Маскираниот градоначалник Јаким од Мерв

(…созерцание за евиденцијата на Ѓорѓи Борхес под наслов „Сеопшта историја на бесчесноста“ во која е поместена епизодата за бојаџијата Хаким од Мерв…)

„Личноста е друга личност кога ќе се преведе“ – Гавин Евард, минатиот век, во „Лондон магазин“…
Овој почеток е стандард според кој секој што се повикува на запис од друг јазик мора да си обезбеди отстапки за да бидат прифатени пренесувањата на пораките, во случајов особено заплеткани. Позајмувам наслов од шпански јазик, кој го користам како англиски превод, а намерата ми е да ги расчистам недовршеностите (иако токму тие се основа за почитта што во светот на литературата ја ужива Борхес) на наративот што би сакал да го успокојам во сферата на македонскиот јазик. Признавам дека е амбициозно, но ова стоеше потребно и доволно време со мене и, еве, се осмелувам да го соопштам. Вака…
Бојаџијата Хаким се појавува во евиденцијата на Борхес во 8 век како роден во Мерв – Бактрија. Важно е да се евидентира дека во тоа време се споменува градоначалник на Мерв со истото име. Борхес почитувајќи ја LICENTIA POETICA одбира бојаџија за својот наратив. Понатаму, не смее да се изостави историско-географскиот факт дека Мерв е основоположен како оаза Александриjа и потоа Антиохија уште во 4 век пред Христа и дека таму е родена Роксана мајката на Александар IV.
Овде… мора да се потсетиме дека гробот на Роксана е речиси среде Струмица и дека Сорос плати да не заборавиме да знаеме и… „ние знаеме дека тоа е гроб на Струма (или антички или од среден век!!!), која била тежок македонски предавник ама од љубов голема?!!!… (ДОБРО… КОЈ ГИ ИЗМИСЛУВА ОВИЕ НЕДОВЕТНОСТИ?!!!)…
Да се вратам на бојаџијата пред да ме повлече интелектуалната сиромаштија на оваа секојдневност… Значи вака. Скромно да си го земам делот од поетската слобода и да го преведам Хаким на македонски Јаким. Моето оправдување е: шпанскиот правопис буквата „Ј“ ја чита како „Х“… мислам… може да се прифати… Ајде, конечно да започнам:
…Не е раскажана прецизно твојата историја Јакиме од Мерв и има објаснение:
1. Мерв е оаза во Персија и настанот (според Борхес) се случува во 8 век по Христа, но во град што е основан во 4 век пред Христа, недалеку од лозјето каде што денес се смета дека е направена најстарата шира, недалеку од најстариот град на светот Јазд, кој има архитектонски реминисценции во Битола. Пред Христа или по Христа во секој случај – Буенос Аирес сѐ уште го нема на географските карти.
2. Твоето име до денес е симбол – титула за градоначалник во Мерв. Ти како секој бележит градоначалник си оставил легенда. Доколку легендата е поврзана со разочарувачки исход (твојот е таков случај), таа низ времето се пренесува со шепот.
3. Замисли шепот што треба да стигне до Македонио Фернандез, семејниот пријател на Ѓорѓи Борхес, во Буенос Аирес, просторно оддалечен 15.000 километри и временски 2.100 години! Тие игри во нашата традиција спаѓаат во „детски“ иако и возрасните со апетит ги играат. Овде ги викаме „расипан телефон“.
4. Борхес го презел шепотот од прикажувањата на писателот Фернандез и како предан библиотекар нашол слично во Националната библиотека на Аргентина. Потоа како даровит раскажувач ја сместил твојата историја во уникатната „Сеопшта историја на бесчесноста“.

5. Должни сме (препорака на секој сериозен собир на светските историчари) да ја проверуваме секоја книга што се обидува да го обликува нашето сеќавање. Ова важи за секоја генерација и за секој ден!
6. Историјата на географијата на Мерв имплицира можност настанот да не се одиграл во 8 век на новата ера туку многу порано…
Приказната е позната. Борхес подвлекува дека бојаџијата Јаким со чудо се извлекува од смртта. Ние можеме и да му одземеме од фасцинацијата дефинирајќи го настанот со леопардот како статистичка веројатност, но важни се поединостите.
Бојаџијата е етикетиран (од неговите очигледно гризодушни сограѓани) и е затворен во иста просторија со леопард. Го направил невозможното: излегол жив без гребнатинка, а леопардот предел внатре и бил ослепен!? Вчудовидениот собор барал објаснение, а исто толку вчудовидениот Јаким објаснил (дали тоа биле негови објаснувања или нешто друго говорело низ него…) дека кој и да е, што и да е, кога и да е, ако Јакима го погледне в лице ослепува и дека затоа тој мора да носи превез преку образот. Соборот го прогласува (со право) за светец…
Овде е важно да се нагласи дека и Борхес укажува на непостојаноста на изворот за хагиографијата на Јаким: дека е пренесувана и од арапската традиција, дека е поврзувана со алхемискиот центар Хорасан, дека маската првично била главата на Минотаур, а потоа станала бел свилен превез… Прераскажувањата на легендите се доходен бизнис, но вариететите ни укажуваат дека хагиографијата на Јаким е од постар датум, дури и пред основањето на бактријската Александрија. Прераскажувањата ја збогатуваат со Тројството. Јаким секаде патува со двајца придружни коњаници, кои, се разбира, се слепи (уште еден показ дека станува збор за предание што не е изворно исламско – Куранот не признава Тројство)… Јаким е веќе секаде прифатен како инкарнација на Севишниот и Борхес наведува добар список со неговите чуда. Држејќи се до уверувањето дека оваа легенда е од арапско потекло (додворување до вкусот на западноевропската публика), Борхес воведува харем. Сите во харемот се слепи – вака поставениот наратив не може да го избегне тоа. Но Борхес воведува конкубина, која ги надитрува и потоа хистерично соопштува дека лицето на бојаџијата е разјадено од лепра.
Јаким е повторно пред соборот што го затвори со леопардот.
Прогласен е за измамник и исечен на парчиња. Преданието сепак не ги изостава неговите последни зборови: СЕГА, САМО ЗНАМ ДЕКА ОСЛЕПЕВТЕ И НЕ МОЖЕТЕ НАВИСТИНА ДА ГО ВИДИТЕ МОЈОТ ОБРАЗ!…
И сега?
Легендите ги дефинираме како аугментирани наравоученија. Македонскиот сензориум тежнее кон лаконизми. Љубомудрие. На пример:
1. НЕМОЈ ДА СЕ ПРЕТСТАВУВАШ ЛАЖНО
2. НА ЛАГАТА Ѝ СЕ КУСИ НОЗЕТЕ
3. ДО ВИСТИНАТА СЕ СТАСУВА САМО АСИМПТОТСКИ
4. ВИСТИНАТА Е БЕСМИСЛЕНА
5. ЗА ДА РАЗБЕРЕШ ПРВО ТРЕБА ДА ВЕРУВАШ
…а сега Јакиме Јакиме, градоначалнику на Мерв? Кое наравоучение ќе биде?

Кога не можеш да разбереш од збор следува симбол.
Леопардот… симболот на престорањето за да се обезбеди опстанок… но и симбол на автентичност, верување во себе, процена на состојба и брза соодветна акција што обезбедува предност… Во македонското наследство често го гледаме леопардот. Древните македонски мозаици се полни со ова таинствено животно иако Пела и другите древни градови науката не ги смета како животна средина за оваа мачка…
Минотаурот… маската што Борхес ја заменува со бел свилен превез… Зошто?… Западната симболика за Минотаурот предвидува ароганција, тврдоглавост, страв, темни страсти, несвесно…, но Борхес лично не препознава ништо такво во неговата анализа на микенскиот мит. За него Минотаурот е надарена моќна општествено етикетирана личност, која е претажна поради општествената осуда и само бара некој што ќе ги скрати нејзините маки..
Инфилтрираната конкубина… мислам… јасно е… и нема потреба од многу зборови… Вака:
ШТО ГО РАЗЛИКУВА НАДАРЕНИОТ ОД ПРОСЕЧНОТО МНОЖЕСТВО? СТЕПЕНОТ НА ВЕРА. Дарениот ДАЛЕКУ ПОВЕЌЕ ВЕРУВА, СООДВЕТНО ДАЛЕКУ ПОВЕЌЕ ВЕРУВА ВО СЕБЕ И СООДВЕТНО НА ТОА ВЕРУВА И ВО ДРУГИТЕ… Дарениот не знае дека е надарен. Множеството го препознава. Така, тој мора да биде и надарен, но и свесен дека е надарен. Леопардот ослепува. Минотаурот се предава на апатија. Јаким е растргнат од гневната толпа, која смета дека е измамена.
Одамна правата линија не е најкусо растојание помеѓу настаните и судено е да се повторат. Секоја триумфална порта, всушност, е мост. МОСТ што подвлекува два настана. Епохи. Не можам да понудам многу примери подалеку од оваа топија. Сега и тука. Не се ни потребни за да го најдам наравоучението…. И… не треба многу фантазија да ги препознаеме настаните и ликовите од Борхесовата историја на бесчесноста по сообраќајниците на нашиот главен град… и… не е важно колку приказната е вистинита.
Важно е наравоучението: АКО БИДЕШ ПОВИКАН НА СОБОР – ПРОВЕРИ КОЈ ГО ОРГАНИЗИРА… АКО ПОВИКОТ ИМА НАМЕРА ДА ОЦРНУВА, ПРОВЕРИ ДАЛИ ТИЕ ШТО ОЦРНУВААТ СЕ ДОСТОЈНИ ЗА ТАКВА ОДГОВОРНОСТ… АКО ПОВИКОТ ИМА НАМЕРА ДА ВОЗГОРДУВА НЕКОЈ ПРОВЕРИ, ДАЛИ ТОЈ НЕКОЈ МОЖЕ ДА ЈА ИЗДРЖИ ТАКВАТА ОДГОВОРНОСТ… АКО И САМО АКО ПОЧУВСТВУВАШ ВО СЕБЕ КАКО ОД СЕБЕ ПОВИК ЗА СОБОР – ВЕРУВАЈ И ПОЈДИ БЕЗ ПРОВЕРКА… ВО СОБОРОТ Е ВИСТИНАТА…
МАКЕДОНСКАТА, НАРОДНАТА, ОД ТОРБАТА НА ТЕРЗИЈАТА
ЗАБОРАВЕНАТА…

Вангел Божиноски