Не беше тоа одамна. Беше во НУБ „Климент Охридски“. Немав намера да пронајдам статистички податок за бројот на страници посветени на македонската архитектура. Имав намера да направам копија од Еупалино. Претходникот (читателот што пред мене ја користел масата) оставил отворена страница од еден број на „Евростат“и прочитав податок дека во Европа се издаваат 1.000 наслови дневно на тема архитектура! Архитектурам… архитектураш… архитектура… добро: Колку наслови дневно на македонски (за архитектура) се печатат во Македонија?
Кога сум на изворот да се напијам, го отворам долапчето под А (ова се случува пред дигитализацијата), барам… многу малку на кирилица. Да се обидам со фиоката М (одиме преку атрибут, на пример „македонска“, уште помалку Да прошириме со К (култура, на пример) или со У (урбано) или си Р (под разно)…
Празно. Поразно е што при делењето со 365 не може да се добие макар еден наслов дневно. А да се обидам со број на страници? Ако ги пребројам сите страници, ќе добијам барем една дневно. Но, не!
Резултатот беше една проста реченица дневно. Мислам дека кога денес, според дигиталните записи, дигитално би ја повторил пресметката, резултатот би бил ист.
Потоа организирав изложба во музеите на Македонија. Ја насловив: 2Архитектурата и средствата за јавно информирање“. Потоа заминав на Широк Сокак да присуствувам на една свеченост.
Свеченоста не беше најавена – јас не знаев дека ќе бидам присутен!
Некаде првата недела по Преображение, сите вратени од одмори, излегов од куќата на Дедо Мате, преку Драгоро на Широк Сокак. Ене, нема столови по улицата да го негираат постоењето на улицата. Куќите направиле кордон за ненајавената манифестација, а граѓаните се дојдени. Народ тече непречено. Сите насмеани рака под рака како на модна писта во свечено руво, ѕевгарито, испростумени врват кон Тумбе кафе, 1.500 метри, размена на погледи, поздрави, гестови… А од спротива се враќаат и возвраќаат претставувајќи се себеси пред градската урбана сецесија, 1.500 метри назад. Бабите седнати на камењата пред порти или наведнати преку балконските огради, шушукаат, се плете митолошката подлога на Битола. А граѓаните, со часови,во одмерен ритам течат, вечно маѓепсани од древната традиција на која никој не ѝ го знае коренот.
Парадна улица. Корзо. Не знам зошто и денес мислам дека тоа беше последното корзо? Верувам: затоа и беше ненајавено.
Кога кристализираше оваа традиција во македонските градови?
Во дигиталната библиотека решението е стандардно очекувано: зборот е заемка од некој „понапреден“ јазик, а навиката е или од „турско“ или од „српско“ или од некое уште „понапредно“ време, се задржало малку, но сега веќе се смета за назадно и готово.
Зошто моите спомени за Битола се врамени како врвна свеченост што сум ја доживеал токму во процесијата на бујниот градски живот, кој во точно определен ритам, надвор од сите други празнувања и одбележувања, ги оформува колективната свест и митологија на градот и зошто сум убеден дека не е позајмена мода од посветлата иднина?
Има еден јазик што е составен од камењата на празнината. Безгласен е. Нем. Немиот говор на просторот. Веројатно најстарото светско писмо, чија важност сериозно ќе ја разниша ренесансната печатарска машина, како што ќе забележи Виктор Иго. Но „цвеќето на злото“ ќе го обессили влијанието на јазикот на архитектурата, но не и асимптотската блискост до вистината што може да се прочита од архитектурата и археологијата. Значи, не кој прв почна со корзо, туку кој прв воведе широк сокак во градоградителството?
Вавилон оформува процесија од Иштар до Мардук, 800 метри, на места со широчина од 18 метри… Нектанебо гради авенија на сфингите од Инет-Исут до Те-апет (користам оригинални имиња наместо interpretatio graeca), 1.400 метри, со широчина на места до 7 метри. Има и други примери кај старите цивилизации, но вакви процесии се секогаш поврзани со ноуменот, со оној свет. Светот на темната материја… нејзината светлина ќе ја видат одбраните….
Македонската цивилизација воведува свечена улица во феноменот за феноменот. За оваа светлина за овој живот и за свеста за оваа светлина. За животот овде – сега. За тие што живеат во градот и не како подготовка за живот во повисоката сфера на ноуменот. Не како попатна станица пред вечноста, која прима само одбрани. Во Александрија сите се еднакво збрани жители. Затоа парадната улица е двапати поширока во однос на најголемата парадна улица во Вавилон – 36 метри, и два пати подолга – 3.000 метри.
Авенијата Канопе не се користи во случај на последното патување на владетелот до портите на вечноста или на однапред поставен датум во годината. Канопе е секојдневна променада на александријците, традиција, творечки чин како благороден повик на благородни чувства, љубов, восхит, почит, радост. Свеченост на животот. Изложба. Корзо. Македонизам… во 117 година по Богомладенецот Трајановиот наследник Хадријан ја посетува Александрија. Пристига приквечер. Се спушта ноќ и тој според римските навики сака што побрзо да се обезбеди зад портите на палатата. Забележува дека градот не е притаен. Напротив, сѐ е свечено и свети! Хадријан првпат меѓу Македонците сфаќа дека е можно улично осветлување, дека е можно градовите да живеат и ноќе. Се упатува кон главната улица. На улицата парадна прошетка на граѓаните. Секој се претставува во најдобра светлина… Корзо…
Александриското корзо е востановено со проект на царскиот архитект Дејнократ. Процесија во слава на животот – македонизам… Спротивно на египетската психолошка структура, која ја слави смртта. Последното корзо во Александрија е изрежиран настан. Судбината му го додели настанот на Каракала – Римјанинот што најтешко се справуваше со суетата. Тој, погоден од шегите на негова сметка, кои беа производ на Александрија, објави датум за обнова на македонската фаланга (која ја укина како воена единица уште Емилио Паул во 168 пр. н.е.). Според негово сценарио требаше македонската младина да се построи во познатиот ред на парадната улица и потоа Каракала ќе ја изговори обновата по речиси 300 години… Мајките ги построија своите синови на парадната улица, 40.000… Славната македонска фаланга…
Каракала се појави со војска од сите соседни улици и ги масакрира сите. Тоа беше последното корзо во Александрија.
Македонските градови (сите традиционални и новоизградени по експедицијата на Александар III) ја препознаваат оваа традиција. Би се осмелил да напишам дека Битола како град на Птоломеите е основоположник на оваа ревија.
Го нема веќе корзото во Битола. Наместо течење животна река, има столови и чадори. Седење. Но ги нема бабите на камењата пред порти, нема шепотења. Треба да се вика за да те чуе соговорникот во столот до тебе. Од тоа викање не може да се гради митологијата на градот. Ако погледнеш отстрана: нема мит, ама за мито зборуваат сите, гласно, викаат… каде е… кој е денес Каракала…?!
Мислам…
Можеби…
Ќе се врати…
Корзото или Каракала?
Вангел Божиноски