Постмодерни паланчани

Политики на паланката (10)

Дојдовме до последната колумна од овој серијал посветен на паланечкиот менталитет во политиката, драги мои. За да не биде дека, фокусирајќи се на „Филозофијата на паланката“ на Радомир Константиновиќ, слепо сум се ограничил на балканското гледиште (иако станува збор за сјаен интелектуалец), ќе покажам дека и врвни светски (западни) интелектуалци ги критикуваат и едниот и другиот тип паланечко мислење: оној, конзервативниот, што упорно се држи до традиционалните вредности на паланката, и оној, „авангардниот“, што упорно ја негира „родната грутка“, се срами од неа и некритички се воодушевува од „космополитските“ вредности. Еден таков интелектуалец е Тери Иглтон, едно од првите имиња на современата филозофија, теорија на книжевноста и културологија. Како да го читал Радомир Константиновиќ, тој во својата книга „Култура“ пишува за тој дуализам својствен за секој паланечки менталитет, мислејќи пред сè на паланчаните „космополити“:
„Модерните уметници, кои со презир ја отфрлија својата родна грутка во име на покосмополитскиот стил и егзистенција, мешајќи се со колегите од другите земји во некое полиглотско бистро, го сметаа тоа за волшебна еманципација. Но, тоа исто така може да значи дека биле без корен, носталгични и несреќни. Барем умерен степен на идентитет и стабилност се неопходни за секаков човечки живот. Постојаната дезориентација не е политика, без разлика што замислувал Жил Делез“.
Оваа жестока критика на постмодерните „космополитски“ паланчани добива на тежина со повлекувањето за уши на еден од најцитираните (и оттаму – ПОМОДНО цитираните) постмодерни филозофи, Делез. Јас лично сум убеден дека оние што најмногу го цитираат кај нас – го немаат читано, а го немаат читано затоа што е извонредно тежок за разбирање, речиси белетристички реализиран, што не значи дека нема свои тези. Кај нас, пак, во Македонија, колку е човек понеразбирлив, повеќе вреди. Затоа, во изминатава деценија имавме модни интелектуални писти по кои дефилираа наши Делези и квазимислители од постмодерна ориентација, заслепени од Европа (и „светот“) како селанче што дошло во град по инјекција и првпат видело семафор. Политичката гарнитура на која верно ѝ служеа како врвни „интелектуални“ сателити, трубејќи цитати препишани од постмодерни дајџести, сега падна од власт. Но плитките и попаланчени идеи на постмодерната филозофија и натаму се во оптек по одредени медиуми, портали и кај одредени јавни личности, кои многу сакаа да бидат европски интелектуалци, ослободени од „коренот“ и „нужникот на предците“. Рака на срце, факт е дека тие идеи стануваат сè потивки, што е само знак дека бракот меѓу науката и политиката отсекогаш бил однапред промашен. Завршува откако ќе заврши „медениот месец“: и да била науката верна, била изневерувана од политиката. Жално е тоа, ама така е.

Тери Иглтон нека биде финалето на овие мои белешки за политичката постмодерна паланка. Иглтон е пример за интелектуалец – дисидент од светската, глобална паланка, таков што се обидува да мисли со своја глава кога сите мислат со главата на глобализацискиот homo politicus. Во поглавјето „Постмодерни заблуди“, тој жестоко ги критикува флоскулите на постмодерната политичка мисла, кои нашата „проевропска“ паланка некритички ги усвојува како догми (а се бори против догмите на „националната паланка“). На пример, Иглтон го напаѓа некритичкото усвојување на „магичните“ космополитски „вредности“ – диверзитетот и плуралитетот. Во врска со ПЛУРАЛИТЕТОТ, се прашува дали секој плуралитет е сам по себе добар? Подобро ли е да имате 100 неофашистички партии или една? Потоа тврди дека неосталинистичките режими во Источна Европа не ги урна ДИВЕРЗИТЕТОТ, туку единството. Жестоко се спротивставува и на некритичкото прифаќање на ДРУГОСТА (уште еден тотем на глобалната политичка паланка), истакнувајќи дека некои форми на другоста треба да се уважат (хендикепираноста), но некои не – педофилијата или трговијата со дрога, на пример. Ни ХИБРИДНОСТА не е поштедена од критика, зашто постојат хибриди што се обични збирштини: „Организација составена од јакобинци, психопати, љубители на НЛО и адвентисти не е штетна, но во општествен поглед тие нема да постигнат ништо“. На удар е и поимот РАЗЛИЧНО МИСЛЕЊЕ: „Различните гледања не треба да се ценат само затоа што се различни. Општество во кое постои мислење дека чамците со мигранти треба да се потопат, а има и мислење дека мигрантите треба да се удомат, не е подобро само затоа што има спротивни мислења“, вели тој. Ни ИСКЛУЧИВОСТА понекогаш не е лоша: „Забраната жени да возат автомобил е за осуда, ама исклучувањето на неонацисти од редовите на професорите – не е“. Ни УНИФОРМНОСТА не е секогаш лоша: на пример, „потребен ни е консензус за укинување на детската проституција“. На тој список на „попаланчени“, догматизирани „вредности“, Иглтон го става и поимот МАЛЦИНСТВО: „Не треба ни сите малцинства да се прифаќаат. Владејачката класа е едно такво малцинство“. И навистина, кога ќе се погледне кој владее со светот и ќе се сфати дека парите се кај малцинство од стотина најбогати луѓе, човек треба да се запраша: за каква ИНКЛУЗИЈА воопшто зборуваме, кога едно привилегирано малцинство се однесува ексклузивно кон мнозинството? Секојдневно се среќаваме со лицемерството на поимот ИНКЛУЗИВНОСТ: „Се почитува правото на различно облекување, обожување или водење љубов како кој сака, додека правото на пристојна плата се оспорува. Кривично дело е да се навредуваат етничките малцинства на јавно место, ама не е кривично дело да се навредуваат сиромашните“, вели Иглтон.

Како заклучок на сите овие свои објекции, Иглтон ја нуди тезата дека денешниот дискурс на културните студии (а јас би рекол и на филозофијата на политиката) самиот е ИСКЛУЧИВ, а ја критикува ИСКЛУЧИВОСТА. Таквите „интелектуалци“ детално „се занимаваат со сексуалноста, но не и со социјализмот и социјалната правда. Станаа против расистите и хомофобите, но не стануваат против експлоатацијата на евтината работна сила. Ѝ пеат фалбоспеви на маргиналноста, а не гледаат дека на мнозинството му се цица крвта, преку капитализмот“, вели тој. Нема сомнеж дека Иглтон е на позициите на неомарксизмот, но не треба да се заборави дека марксизмот, кој беше идеолошки жигосан од капитализмот како „тоталитаризам“, на ниво на филозофија беше еден од најкохерентните начини на мислење. Крајниот заклучок на Иглтон е: постмодерната филозофија во своите почетоци наликуваше на критика на капитализмот; денес „таа се претвори во начин да се молчи за капитализмот“.
Дали тоа е триумф на паланечкиот молчалив РЕДУКЦИОНИСТИЧКИ дух, кој забранува некои теми, како што во класичната паланка е забранет говор за гениталиите? Дали и „проевропската“ паланка сака да КОНЗЕРВИРА некои вредности како свети и недопирливи (а имено – капиталистичкото цицање крв), и тоа со истата жестокост со која роднокрајната паланка го чува дури и нужникот на своите предци како свето место? Дали и двете струи се целосно некритички – првата кон „космополитските“, а втората кон „националните вредности“? Што им треба за да престанат да бидат – паланечки дух?
Им треба – мислење со своја глава. Но кај нас, традиционално – секоја глава си има своја интелектуална шапка. Ама не секоја интелектуална шапка си има и своја глава.
Се читаме, кога повторно ќе дојде време за тоа.