот естаблишмент, па дури и почитуваниот Мершајмер долева масло на огнот кога (засега) економската војна со Кина ја оправдува како „логична“, во согласност со неговите теориски сфаќања од неореализмот. Простете што во Трамп не гледам спас ни за Американците ни за светот.

Прво, се чини дека Трамп не е свесен колку е светот променет од времето кога тој седеше во Белата куќа. Дури и мировниот план на неговиот специјален пратеник Келог се заснова на погрешно уверување дека САД имаат надмоќ над Русија по украинското прашање. (Кога се споменува името Келог, првата асоцијација ми е на историски познатиот Бријан-Келогов (или Келогов) пакт или Париски пакт од 1928 година, чие службено име било Општ договор за одрекување од војната како инструмент на националната политика. Склучен надвор од Лигата на народите, носејќи ги имињата на тогашниот француски министер за надворешни работи Аристид Бријан и државниот секретар на САД, Франк Келог, пактот бил очајнички обид да се спречи Втората светска војна.)
Да заклучам, држава и општество што се зависници од војување, кои живеат и профитираат од воено-индустриски комплекс, не можат да бидат промотори на глобален мир и соработка додека не се подложат на внатрешна рехабилитација. Дури и најголемите оптимисти веќе знаат дека примирјето во Газа е повеќе инаугурациски подарок за Трамп, кој ќе може да се појави со лавров венец и ореал на миротворец. На Палестинците временски ограничен геноцид им се нуди како работа за која треба да се среќни.
Трамп ниту е од Бога пратен, ниту е мировник (а за жал, мнозина и знаат што е негативен, а што позитивен мир). Тој е морбиден симптом на една темна ера на хиперимперијализам, кој нема да избира средства за да ги оствари своите „национални интереси“ што се протегаат од Арктикот до Австралија. Оваа болна држава не умее да создаде општествен договор и поттикне барем елементи на социјална држава (држава на благосостојба), еве барем во здравството и образованието.
Трамп не е обединител, иако има легитимитет – кој ќе се стопи како топка снег среде лето. Многу скоро… Власта е (процедурално) стекната на демократски начин, но кабинетот е полн со јастреби и олигарси. Улогата на Илон Маск посебно ќе се изучува како нов чекор кон конечниот колапс на Империјата, која се претвора во приватен ентерпрајз, во апарат во кој богаташите можат да си купат политички функции, па дури и да ја изнајмат приватната резиденција на американскиот претседател. Таквата политика нема ништо заедничко со демократијата. И не заборавајте: волкот го менува крзното, но не и наравот. Америка останува Америка – која сега веќе не може да владее сама, а не е способна да прифати да биде „обична нација“ како другите и да се откаже од својата „посебност“ (ексепшанализам, од Бога дадена).
Од друга страна, слушајќи го новиот генерален секретар на НАТО (ако мислевме дека полош од Столтенберг не може да има, сега гледаме дека може!), европските партнери (со неколку исклучоци што се спротивставуваат) се подготвуваат за војна. Руте бара и воен „мајндсет“ (начин на размислување), а зголемувањето на воените издатоци и војувањето со Русија се високо на неговата агенда. Ние, Македонците, ја имаме таа горчлива привилегија ова да го слушнеме од македонската богаташка Радмила Шеќеринска, позната како Марија Антоанета. Живее според своето име, па од најсиромашната држава во Европа бара повеќе за оружје отколку за леб.