Brussels, YOU have a problem!

Бугарија со децении не сака да го признае македонското малцинство, а слична е и состојбата во Грција, каде што тамошните Македонци се соочуваат со постојани апсурдни пречки. И каде се Брисел и Европската Унија во оваа ситуација? Никаде. Имаат проблем со себе! Македонските здруженија и организации од Република Бугарија неколкупати ја тужеа сопствената држава во Стразбур. И што добија? Ништо. Молчаливоста на Брисел за ова прашање е уште една потврда дека Европската Унија го загубила компасот напуштајќи ги своите суштински постулати и еден ден сонот за обединета Европа ќе исчезне, бидејќи недостига сврзувачко ткиво. Доколку Брисел сака да го спречи процесот на распаѓање на Европската Унија, мора да се врати на своите темелни изворни принципи. Во спротивно, ќе забразди неповратно во сопствениот проблем

Секоја организација има заедничка цел и е условена од идеолошка матрица, бидејќи без јасно оцртани идеолошки принципи се губи посоката. Ова е суштина за секоја форма на организирање, без разлика дали станува збор за здружение на граѓани или наднационални сојузи, како што е Европската Унија или НАТО. Истовремено, политичките, моралните и правните погледи се показател, односно претстава врз која може да се оцени суштината на секоја организација, вклучувајќи и на Европската Унија. Во минатото, ЕУ имаше кристално јасни принципи, тука како најсуштествени секако може да се набројат демократијата, основните човекови и малцински права, како и слободата на говор. Но во изминативе неколку децении, Европската Унија се оддалечи од сопствените идеолошки вредности, а ова е сосема очигледно во случајот со Македонија како држава и сите припадници на македонскиот народ без разлика на раѓање и живеење.
Дека нештата во Европската Унија ја измениле сосема својата траекторија, потврдува фактот дека Брисел премолчено ги толерира изблиците на бугарскиот екстремен национализам, радикализам и иредентизам. Ниту една европска институција не го осуди искажувањето на Костадин Костадинов, лидерот на бугарската партија Преродба, дека Јужна Бесарабија и Македонија се дел од нашата историска мисија за враќање на геополитичката правда. Очигледно е дека Костадин Костадинов има територијални претензии кон Македонија преку повиците за присоединување на нашата држава кон Република Бугарија. Сосема логично, официјална Софија и Брисел треба да ја осудат изјавата бидејќи Костадин Костадинов како политичар поттикнува прекршување на меѓународното право, ја искривува историската вистина и промовира менување на европските нации, но тоа не се случи. Притоа не треба да заборавиме дека изјавата пристигнува од политичар од Бугарија, држава што е членка на Европската Унија.
Меѓутоа доколку внимателно се проследат политичките настани, можеме да заклучиме дека не треба да очекуваме осуда од официјална Софија или од Европската Унија, бидејќи никој досега не ги осуди бугарските екстремни политики кон Македонија, но и кон сите припадници на македонскиот народ, нешто што само по себе е потврда дека ЕУ го изгубила својата посока. Но апсурдот не завршува тука, со децении Брисел ја толерираше Грција, поради што дојде до промена на уставното име на Македонија, а денес ја толерира и Бугарија, нешто што е особено очигледно од нашата преговарачка рамка со ЕУ.

Да се навратиме од почеток. Основната идеолошка рамка на Европската Унија се слободата и човековите права, но таа денес е само празна флоскула. Само замислете, во Европската Унија живеат граѓани што не можат да ги остварат своите права, само поради тоа што имаат македонско национално чувство и го говорат македонскиот јазик. Тука сосема логично се поставува прашањето – дали Македонците што се родени и живеат во Република Грција и во Република Бугарија се граѓани на Европската Унија? Наједноставниот одговор гласи – не. Вистина е дека на нивните лични документи, како што е патната исправа, пишува дека се граѓани на ЕУ, но во суштина не се, бидејќи не можат да ги остварат основните човекови и малцински права.
Бугарија со децении не сака да го признае македонското малцинство, а слична е и состојбата во Грција, каде што тамошните Македонци се соочуваат со постојани апсурдни пречки. И каде е Европската Унија во оваа ситуација? Никаде. Македонските здруженија и организации од Република Бугарија неколкупати ја тужеа сопствената држава во Стразбур и што добија, ништо.

Молчаливоста на Брисел за ова прашање е уште една потврда дека Европската Унија ги напуштила своите суштински постулати и еден ден сонот за обединета Европа ќе исчезне, бидејќи недостига сврзувачко ткиво. Доколку Брисел сака да го спречи процесот на распаѓање на Европската Унија, мора да се врати на своите првобитни принципи. Мора да ги осуди сите пројави на екстремен национализам, радикализам и шовинизам, вклучувајќи го и оној што пристигнува во Софија. Не може радикалниот национализам и иредентизам да бидат европски принципи, бидејќи се во спротивност со суштината на Европската Унија, како што се слободата и човековите права. Моралното возобновување на Европската Унија може да започне со целосно почитување на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија и Република Грција, но и сенс за Македонија како држава, нација и општество. Колку порано Брисел ќе го разбере ова, толку порано ќе го спречи сопственото распаѓање.
Што се однесува до целиот македонски народ, без разлика каде живее, тој ќе преживее. Македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., ќе бидат зачувани, без разлика дали Брисел ќе го толерира или не бугарскиот екстремен национализам. Македонците го пребродија петвековното ропство, ќе го преживеат и моралното опаѓање на Европската Унија.