Културата и светот на уметноста се наоѓаат на работ на трансформација, поттикната од технолошкиот напредок, социополитичките промени и променливата економска динамика. Глобалните кризи како климатските промени, политичките превирања и социјалните немири сѐ повеќе се рефлектираат и во уметноста и културата. Како на ваквите предизвици и промени одговараат македонските уметници и творци? Кај нас, се чини жените подобро се снаоѓаат во новите трендови. Неколку наши авторки, претставувајќи се на важни светски настани во изминатата година, го потврдуваат тоа
Каква е иднината на уметноста? Новите трендови како вештачка интелигенција, одржливост и политичка ангажираност ќе ги обележат културата и светот на уметноста, кои се наоѓаат на работ на трансформација, поттикната од технолошкиот напредок, социополитичките промени и променливата економска динамика. Постојат неколку клучни трендови, предизвици и можности, кои ќе ја дефинираат иднината на уметноста, а светските експерти велат дека уметноста ќе биде особено обележана со зголемено чувство на политичка итност. Глобалните кризи како климатските промени, политичките превирања и социјалните немири сѐ повеќе се рефлектираат и во уметноста и културата. Дури и кога уметниците немаат намера да се занимаваат со овие прашања, нивните дела честопати стануваат проткаени со теми на отпор, активизам и желба да им се спротивстават на структурите на моќ. Овој тренд укажува на иднината каде што уметноста не само што ги коментира светските предизвици туку активно се стреми да влијае на промените. Една од најзначајните промени во светот на уметноста е и зголемениот фокус на одржливоста. Изложбите од големи размери што се занимаваат со животната средина и горливите еколошки прашања се во фокус. Нов фокус е ставен и на инклузивноста и застапеноста, кои остануваат критични прашања и во 2025 година. Расте динамиката за ставање во центарот на вниманието на недоволно застапените гласови.
А како на ваквите предизвици и промени одговараат македонските уметници и творци? Кај нас, се чини жените подобро се снајдоа во новите трендови. Неколку примери на наши авторки, претставувајќи се на важни светски настани во изминатата година, го потврдуваат тоа.
„Ако сакаш да ја разбереш културата, слушај ги приказните, ама ако сакаш да ја промениш културата, смени ги приказните“, вака модераторката на ексклузивниот настан „Лајтс камера импакт“ во рамките на престижниот Филмски фестивал во Венеција ја најави нашата филмска режисерка Тамара Котевска, која беше првиот автор од државава што беше поканет да одржи говор на овој настан за филмовите што имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена. Таа притоа официјално ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм на темата бегалци со наслов „Патешествието“.
Фестивалот секоја година кани три светски реномирани автори чие творештво има потенцијал да влијае на општеството и да ја менува свеста на луѓето за одредени важни социјални теми.
Во Музејот на модерната уметност во Њујорк (МоМА) лани во рамките на престижна програма „Док фортнајт“, еден од само тринаесетте селектирани долгометражни филмови беше „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова. Низ ова издание на фестивалот, кураторите на филмот вклучуваат автори и авторки што низ своите дела се соочуваат со историите на насилство и империјализам, разоткривајќи го нивниот одек во сегашноста преку креативна реанимација на историски и заборавени архиви. Ова беше прв филм во македонска копродукција прикажан во официјалната селекција за нефикција на МоМА. „Молкот на разумот“ е форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото.
Кон крајот на минатата година, за женското присуство во балканското мачо-општество во своето емотивно обраќање проговори и нашата Лабина Митевска, при врачувањето на наградата за меѓународни копродукции на „Еуроимаж“ во Луцерн, Швајцарија, пред преполната сала со некои од најзначајните имиња во светот на филмот. Нејзината возбуда очигледно ја почувствуваа и присутните во салата, меѓу кои беше и славниот Вим Вендерс, еден од најголемите режисери на денешницата, актерката Жилиет Бинош, извонредната Изабела Роселини, Ралф Фајнс и многу други ѕвезди од европската и светската филмска индустрија…
Овие авторки со своите дела покажаа дека уметноста има влијание и на глобално ниво, дека има потенцијал да направи промена. Ваквите успеси од светски рамки се пример дека и Македонија има автори чии дела се занимаваат со актуелни, горливи теми, автори што успеваат на некој начин да влијаат на општеството, да го направат подобро место за живеење. Иднината на уметноста е сложена интеракција на оптимизам и анксиозност. Додека одржливоста, дигиталните иновации и инклузивноста предизвикуваат позитивни промени, економската несигурност и жестоката конкуренција претставуваат вистински предизвици. Нашата отпорност ќе зависи од способноста на нашите творци да се приспособат на овие променливи сили додека ја зачувуваат основната улога на уметноста како огледало и критичар на општеството.