Идиот. Идиотизам. Корисен идиот (1)

Идиот, идиотизам, корисен идиот. Оваа тема-феномен, драг читателу, е уште од античко време. Таа е par excellence метафизичка и протејска во своите метафизички варијации дури и кога изгледа дека тие се резултат на некоја внатрешна дијалектика условена од општествените ситуации. Онака како што би го дефинирал тоа и Џон Лок.
Поимот идиот како психодијагноза означува човек со скусена свест, малоумен. Но дијагнозата застанува тука. Неа не ја интересира пошироко овој феномен од филозофски, социолошки и антрополoшки аспект. Идиот е грчки збор, на кој сепак Старите Грци му давале пошироко значење од неговиот гол психолoшки факт. Според нив тоа е човек од пониските слоеви, кој не е упатен во државните работи и не учествува во нив. Со еден збор асоцијален и, следствено на тоа, бидејќи не го бива за политика и државни работи, сметан е за малоумен. Идиот. Интересно, оти по аналогија на таквиот старогрчки поглед на работите и денес ништо од тоа не е променето, со таа разлика што е сè маскирано со целофанот на демократијата што е лажна. Да, оти како што гледаме и во политиката имаме луѓе со стеснета свест и кусок на ум, како што можевме да го видиме тоа и кај нас во владите што се менуваа од „осамостојувањето“ до денес. А тоа го гледаме и во бриселска ЕУ, каде што исто така има политичари со мал и за’рѓан ум без длабинска интелигенција и моќ за визија, нешта што го легитимираат духот на вистинскиот политичар. Значи и највисоката политика не е лишена од идиоти и идиотизам, штетни по цел еден или по повеќе народи, кои се политички диригирани од еден врховен центар каков што е тоа за европските држави Брисел. Македонците, но и преостанатите народи од политексперименталниот Западен Балкан, добро го знаат тоа. Интелигентни, тие можат да го препознаат политидиотизмот што го трпат и во врвот во Брисел (ЕУ), но и во сопствената средина меѓу многу свои политичари, кои ние, драг читателу, сега ги подведуваме под синтагмата корисни идиоти. Нив во овој есеј ќе ги почестиме со посебно внимание.
Може слободно да кажеме дека психодијагнозата идиот е, како што веќе и рековме, површна. Таа се сведува на поимот малоумност и толку. Тука и завршува. Психологијата, односно психијатриската медицина не си ја чука многу главата околу тој феномен, а ни филозофијата и филозофите. Барем јас не сум го сретнал него како посеопфатна тема кај нив, па, според тоа, ни идиотизмот како негов производ. А, парадоксално, идиотот и идиотизмот не се изгледа многу интересни и за психоанализата. И Фројд и Јунг и Адлер од психоаналитичка и психијатриска гледна точка, многу повеќе од нив, ги интересира феноменот на психопатологијата и лудилото кај психопатите и лудите. Но ним на таа тема сериозно им конкурира, па дури и ги надминува во толкувањето на тие феномени, литературата, која, како и психоанализата, ја истражува патологијата на умот и душата. Особено некои писатели, како што се тоа, на пример, Гогољ, Достоевски и Чехов кај Русите, стигнуваат да ѕирнат и да ги опишат, како океански нуркачи, и најскриените темни длабочини на таа патологија.
Дури кај нив е и многу појасно од психолозите опцртана разликата меѓу поимите идиот, психопат и луд, а следствено на тоа и разликата меѓу идиотизмот, психопатството и лудилото, кои сепак неретко се прелеваат и мешаат едно со друго во комплексна синтеза на психопатолошка слика на душата и умот. Таквата слика особено можеме да ја видиме кај некои ликови во делото на Достоевски. Во некои дела, пак, кај некои писатели таа слика е толку фасцинантно развиена, што се чини дека и самата инспирација кај нив е par excellence на некој начин психопатолошка и е присутна со несмален интензитет од првата до последната реченица на творбата. Сите ликови тука без отстапка до еден се идиоти и психопати и како такви perpetuum mobile го полнат делото со атмосфера на идиотизам во која нема прозорец за поглед надвор ни врата за излез на свеж воздух и осветлен хоризонт.
Такви се од почетокот до крајот атмосферата и ликовите во „Мртви души“ на Гогољ. Тие сите до еден, Собакевич, Ноздрјов, Пљушкин и Коробачка, се до совршенство идиоти, како такви архетипски претставници и на затантената руска провинција, или поарно на царска Русија како запустено и прекриено со пајажина место. Во романот на генијалниот руски писател сè е идиотско и идиотизмот е како поплава во која тоне сè под неа. Сите нешта со кои се опкружени главните ликови исто така имаат идиотски карактер. Така, на пример, секој предмет од собата на Собакевич (шифоњерот, фотелјата, столовите и сè друго) ја истакнува својата несмасност и гласно вели „И јас сум Собакевич“. Кога го прочитал Пушкин Гогољевиот роман паднал во тешка меланхолија, магнетизиран од катастрофичната атмосфера на идиотизмот во него, и болно крикнал: „Боже, колку е жална нашата Русија“. А не дека и тој, но не толку силно како Гогољ, ја имал почувствувано таа атмосфера како провинциска слика на царска Русија. Неа тој ја дава, на пример, маестрално и само во едно четиристишие во „Евгениј Онегин“, кое гласи: „Патиштата се кај нас кални / и секој мост е тука гнил, но дал на станица ти сношти / од болви спокоен си бил“ (препев на Г. Сталев).

Така, драг читателу, а кога ќе се потсетам на Пушкиновиот крик за „жална Русија“ како еден на Гогољевите „Мртви души“, мене сакал-нејќел ми избива на усните крикот „Боже, колку е жална нашата Македонија“, имајќи ги предвид идиотите и идиотизмот што виреат како бактерии кај нас денес, а за кои сè уште ни ние ни оние од Брисел, кои исто така не се имуни на идиотизмот, немаме пронајдено спасоносна вакцина. Но малку повеќе за тоа во вториот дел од нашиот есеј. Сега за уште едно експресивно дело на модерната литература, кое на еден херметички, шифриран начин коинцидира со ремек-делото на Гогољ, едно столетие по него. Тоа е веројатно, барем според мене, најекспресивниот за човековата судбина роман на дваесеттиот век, кој исто така е преполн до задушливост со атмосферата на идиотизмот, романот „Процес“ на банкарскиот службеник Франц Кафка. Во него главниот лик Јозеф К., според мене алтер его на писателот, е осуден без да знае како и зошто и е влечен со денови и месеци низ судските ходници од некои метафизички идиоти, судии без лица, за на крајот да дотурка до крајот на животот. Без да ја знае пресудата, заклан е од двајца со месарски ножеви кај каменоломот во близината на метафизичката судница. И во романот на Кафка, како и во романот на Гогољ, е укинат хоризонтот за поглед подалеку од линијата поставена од идиотите и идиотизмот пред затемнетиот прозорец на умот и душата. И ако по аналогија идиотите и идиотизмот од делото на Гогољ лесно можеме да ги препознаеме и кај нас, тоа е за една добра нијанса малку потешко со делото на Кафка. Но и тука на длабокиот читател и толкувач на шифри нема да му биде многу тешко по аналогија да пронајде слична идиотска ситуација и идиоти кај нас. Така, во таа аналошка рамка, драг читателу, без секакво сомнение лесно може да се вглоби случајот на осудените невини од 27 април како еден вид групен портрет на Кафкиниот Јозеф К. и судијките што ги судат нив Рускоска и Кацарска. Тие кај нас се отелотворение на неидентификуваните метафизички судии во „Процес“ на Кафка, и тоа значи дека неговата шифра на злото е протејски жилава и беспрекорно функционира.
De profundis. Мандељштам, драг читателу, велеше дека љубовта е таа што ги движи морињата и ѕвездите. Веројатно тој тука само се надоврза рефренски на неговиот идол Данте Алигиери, кој ја имаше истата формула за вселената и човекот. Емпедокле, пак, повеќе поет отколку филозоф (кој и своите филозофски трактати ги пишуваше во поетска форма), кон љубовта во космичкиот енергетски ритам ја придодаваше и омразата. Тој така авангардно пред модерната физика ја дефинира концепцијата на спротивностите (јин и јанг кај Кинезите) врз чија основа функционира не само материјалниот (вселената и материјата) туку и духовниот и емотивниот свет на човекот: материја и антиматерија, плус и минус што даваат струја. Кон филозофскиот и поетскиот, интуитивно и со научен поттекст концепт на Емпедокле е речиси истоветен, ако длабински го читаме, и филозофскиот концепт на Шекспир. Неговиот „Отело“ и не е ништо друго освен негово генијално отелотворување. А како што видовме понапред на важната тема на егзистенцијата, на сè дава свој неодминлив прилог во „Процес“ и Кафка, со таа разлика што кај него елементите на љубовта и омразата како супстанции на човековата душа се слеале во елементот рамнодушност со кој главно оперира судбинaта.

Во неговиот роман е развиена идејата за безграничниот идиотизам кај човечките суштества во отсуство на бог, кога, како што вели Достоевски, „сè е дозволено“. Без бог, кого Спиноза го дефинира со поимот суштина, основната супстанција на нашата душа, се разбира, во рамките на нашата тема во овој есеј, драг читателу, му се широко отворени вратите и на идиотизмот што владее во сите сфери во светот денес, а негови промотори, како што најавивме и во насловот на есејот, се имено идиотите, од секаков вид, и посебно меѓу нив корисните идиоти како sui generis политсорта кои произведуваат најмногу смут и зло. Потонати во безбожништво и далеку од супстанцијата суштина за која зборува Спиноза, тие произведуваат исто така и енормна количина на глупост, феноменот што го натера и Крлежа да се занимава со него, прогласувајќи го како неизбришлив во човековиот ум за метафизички факт. Итн.
Но сега да го разглобиме малку поимот идиот, кој како и многу други поими и симболи е амбивалентен. Притоа мислиме на фактот дека од една страна тука е неговото реално, а од друга неговото фигуративно значење. Првиот, реалниот тип веќе ни е познат и препознатлив, но вториот, фигуративниот е шифра. Неа можеме да ја најдеме во народните приказни, преданија и поговорки. Кај Цепенков. Но сега ние ќе се задржиме на Достоевски, кој таа шифра генијално ни ја демонстрира и раскрива во неговиот роман со директно сугестивен наслов во таа смисла „Идиот“. Тој фигуративното значење на поимот идиот маестрално како шифра го растајнува преку главниот лик на својот роман, кнезот Мишкин, кого околината, имено, го смета за идиот поради неговата бескрајна добрина. Таа неа ја смета, бидејќи не може да ја сфати, за наивност и бескорисна за животот во кој владеат поинакви принципи за егзистенција и во кој суровоста и лукавоста ги заменуваат нежноста, љубовта и искреноста. Во таквиот свет кнез Мишкин стрчи, не се вклопува и е означен, макар и фигуративно, како идиот во значењето наивен до малоумност. Со тоа Достоевски едноставно сакал да каже дека добрината и љубовта му се туѓи на суровиот свет. Тоа може уште поубаво да се разбере кога ќе се сфати дека неговиот главен лик во „Идиот“, имено, е портретиран според ликот на Исус Христос. Едноставно, тој е христолик од петици до глава и, парадоксално, токму затоа тој и не е сфатен од средината, како што не бил сфатен и самиот Христос, и е прогласен за идиот. Така е тоа, и камо среќа, драг читателу, кај нас во жална Македонија да се идиотите како кнез Мишкин идиоти, особено оние во политиката, кои нас посебно нè интересираат во овој есеј, но не се. Ни еден таков меѓу нив не се наоѓа. Тие никогаш не го сфатиле еволуцискиот императив за раст на Свети Климент Охридски за искачување на човекот од анималното кон ангелското. Напротив. Тие, како и во романот на рускиот гениј, само ги гледаат скришно и кукавички во себе за идиоти христоликите, мислејќи ги за наивни додека си ги покачуваат платите за 78 проценти за да си го доздебелат газот, а на пролетаријатот на пензионерите се ценкаат со 5 отсто без да ги имаат основните чувства според кои Господ ги препознава чесните: чувството на срам и грев, на кои им обрнале сериозно внимание уште нашите прародители Адам и Ева додека слегувале по скалите на болката од небото на земјата. Туку, зборот ми е, драг читателу, дека, следејќи ја шифрираната согледба на Достоевски во „Идиот“, гледаме дека во безбожната цивилизација, исто како и за времето на Ирод, Христос и сите христолики за антихристите се наивни, не разбирајќи ги законите на егзистенцијата, па затоа се и малоумни. Идиоти.
Тука ставаме сега точка, драг читателу, ќе продолжиме идната среда со уште една битна варијација на поставената тема во нашиот есеј, а тоа е разликата меѓу идиотот и лудиот, нешто што им е нејасно на многумина. А, се разбира, тука ќе стане нешто повеќе збор и за категоријата корисен идиот, која денес има и империјален печат, а која посебно е карактеристична за подрачјето на политиката и политидиотизмот. Политиката од која, како што вели и Сократ, никој што влегол во неа не излегол неизвалкан. А пак нашиот македонски феномен е дека, имено, во неа речиси во најголем број тие што влегуваат се однапред извалкани, а оние малку чесните, ако влезат, се подготвени да се извалкаат.

продолжува