Сè поголем број студенти и граѓани ме прашуваат со резигнација: Професорке, зошто кај нас нема протести како во Србија? Ми велат: Погледнете ги тие храбри млади луѓе колку масовно и стамено се борат за подобра земја и како поводот (падот на натстрешницата во Нови Сад) го канализираат во една широка агенда на барања упатени на долгогодишното авторитарно владеење на Вучиќ и компанија! Зошто сме ние како зомби? Зошто овде нема протести од таков вид? За миг сум збунета и си велам: Па, зарем не се сеќаваат? Пред само десет години минавме низ таков период, кој од целосен восхит кон студентите се претвори во резултат на една обоена (шарена) револуција поттикната од надвор! Но, тие се доста помлади. Веројатно многу малку знаат за она што нам ни остави длабоки лузни. Гледано од денешна перспектива, мнозина од нас на кои им беше „пукнал филмот“ (вклучувајќи ме и мене) не сакајќи ја одигравме улогата на корисни идиоти. На почетокот мислевме дека водиме легитимна битка за заштита на уставно гарантираната универзитетска автономија. Иако тоа беше апсолутно легитимна цел (како натстрешницата во Србија и невладеењето на правото), отпосле стана јасно дека таа била само поводот. Дури и студентите си признаа дека не било сè баш така спонтано, дека имале подготвителни средби, помош од секаков вид итн. Со други зборови, сцената и методите веќе биле поставени: постоело сценарио, вистински актери (не секогаш оние во првите редови), финансии, план и крајна цел за надворешно менување на режимот. Се сеќавам колкумина од академската и интелектуалната сцена од Србија, па и многу пошироко, ни се восхитуваа и ни даваа поддршка.
Но, додека сме биле во еуфорија поради (само)организирањето „одоздола“ во „самостојни и самоуправни пленуми“ (идеја позајмена од Хрватска и БиХ), некаков вид вистинска партиципативна демократија, па и Филозофскиот факултет доби обележје на „ослободена зона“, во која се јадеше, пиеше и спиеше, а се одржуваа и некакви перформанси, па излегоа „jавни интелектуалци“ и држеа предавања во аулата на небаре „отворен универзитет“… во заднината се подготвувал централниот чин. By the book! Според упатствата на Стејт департментот, ЦИА, УНДП, НЕД итн. веќе беа поставени темелите за она што мојот драг американски колега Гери Сусман веќе го имаше наречено „револуција според модел“ (template revolution). Пленумизацијата, таа самоуправна и натполитичка форма на носење одлуки и активизам, набрзо се преточи во политичко движење „Јас протестирам“ (#IProtest) и се прелеа на улиците и плоштадите. И тоа, на почетокот сè уште изгледаше „апсолутно (демократски) романтично“ – особено за земја во која доминантни слогани се „сведната глава сабја не ја сече“ и „молчењето е злато“. Романтичниот превез од очите се симна набрзо – за оние што сакаа да видат дека за универзитетската автономија ги болеше уво. Падот на Груевски и инсталирање власт што ќе продаде сè за да влеземе во НАТО беше во главата на режисерот. Дури и демократијата или корупцијата беа декор за оние со шаторчињата – беше битно да се биде „запад“ што поскоро. Малкумина ќе се сетат дека таа иста 2014 година се случи и Евромајдан во Украина (со иста геополитичка цел); ехото на тие „херојски настани“ допираше до Скопје. Социјалдемократите од очај дури се закануваа и со Арапска пролет (гледате сега што стана со сите тие земји што ги огреа сонцето од западната страна на светот).
Македонската „шарена револуција“ заврши со продажба на македонството, во замена за воена алијанса и геополитичко позиционирање, и со лидери за кои дури и Груевски изгледа како Черчил. Деновиве на насловна страница на српски магазин го видов ликот на историчарката Дубравка Стојановиќ со наслов „На Србија ѝ е потребен еден Заев“. Не знаев дали да плачам или да се смеам. Знам, знам која е таа и која ѝ е идеологијата, ама Заев да го бараш со борина е или идиотизам или тотално незнаење! Подобро нека каже: Вучиќ го даваме заедно со Косово, само и ние да влеземе во НАТО и ЕУ.
Поради сето ова, српската пролет нам, на повозрасните, ни буди спомени – и сомнеж. Можеби грешиме, не знам, ама кога ќе се изгориш на млеко, дуваш и на јогурт. Сцените што успевам да ги видам будат дежа ви чувство, особено сценографијата. Црвената боја на рацете и улиците, која треба да покаже крволочен режим и страдалници што се подготвени со живот да се борат за ЕУ и НАТО – веќе видено. Девојки што пркосат пред полицајци – веќе видено (нашата додуша ставаше кармин огледувајќи се во штитот на полицаецот – но фотографијата го обиколи светот). Идејата за неистакнување лидери на движењето, за хоризонтално поврзување и пленумско одлучување, широка агенда во која секој може да се препознае и солидаризира – и (зло)употреба на една трагедија – сето тоа сме го минале. Сега ги живееме плодовите на таа увезена (божем) револуција, во која најсиромашните и најзагрозените не ни учествуваа. Оние што тогаш беа божем нелидери се сместија на соодветни места и удомија (некои од нив дури и во парламентот или владата). Заеднички учествуваа во разнебитувањето на Македонија, без око да им трепне за оригиналната цел: автономија на универзитетот и издигање на квалитетот на високото образование. За манипулацијата со Мартин Нешковски е тешко и морбидно и да се зборува. Иако ме клеветат за Шарената револуција, јас со мирна совест ќе кажам: не случајно бев првата што се повлече (па, дури и бев линчувана од соборците) од пленумот, сфаќајќи каде лежи зајакот. Шарените имаа аргументи, но беа проѕирни – затоа никогаш не излегов со нив. Ниту еднаш! Затоа, со чиста совест, здрав разум и силни аргументи го напишав научниот труд за химерата на Шарената револуција и го објавив во француско списание. Ја деконструирав како надворешна интервенција.
Ако ехото за нашата „револуција“ доаѓаше од Киев, ова во Белград може да има многу голема поврзаност со она што се случува во Тбилиси. It’s geopolitics, stupid! Сè е геополитика, глупчо! Единствен разумен глас што се обиде да најде нишка во случувањата во Србија деновиве беше оној на Борис Буден. Неговата најнова книга носи јасен наслов „Транзиција кон никаде“.
Поентата е дека онаа ветена транзиција по 1990-тите воопшто и не беше смислена да доведе до вистинска демократија (неолиберална, се разбира), туку до ширење на геополитичкото влијание на Западот заради сопствени интереси. Во меѓувреме Западот доживеа економски, политички и морален пад (со кулминација токму во 2024 година и геноцидот во Газа, а сега и масакрите низ Сирија), па нашата наводна транзиција има само една завршна точка. Одговорот на тоа каде ќе „завршиме“ лежи во идиотското прашање: дали си за Трамп или за Путин/Ши? Тоа е единственото прашање за кое Западот покажува интерес кога станува збор за регионот (на бивша Југославија). А светот се смени. Мина времето во кое одговорот на секој проблем/прашање беше – Западот! Западот веќе не може да најде одговори ни на сопствениот пад и кризата што го разјадува однатре. Затоа и српските протести, како што забележува Буден, не будат посебен интерес во европската јавност, па цинично заклучува дека ќе привлечат повеќе симпатии ако наместо со српски, мавтаат со украински знамиња и исфрлаат пароли на англиски. Неговите зборови бараат длабока рефлексија, има многу болни вистини во нив, но тоа не значи дека геополитичката војна одамна ја нема ставено Србија на својата агенда. Не само поради литиумот и другите ресурси (за кои всушност Вучиќ и е подготвен да ги даде) туку западните воени центри не можат да си дозволат повеќе егзистирање на систем (режим?) што не е 102,3 отсто прозападен. Вучиќевата положба на маневрирање и седење на два стола станува нестабилна. А бројот на корисни идиоти што и натаму бараат спас од Западот не се намалува. Политиката на улицата и слабата (изгубена во западната вселена) опозиција немаат визија за сопственото општество. Тие (како и нашиве) сакаат некој да ги посвои, да ги удоми и да ги третира како инфантилни деца, ама барем ќе им обезбеди некаква егзистенција.
Најнаивната работа во овие протести е персонализацијата на виновникот, на оној што треба да падне по секоја цена – но ние сме најдобар пример на земја што со смена на еден лик доби два-три пати полоши лидери, а неоколонијалниот и вазалски систем остана ист: заснован на клиентелизам, корупција, грабеж, отсуство на морален компас, повикување на сите што сакаат да го експлоатираат и последното јавно добро што случајно останало, учествување или давање поддршка на сите нивни одвратни војни и туркање кон нуклеарен армагедон. И тоа го нарекуваат патриотизам и прозападна перспектива (избројте колкупати нашата претседателка ја спомна ЕУ во годишниот говор во Собранието). Иронијата на судбината на нашата Шарена револуција е што до неа дојде заради смена на името и влез во НАТО, а со тоа и во сите негови воени прокси војни, а единствен добитник е Шекеринска, онаа што активно учествуваше во сценариото со „кампот на слободата“ и шаторчињата (во кои таа секако не влегуваше). Такви шаторчиња, но и други реквизити, сега гледате во Тбилиси. Се прашува човек само дали има некоја логистичка фирма за издавање и транспорт на опремата за овие обоени револуции. Романскиот врховен суд поништи легален изборен процес на претседателски избори – а отпор нема. Во Молдавија ги наместија изборите – се разбира отпор нема. И да не набројувам…
Затоа, драги мои пријатели, млади и стари, сетете се на 2014-та и сè што следуваше, па ќе видите зошто овде времето на романтичните протести помина. И нема да се врати додека стоиме цврсто на бедемот на западниот авторитарен и империјален марш низ светот.