Фото: „Нова Македонија“

Васко Костов од Скопје и в недела, исто како и претходните петнаесетина години (учествува секоја година, освен кога бил оневозможен поради здравствени причини), ќе скокне, во друштво на својот син Кристијан Костов (кој се фрла единаесет години), во ладните и осветени води на реката Вардар, крај црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во центарот на Скопје. Скокаме од религиозни причини, имаме благодат што ја продолжуваме оваа долга и прекрасна православна христијанска традиција. Најважно е што со скокањето и пливањето по крстот се доближуваме до Бога, а со тоа се доближуваме до божјата милост, љубов, спас, заштита, успех, мир, спокојство, благодат и благослов, ни појаснува Васко Костов во разговор за „Нова Македонија“

На 19 јануари, Македонската православна црква-Охридска архиепископија го слави празникот Богојавление (Водици), еден од дванаесетте големи христијански празници. Тоа е денот кога бил крстен Исус Христос. Низ Македонија секоја година свештенослужители го фрлаат светиот крст по кој пливаат, за да го фатат, голем број верници.
Еден од нив е и Васко Костов (има 57 години) од Скопје, кој и в недела, исто како и претходните петнаесеттина години (се фрлал секоја година, освен понекогаш – поради здравствени причини), ќе скокне, во друштво на својот син Кристијан Костов (кој учествува единаесет години), во ладните и осветени води на реката Вардар, крај црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во центарот на Скопје.
– Скокаме заедно со друштво, и помлади и повозрасни од населбата. Неколку дена се подготвуваме за скокањето и пливањето. Вежбаме дома и надвор, со маици во кратки ракави, помагаме во гореспоменатата црква во подготовката за она што му следува (маици, чаеви, кремови, бањарки, крст…) на секој верник што учествува во скокањето по крстот, а која помош традиционално ја обезбедуваат спонзори… – ни вели Васко Костов.
Тој се потсетува на почетоците. Најпрво скокале кај Камен мост. Подоцна, откако се пуштила во употреба црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, се префрлиле до неа, односно кај мостот што е до хотелот „Холидеј ин“, во центарот на Скопје. Го замоливме Костов да ни ги долови мотивите за скокањето и пливањето по светиот крст.
– Јас, верувам и сите други верници што скокаат низ Македонија, скокам и пливам од љубов, почит и респект кон Бога, сѐ во негова чест, немам никакви други намери. Немам мисли за интерес ниту материјални придобивки од скокањето. Скокам од религиозни причини, имам благодат што ја продолжувам оваа долга и прекрасна православна христијанска традиција. Најважно е што, со скокањето и пливањето по крстот, се доближуваме до Бога, а со тоа се доближуваме до божјата милост, љубов, спас, заштита, успех, мир, спокојство, благодат и благослов – ни појаснува Васко Костов.
При секое скокање и пливање по крстот, Васко ги има истите фантастични и големи чувства: среќен е, радосен, исполнет, мирен, спокоен, благословен. Не му е студено ниту некогаш се разболел од пливањето по ладни временски услови. Особено е среќен што при скокањето создал многу пријателства и другарства што ги одржува.
– Прво одиме во споменатата црква, облечени достоинствено и како што прилега, уживаме во светата литургија, се причестуваме, се напиваме света вода, нѐ миропомазуваат и благословуваат, по што се симнуваме крај реката и по кратки маици и шорцеви го чекаме прекрасниот момент кога светиот крст ќе биде фрлен во осветените води. Задоволството е уште поголемо што имавме благодат крстот да го фрла неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Потоа, обично тука сме помеѓу 150 и 200 скокачи и сите имаме исти шанси, пливаме по крстот. Кој и да го фати крстот, а тоа зависи од среќата и од Бога, убеден сум дека сите сме – духовно и психички – среќни и со очистена душа (штом е здрава душата, оздравува и телото), го бакнуваме крстот, му честитаме на победникот и таму славиме, а неретко ги продолжуваме славењето и дружењето во пригоден амбиент – ни објаснува Костов.
Нашиот соговорник ни одговори и сѐ потсети на корените на неговата љубов кон верата.

– Мојата баба, која почина на 104 години, Славка Костадиновска, ме внесе во христијанството. Секоја недела одеше на литургија и пееше во црковен хор. Таа ме запозна со православната христијанска вера и ми всади љубов кон нашиот спасител, Господ Исус Христос. Ме запозна и ми ги остави во аманет црковните книги, иконите, крстот, христијанството. Така почнав да ги читам Библијата, Светото старо писмо, светите книги, четирите евангелија за светите апостоли (Матеј, Марко, Лука и Јован Богослов) и Новиот завет – посочува Васко во разговорот за „Нова Македонија“.
Семејството на Костов, пред неколку дена, во вторникот, ја одбележа својата неколкувековна слава и традиција – Свети Василиј Велики (Василица). За да се продолжи семејната неколкувековна традиција, во секоја генерација од нивното семејно стебло некој добива име (Васко, Васе, Васил, Василиј, Васо…) што потекнува од името Василиј.
– Покрај Божиќ и Велигден, ги славиме и сите други православни христијански празници, кои најмногу ги има во јануари (Свети Наум Охридски, Обрезование Господово – Василиј Велики, Стефан, Давид, Гаврил Велички, Јован, Гаврил Лесновски, Антониј Велики, Атанасиј Велики…). На Василица вртиме паричка, се дружиме семејно, дочекуваме гости, го молиме Свети Василиј Велики (тој е еден од најголемите христијански светци и еден од столбовите на православното христијанство) да нѐ застапи пред Бога и да се моли за нас и за наше здравје, добро, среќа, бериќет, добрина, ум, безбедност, благодат и благослов – го завршува Костов разговорот за „Нова Македонија“.

Живко Здравкоски


Љубов и голема срдечност кон луѓето Костов практикува и во својата професија

Својата љубов и голема срдечност кон луѓето Васко Костов ги практикува и во својата професија, во која работи како аптекар. Тој годинава одбележува голем јубилеј – 35 години во професијата, при што мошне е стручен, услужлив, љубезен… А на огромен број граѓани им е и семеен аптекар. Ж.З.