Македонскиот „орешник“

Тоа е тој светец од икона што пука Ацо Шопов

Човекот, вели Вилијам Блејк, е битие на визии. Само со тој господов дар можат да се видат и ангелите, кои тој ги видел како дете низ прозорецот на гранките на дрвото наместо лисја, за што кога му го кажал тоа на татко му добил дебел ќотек. Визиите во таа смисла, како што би рекол Рембо, се некој вид „растројство на сетилата“ (принципот на синестезијата), кога тие ја преминуваат својата реална граница и се наоѓаат во трансцендентална екстаза, па окото слуша, а увото гледа. Тоа е мигот на усвитена интуиција, или на апсолутна имагинација. Мене, драг читателу, ми се случувале такви нешта, едно од нив, многу карактеристично, и во раното детство кога ја читав фасцинантната приказна „Убавицата и ѕверот“, поточно на местото кога царската ќерка повтува да го скине забранетото алово цвеќенце во градината на чудовиштето и кога како резултат на тоа блеснува силна светкавица и екнува гром. Јас на тој драматичен ред од приказната сетилно ја доживеав таа случка, ја видов заслепувачката светкавица што ја осветли собата во која читав и го слушнав јасно громот што екна речиси истовремено со неа. И никому до денес не сум го кажал тоа, зошто и јас, збунет, сè уште не знам дали тоа беше сон или јаве, а најверојатно беше на работ од двете.
Малку чуден метафизички вовед за нашата денешна тема што не изгледа на прв поглед таква, ама изгледа и е таква, бидејќи и македонскиот „орешник“, за кој ќе позборуваме, некако молскавично ми се јави во свеста како светлина и гром, слични на оние од случката со моето читање на „Убавицата и ѕверот“, длабоко врежана во мојата длабока детска свест. Некој вид „спонтана онтологија“ како што би рекол Башалар, во која лесно се мешаат и си ги заменуваат во македонската историска и колективна онтолошка судбина времињата на минатото, сегашноста и иднината, при што минатото со новите поколенија што минуваат во меморијата пред да се родат низ предците и прапредците се искачува на местото на иднината, а иднината обратнопропорционално го зазема местото на минатото во жива проекција на родот кого цивилизацијата го положува во мртовечки идентитетски ковчег како што се случи тоа во Преспа 2018. Малку необична временска граматика, но не и метафизички спекулативна како што го прави тоа Свети Августин со неговите бескрајни аналитички варијации на темата време, за што ретко дека некој му е рамен. Но за тоа другпат и во друга колумна. Сега, пак, таа специфична македонска временска граматика ја начнавме, драг читателу, само затоа што сега и таа природно се вклопува во темата на македонскиот „орешник“.

А како дојдовме до тоа, до македонскиот „орешник“. Него на чуден начин, и во поинаква перспектива, по аналогија како светкавица ни го потшепна рускиот „орешник“, од неодамна појавен, а веќе со светска слава на полето на воената технологија на која сè уште работат најмоќните нации во светот во кој е присутна, и покрај сиот технолошки и културен развој, палеолитската психологија на ордата. Во таа психологија со големи еволуциски скокови се дојде од камениот нож, лакот и стрелата на Алтамира до атомската бомба и Хирошима и Нагасаки. Рускиот „орешник“ промовиран пред некој месец во Украина како одговор на НАТО и Западот, кои ја конструираа перверзно руско-украинската војна, е последен крик на совршена балистичка ракета против која е немоќен каков било одбранбен систем. И еве сега главоболки за агресивниот Запад, кој отсекогаш имал анимозитет кон Русија, сонувајќи ја нејзината смрт, иако таа уште од времето на Петар Велики копнеела за цивилизациска амалгамизација со Европа. „Орешник“ сега имено е по брза постапка измислен од во секој поглед инвентивната руска наука за одбрана на Русија од смртта што ѝ ја замислил евроамериканскиот НАТО – Запад. Во таа смисла и ги покани Владимир Путин, не без иронија, западните сили да дојдат во Киев со своите најмоќни воени технологии за да ја согледаат како легитимна цел моќта на руската балистичка ракета.
Така. Отсекогаш европскиот Запад на неговите моќни колонијалистички, помали и поголеми држави одел паралелно на два колосека: култура и варварство. Но изгледа дека културата не успеала да го потисне нагонот за варварство на таа лакома за грабеж на туѓи блага цивилизација, во која, и денес преоблечена во фустанот на лажната демократија, ги препознаваме, најмногу во политиката, нејзините нови темплари, крстоносци и конквистадори. Тие го обновија Хитлеровиот план за потиснување и ништење на Словените, посебно на нивното православно крило. Руско-украинската војна е евидентен факт за тоа. Во неа најперверзно украинските војници се наемни работници во корист на НАТО против големата Матушка. Но пред тоа, тој Барбароса-концепт на Западот добро го вкусија и Србите во 1999 со 78-дневното западно бомбардирање. Сепак најмногу и во тој мрачен план пострадаа Македонците. Врз нивен грб Европа го оживеа и го обнови фашизмот само три години по, мислевме, победата над него, со геноцидот на Македонците во Егејска Македонија со англиските бомбардери од американско потекло полни со напалм-бомби и со смрт. Но откако виде Западот дека Македонците се отпорни на физичка смрт премина на идентитетски геноцид, кој го изврши со ликвидација на името во Преспа 2018-та, а сега го довршува со таканаречената „француска рамка“ за доликвидација до последен атом на македонската историска, митска и културно-цивилизациска меморија. Веројатно затоа и што знаат дека Македонија и Македонците се генетскиот, јазичниот и културно-цивилизациски епицентар на словенството, кое толку го мразат Англосаксонците. Што значи дека и во хаосот на историјата речиси нема случајни работи. Логичките закони на варварите се едноставни и математички прецизни.

Да. Русија е не само голем ум туку и голема сила и може да се брани и одбрани. Сега тука за таа цел е и нејзиниот „орешник“ што малку му ја потсмрзна крвта на Макрон, кој не ја научил руската лекција на Наполеон, а и на тој „со убавата фризура“ (Борис Џонсон), како што го именува фигуративно Путин, во Лондон. Тоа е тоа, но сега конечно доаѓаме до, уште на почетокот од овој текст, загатнатиот како мит и мистика македонски „орешник“. А истиот тој не на работ, туку во самото средиште од прашањето како да се одбрани некогаш моќното, а сега, како што велеше Конески, мало „смачкано племе“. Кај е неговиот „орешник“? Дали е тој нивен праизум со кого во епохата на Алексадар го освојувале светот, а можеби и сега го имаат во својот воинствен арсенал да се бранат така столчени од цивилизацијата, особено по смртоносната Преспа 2018? Дали? Оти Македонците имале и ум и срце и космополитски визии за еднаквост, слобода и братство меѓу народите во кои основната движечка сила била универзалната љубов, која Исус ја кондензира во едноставна микроетика: „Сакај го ближниот како што се сакаш себе“. Таа визија е праисконска за Македонците и како одлика на нивната колективна душа. Таква, по генетска линија на предците и прапредците таа стасува и кај современите поколенија Македонци. Неа Гоце генијално ја формулира во сликата визија на светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа, имено, е културолошката етика, дефицитна отсекогаш во Западната цивилизација, која е темел на сите големи религии, па оттука и не е случајно што Исусовиот најревносен апостол Павле по божјо провидение стаса, имено, во Македонија за да ја тргне оттука кон Европа браздата на новата цивилизација – христијанството.
Да. И ете го, драг читателу, македонскиот „орешник“. Сега ти е конечно јасно, како и на мојот пријател Борче, дека тој не е технолошка, туку културолошка направа, изум чие оружје е духовната светлина, која не загрозува никого. Напротив, таа има трансцедентална преображенска моќ на просветление, да ги потиснува темните зони на варварскиот мозок и цивилизациските урнатини што ги открива во нив да ги населува со културолошки градини и духовни овоштарници. Така, драг читателу, а ако сакаш сега, малку метафизички замаглен како темен кристал, кој меѓутоа не ја загубил внатрешната светлина, да му дадеме поцврста физиономија со појасни антрополошки линии нему, еве го на дело пак поетот. Ацо Шопов поет на небиднината како метафизика на човековата егзистенција, но и на македонската егзистенцијална и историска несреќа. Е, тој го дефинира македонскиот „орешник“ во само еден стих од неговата култна книга на современата македонска поезија „Гледач во пепелта“. Тој стих ние го ставивме во таа смисла и како мото на овој текст. Стихот: „Тоа е тој светец од икона што пука“. Стих што отвора далекосежни аналогии и асоцијации во македонскиот историски и метафизички простор на опстојба со неколку милениуми наназад, и од таму наваму сè до денес со столетија нанапред. И што може да открие една мала микроанализа на овој стих на поетот, во кој ние, драг читателу, ја откривме тајната на македонскиот „орешник“. Едноставно: прво дека неговиот изумител е светец, и второ, платформата од која се фрла таа далекострелна културолошка балистичка ракета е Икона. Иконата, која во македонската архетипска имагинација ги означува симболички семејниот и божествениот простор на македонската колективна душа, која од своја страна, како што го покажува тоа нејзиното неколкумилениумско искуство, него го проектира и како универзална слика на човештвото за негов духовен мир и благосостојба.

Така значи стојат работите со македонскиот културолошки „орешник“, со „светецот од икона што пука“ како негова основна и единствена платформа, катапултот од кој лета во светот неговиот дух натоварен со културолошка светлина, македонскиот „орешник“, кој, да не заборавиме да го подвлечеме тоа, драг читателу, исто така како и рускиот, но на поинаков начин, сега од дамнина ја плаши оваа западна отсекогаш морално гнила цивилизација. Залудно цели неколку тома мисла потроши Емануел Кант за да ѝ ја втисне во нејзината душа моралната норма, како априори основен закон на човековото постоење, кое без неа е мртво. За таа цел тој, иако атеист, сепак го употреби и бог како нејзин постулат за да го магнетизира, мислам пред сè западниот човек, на кој му припаѓал, кон просторот на божественото. Но гледаме дека не успеал во тоа. А кон тоа многу поприродно од него и без неговите метафизички спекулации нив ги упатуваа Македонците. Западот преку Французите во еден историски миг се сети на македонскиот Светец од икона што пука, на неговиот културолошки принцип за општо братство на народите што го реализираше и во пракса македонската држава на Александар Македонски. Тоа беше Француската револуција на Бастилја. Но, за жал, во таа револуција беше на дело и изумот на месје Гилотен, гилотината што сечеше глави, а која и до ден-денес го задржа својот крвав елан витал. Неа „демократска“ Европа нам, на Македонците, ни ја донесе во Преспа 2018 да ни ја пресече без око да ѝ трепне нашата колективна идентитетска глава.
Така. При крај сме, драг читателу, веќе ја газиме црвената линија на дозволениот простор. Само уште да ги видиме поважните катапулти од кои беше лансирана нашата културолошка балистичка ракета „орешник“. Пракатапулт од кого полета таа со лет од милениум и половина, колку што траеше пишувањето на Библијата, беше набргу по потопот од кој излезе Ное со синовите Сим, Хад и Јафет. Од тој последниот, најмалиот, сме потомци ние, а по името на неговиот внук Китим и е именувана нашата земја во почетокот-прапочеток на нашето постоење. За тоа говорат првите страници на првата книга Битие на Библијата. И од таму нашата културолошка ракета патува по златната цивилизациска линија сè до последните брегови на Новиот завет на Светото писмо заедно со господовиот подарок за Македонците и целата Западна паганска цивилизација апостол Павле. За тоа стана збор. Следниот важен и за нас и за целиот словенски свет, што значи и за Европа, катапулт од кој полета нашиот културолошки „орешник“ со духовна просветителска светлина беше оној на Солунските браќа Кирил и Методиј, а потоа и на Климент, Наум и другите нивни ученици, седмочислениците. Потоа речиси милениум, сè до романтизмот и преродбата на народите следуваа мрачни периоди на западното богохулие во кое неговите темплари и крстоносци уништуваа сè што е свето и повторно го распнува Христос на нивната неосветлена од Светиот Дух цивилизација. Тука се, се разбира, и конквистадорите, кои од Колумбо и Магелан наваму, сè до денес, колонизаторски го пустошат светот на послабите и сиромашните. Преродбата на космополитскиот романтизам како цивилизациски феномен меѓутоа бргу згасна во Европа, која водена од мотиви на материјална пљачка, не духовна, отвори самата две големи светски војни за неверојатно кус период меѓу нив. Тие го обележаа дваесеттиот крвав цивилизациски век. Но и во него, во тој хаос и катастрофа којзнае по кој пат Македонците, „смачканото племе“, ја лансираа својата цивилизациски позната културолошка балистичка ракета, и пак за да ја освестат и просветлат подивената Западна цивилизација. Неа сега ја лансираат, надоврзувајќи се на праисконот на македонските космополитски идеи Гоце Делчев со неговата просветлена и просветителска визија: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Така. И за тоа од неблагодарната цивилизација, драг читателу, ни беше вратено со нејзината „демократска“ гилотина што сече глави во Преспа 2018. А ако некаква утеха по таа ликвидација ни останува, тоа е сликата што ја видов еднаш во визија на новиот потоп во кој пак во него не беше потопен само Арарат и на него со златни букви пишуваше Македонија.